Ибн Халдун
From Wikipedia, the free encyclopedia
Remove ads
Ибн Халдун ( арап. أبو زيد عبد الرحمن بن محمد بن خلدون الحضرمي, Abū Zayd ‘Abd ar-Raḥmān ibn Muḥammad ibn Khaldūn al-Ḥaḍramī) - арапски историчар, социолог, економист и демограф[6], роден во Тунис на 27 мај 1332, починал во Египет на 17 март 1406 година. Се смета за еден од основоположниците на модерната историографијата, социологијата, економијата и демографијата.[7]
Најпознат е по делото, Мукадима или Пролегомена ("Вовед") под чие влијание биле османлиските историчари од 17 век како Ќатип Челебија, Ахмед Џевдет-паша и Мустафа Наима, кои ги користеле теориите во книгата да го анализираат подемот и падот на Отоманското Царство.[8] Европските историчари од 19 век исто така ја признавале важноста на книгата и го сметале Ибн Халдун за еден од најголемите филозофи на средниот век.[9][10]
Remove ads
Историски контекст
Во 13 век, по падот на Алмохадите кои ја одбележале средновековната цивилизација на Магреб, унифицирајќи го регионот,започнал еден долг период на анархија и сиромаштија.[11]. Во 14 век, Меринидите го контролирале западен Магреб (денешен Алжир) додека Хафсидите владееле со Ифрикија (денешен Тунис и источниот дел на Алжир) Овие три династии директно или индиректно потекнувале од Алмохадската династија[11], се бореле за превласт во Магреб и постојано биле под закана на арапските племиња и од дисиденцијата на берберските племиња кои живееле во близина, секое во рамки на неговите поединечни граници.
Животот на Ибн Халдун се одвивал во една многу проблематична епоха, обележана со разни социо-политички превирања, со појавата на црната смрт и со непрестајните династички борби во Магреб. Впрочем, смртта на секој владетел отворала нова криза околу наследството на власта којашто кралските синови сакале да ја приграбат само за себе.[11] Секоја династија сè повеќе и повеќе се индивидуализирала и покрај заедничките корени, додека меринидската династија се обидувала да го унифицира Магреб, на начин како што тоа го сторила алмохадската.[11] Градовите растеле и играле значајна верска, културна и политичка улога во секоја од државите. Тлемсен, Константин и Беџаја броеле по 40.000 жители, Маракеш околу 60.000 а Фес и Тунис имале над 100.000 жители што била голема бројност на население на тоа време.[11]
На Пиринејскиот Полуостров, последните муслимански кралства се обидувале да го сопрат напливот на галската и кастиљската Реконквиста, додека Истокот се соочувал со турско-монголските инвазии.
Remove ads
Животопис

Животот на Ибн Халдун е релативно добро документиран, бидејќи тој напишал автобиографија (арапски: التعريف بابن خلدون ورحلته غربا وشرقا, at-Taʻrīf bi-ibn Khaldūn wa-Riḥlatih Gharban wa-Sharqan[13]), во која се цитирани голем број документи во врска со неговиот живот.
Абдурахман бин Мухамед бин Мухамед бин Мухамед бин Ал-Хасан бин Џабир бин Мухамед бин Ибрахим бин Абдурахман бин Ибн Халдун, главно познат како "Ибн Халдун", според некој далечен предок, е роден во Тунис во 1332 (732 по хиџра) во влијателно и побогато андалусиско семејство со арапско потекло. Едниот од предците на семејството, според него, бил јеменитски Арап кој бил во сродство Ваил ибн Хуџр, придружник на исламскиот пророк Мухамед. Семејството кое имало многу влијание во Андалусија, по падот на Севиља во 1248 година, емигрирало во Тунис. За време на туниската хафсидска династија некои од неговото семејство имале политички функции. Таткото и дедото на Ибн Халдун сепак се повлекле од политичкиот живот и се приклучиле на редот на мистиците. Неговиот брат, Јахја Ибн Халдун, исто така, бил историчар кој напишал книга за абдалвадидската династија, и кој бил убиен од страна на соперник за да биде службен историограф на дворецот.[14]
Во својата автобиографија, Халдун си го кажува потеклото уште од времето на Мухамед преку арапско племе од Јемен, поконкретно од Хадрамут, кое дошло до Пиринејскиот Полуостров во осмиот век, на почетокот на исламското освојување. Самиот рекол: „И нашето потекло е од Хадрамут, од Арапите од Јемен, преку Ваил ибн Хуџр исто така познат како Хуџр ибн 'Ади, еден од најдобрите Арапи, добро познат и почитуван." (стр. 2429, издание Ал-Waraq). Сепак, биографот Мухамед Енан се сомневал во ова негово тврдење, велејќи дека неговото семејство можеби биле Мувалади[n 1] кои тврделе дека имаат арапско потекло со цел да стекнат со социјален статус.[15] Енан, исто така споменува добро документирана традиција од минатото, во врска со одредени берберски групи, при што тие самите се "воздигнуваат" со арапски предци. Мотивот за тоа секогаш било желбата за политички и општествени напредувања. Ова се шпекулирало и за семејството на Халдун, дека Ибн Халдун и самиот бил со берберско потекло како и поголемиот дел од жителите на неговото родно место. Сепак, исламскиот историчар Мухамед Хозиен вели дека "наводниот [Берберски] идентитет ќе значел во времето кога предците на Ибн Халдун ја напуштиле Андалусија и се преселиле во Тунис но тие сепак не го промениле тврдењето дека се со арапско потекло. Дури и во времињата кога Берберите биле на власт, за време на владеењето на Ал-Марабатс и ал-Мовахидс, и др. семејството на Ибн Халдун не го барале нивното берберско наследство".[16] Најсилен показател на неговото арапското јеменитско потекло се неговата генеалогија и презимето.[17]
Образование

Високиот статус на неговото семејство му овозможил на Ибн Халдун да учи со најдобрите учители во Магреб. Тој добил класично исламско образование, учење на Куранот кој го научил напамет, арапска лингвистика, основа за разбирањето на Куранот, хадит, шеријат (закон) и фик (надлежност). Тој добил диплома (арапски: الإِجازَة ijazah , "дозвола", "овластување") по сите овие предмети.[18] Математичарот и филозофот, Ал-Абили од Тлемсен, го вовел во математиката, логиката и филозофијата, и тој пред сè ги проучувал делата на Авероес, Авицена, Рази и Туси. На возраст од 17 години, Ибн Халдун ги изгубил обата родитела од Црната смрт, интерконтинентална епидемија на чума што го погодила Тунис во 1348-1349.[19] Тој за чумата зборува во неговото дело Мукадима:
Страшна чума надојде врз народите на Истокот и Западот; таа сурово ги измачи нациите, однесе голем дел од оваа генерација, ги сотре и ги уништи најдобрите резултати на цивилизацијата. Се покажа себеси кога империите беа во ера на декаденција и се доближуваа до крајот на нивното постоење; таа им ја скрши силата, им ја потисна моќта, ги ослабна до тој степен што им се закануваше целосно да ги уништи. Земјата престана да се обработува поради недостиг на луѓе; градовите беа опустошени, зградите паднаа во урнатини, патиштата беа избришани, спомениците исчезнаа; куќите и селата останаа без жители; нациите и племињата ја изгубија својата сила, а целата земја си го смени ликот.[20]
Раните години во Тунис, Фес, Тлемсен и Гранада

Според семејната традиција, Ибн Халдун се борел за политичка кариера. При бурната политичка ситуација во Северна Африка, ова барало многу вештина внимателно да се создаваат и прекинуваат сојузништва, за да не се падне заедно со минливите режими на времето.[21] Автобиографијата на Ибн Халдун е приказна за авантура, во која тој поминува време во затвор, ги достигнува највисоките функции и паѓа повторно во егзил.
На 20 годишна возраст, тој ја започнал својата политичка кариера на функцијата Катиб ал-'Аламах (носител на печатот) кај тунискиот владетел Ибн Тафракин[22], која се состоела од пишување калиграфски воведни белешки на официјални документи. Во 1352, Абу Зиад, султан на Константин, го нападнал Тунис и го поразил. Ибн Халдун, кој не бил среќен со неговата почитувана но политички бесмислена функција, со учителот Абили заминал за Фес. Таму султанот Абу Инан Фарес од маринидската династија го назначил за пишувач на кралските прогласи. Во 1357 година, обвинет за сплетки против интересите на султанот 25-годишниот Ибн Халдун 22 месеци поминал во затвор. По смртта на Абу Инан во 1358 година, везирот Ал Хасан Ибн Умар го ослободил од затвор и му го вратил рангот и функцијата. Кога Абу Салем дошол на власт, тој му дал на Ибн Халдун министерско место, прва функција која одговарала на неговите амбиции. Наскоро нови превирања придонеле Абу Салем да ја изгуби власта и на негово место да дојде некој пријател на Ибн Халдун, Ибн-Амар Абдула, кој не му дал значајна службена положба. Ибн Халдун затоа се одлучил да се пресели во Гранада. Тој можел да биде сигурен дека таму ќе има топло добредојдовте, бидејќи во Фес тој му помогнал на султанот на Гранада, Насрид Мохамед V, да се врати на власт по неговиот привремен егзил. Во 1364 година, султанот Мухамед му доверил дипломатска мисија кај кралот на Кастиља, Педро Суровиот, со цел склучување на мировен договор. Ибн Халдун успешно ја спровел оваа мисија и учтиво ја одбил понудата на Педро да остане во служба на неговиот двор и да си го поврати имотот кој порано во Шпанија го поседувало неговото семејство. Во Гранада, Ибн Халдун брзо влегол во конкуренција со везирот на Мухамед, Ибн ал-Хатиб, кој со недоверба гледал на блиските односи помеѓу Мухамед и Ибн Халдун.[11] Ибн Халдун се обидел да го обликува младиот Мухамед според неговиот идеал на мудар владетел, потфат кој Ибн ал-Хатиб го сметал за глупав и опасен за мирот во земјата а историјата покажала дека бил во право. На поттик на ал-Хатиб, Ибн Халдун на крајот бил испратена назад во Северна Африка. Самиот Ал-Хатиб подоцна бил обвинет од страна на Мухамед дека има необични филозофски погледи, и бил убиен, и покрај обидот од страна Ибн Халдун да се заложи во името на својот поранешен соперник. Во неговата автобиографија, Ибн Халдун малку кажува за неговиот судир со Ибн ал-Хатиб и за причините за неговото заминување.
Назад во Африка, хафсидскиот султан на Беџаја, Абу Абдала, (со кого заедно бил во затвор) го пречекал со голем ентузијазам и го назначил Ибн Халдун за свој прв министер. Во текот на овој период, Ибн Халдун вршел смела мисија за собирање на даноците меѓу локалните берберски племиња. По смртта на Абу Абдала во 1366, Ибн Халдун повторно ја сменил страната и се зближил со султанот на Тлемсен, Абул л-Абас. Неколку години подоцна, тој бил затворен од страна на Абу Фарис Абдул Азиз, кој го поразил султанот на Тлемсен и го освоил престолот.
Политичката умешност на Ибн Халдун и неговите добри односи со дивите берберски племиња, му носеле предност кај северноафриканските владетели, иако тој самиот почнал да станува уморен од политиката. Во 1375 година, бил испратен од Абу Хаму, Абу l Вадид султанот на Тлемсен, на мисија кај племињата на давадитските Арапи од Бискра. На враќање на Ибн Халдун побарал засолниште кај едно од берберските племиња, во западниот дел на Алжир, во градот на Калат Ибн Салама. Тој таму живеел повеќе од три години, под нивна заштита, користејќи ги предностите на неговата изолација за да го напише делото Мукадима (Пролегомена), воведот на неговата планирана историја на светот. Во Ибн Салама, сепак, тој ги немал потребните текстови за да ја заврши работата.[23] Како резултат на тоа, во 1378, тој се вратил во својот роден Тунис, кој во меѓувреме бил освоен од Абу л-Абас, кои го земал Ибн Халдун назад во неговата служба. Тука тој се посветил речиси исклучиво на своите студии и да ја завршил неговата историјата на светот. Неговата врска со Абу л-Абас останала затегната, како што подоцна тој се сомневал во неговата лојалност. Ова било уште позасилено откако Ибн Халдун му покажал копија од завршената историја каде ја немало вообичаената панегирика за владетелот. Под изговор дека ќе оди на аџилак во Мека[24] – нешто кое муслимански владетел не можел едноставно да го одбие - Ибн Халдун успеал да го напушти Тунис и да заплови за Александрија.
Последните години во Египет

Додека другите исламски региони морале да се справуваат со војни и внатрешни судири, Египет под власта на Мамелуците живеел во период на економски просперитет и високата култура. Сепак, дури и во Египет, каде што Ибн Халдун ги живеел неговите последни години, тој не можел да остане надвор од политиката во целост. Во 1384 египетскиот султан го назначил за професор на медресата Камија и за голем кадија на Малики школата за фик (едно од четирите училишта, Малики училиштето било широко распространето пред сè во Западна Африка). Неговите напори за реформи сепак наишле на отпор, и во рок од една година, тој морал да поднесе оставка од неговото судство. Дополнителен фактор за одлуката да поднесе оставка може бил и тешката лична трагедија што го погодила во 1384, кога бродот со неговата сопруга и децата потонал во близина на брегот на Александрија. Ибн Халдун тогаш одлучил сепак да го заврши аџилакот до Мека.
По неговото враќање во мај 1388, Ибн Халдун се сконцентрирал посилно на образовната функција во различни медреси на Каиро. Во дворецот некое време ја немал наклонетоста на султанот, како за време на немирите против Азахир Сејфадин Баркук кога– очигледно под принуда – заедно со другите каирски судии издал фатва против Баркук. Подоцна односите со Баркук се вратиле во нормала, и тој бил повторно именуван за кадија. Севкупно, тој шест пати бил назначуван на оваа висока функција, но од различни причини никогаш на функцијата не останувал долго.
Во 1401, под власта на наследникот на Баркук, неговиот син Фараџ, Ибн Халдун земал учество во военiot поход против монголскиот освојувач Тамерлан, кој го опсаднал Дамаск. Ибн Халдун се сомневал во потфатотот на новиот султан и не сакал да го напушти Египет. Неговите сомнежи биле оправдани, бидејќи младиот и неискусен Фараџ, загрижен за бунтот во Египет, ја оставил својата војска во Сирија и се вратил дома. Ибн Халдун седум недели останал во градот под опсада, со јажиња го спуштиле преку градските бедеми со цел да преговара со Тамерлан, во историска серија на средби за кои тој опширно зборува во својата автобиографија.[25] Тамерлан во детали го испрашувал за условите во земјите на Магреб и на негово барање, Ибн Халдун дури и напишал долг извештај за истото. Како што ги признал намерите за ова, тој не се двоумел, при враќањето во Египет, да состави подеднакво долг извештај за историјата на Татарите заедно со студијата на карактерот на Тамерлан, испраќајќи ги истите на меринидските владетели во Фес (Магреб).
Ибн Халдун следните пет години ги поминал во Каиро и работел на завршувањето на неговата автобиографија и историја на светот и извршувал функција на учител и судија. За време на овој период, тој, наводно за се придружил на тајната партија по име Риџал Хава Риџал. Нивните реформски ориентирани идеали привлекле внимание на локалните политички органи и старешини. Ибн Халдун бил уапсен. Тој починал на 17 март 1406 година, еден месец по неговиот шести избор на функцијата кадија (судија).
Remove ads
Творештво

Китаб ал-Ибар
Главното дело на Ибн Халдун е Китаб ал-Ибар или "Книга за лекции" (целосен наслов на арапски: Kitāb al-ʻIbar wa-Dīwān al-Mubtadaʼ wa-l-Khabar fī Taʼrīkh al-ʻArab wa-l-Barbar wa-Man ʻĀṣarahum min Dhawī ash-Shaʼn al-Akbār - „Книга за лекции, записи за почетоците и настани во историјата на Арапите и Берберите и нивните моќни современици"), првично замислена како историја на Берберите , но подоцне прошенари во фокусот на универзалната истора.иј
Китаб ал-Ибар е поделена на седум книги.
- Ал-Мукадима (Вовед),[26][27] се смета за прва книга.
- Книгите од 2 до 5 ја покриваат светската историја на човештвото до времето на авторот.
- Книгите 6 и 7 зборуваат за историјата на берберските народи и Магреб.
И покрај грешките во делото од 14 век од Фес, Равд ал-Киртас, (веројатно на Ибн Аби Зар), од каде Халдун црпел извори за делото, тоа сепак останува важен извор за берберската историја. Историографскиот труд е дополнително критикуван заради неговата синтеза на повеќе (понекогаш контрадикторни) извори во отсуство на оригинални цитати, и тука Халдун отстапува од класичниот стил на арапските историчари, како што се Ибрахим Ибн ар-Ракик (~d.1028) или ал-Малики.[28]
Во однос на социологијата, тој ја смислил теорија на општествениот конфликт. Ја развил дихотомијата на седентарниот живот наспроти номадскиот, концептот на "генерацијата", како и неизбежната загубата на сила што се случува кога пустинските воини го освојуваат градот. Според современиот арапски историчар, Сати ал-Хусри, Мукадима може да се чита како социолошко дело. Темите обработени во него вклучуваат политика, урбаниот живот, економија и знаење. Делото се заснова на централниот концепт на Ибн Халдун за асабија (арапски: aṣabiyyah), кој е преведен како "социјална кохезија", "групна солидарност" или "племство". Оваа социјална кохезија произлегува спонтано во племињата и други мали сродствени групи и може да се интензивира и зголеми од страна на религиозна идеологија. Анализата на Ибн Халдун е за тоа како оваа кохезија носи групи на власт, но содржи во себе – психолошко, социолошко, економско, политичко - семе за пропаста на групата која може да се замени со нова група, династија или империја поврзана со посилна (или помлада и поенергичнз) кохезија. Ибн Халдун би цитиран како расистички, но неговите теории за подемот и падот на империјата немаат расна компонента, и ваквото читање на неговите дела е повеќе резултат на погрешни толкувања или преводи.[29]
Можеби најчесто цитирано набљудување на делото на Ибн Халдун е мислењето дека кога општеството станува голема цивилизација (и, веројатно, доминантна култура во регионот), по најголемиот подем следи период на пропаѓање. Ова значи дека следната сплотена група која ја освојува пропаднатата цивилизација е, во споредба со неа, група на варвари. Откако варварите ќе ја зацврстат нивната контрола врз освоеното општество, сепак, тие стануваат да привлечени од порафинираните аспекти, како што се писменоста и уметноста, па или ги асимилараат или ги усвојуваат таквите културни практики. Потоа, со тек на времето, поранешните варвари ќе бидат освоени од страна на нова група на варвари, кои ќе го повторат процесот.
Други дела на Халдун
Од други извори се дознава за неколку други дела, напишани главно во Северна Африка и Ел-Андалус.
- Неговата прва книга, Лубаб ал Мухасал (арапски: Lubābu l-Muhassal - Квинтесенција на теологијата) која е коментар на исламската теологија на Фахралдин ал-Рази, била напишана на 19 годишна возраст под надзор на неговиот учител ал-Абили во Тунис.[30]
- Делото за суфизмот, Shifā ' l-Sā'il, било напишано околу 1373 во Фес, Мароко.
- Додека бил на дворот на Мухамед V, султанот на Гранада, Ибн Халдун напишал дело за логика, Алака за султанот (арапскиʻallaqa li-s-Sulṭān)[11].
- Автобиографијата која ја напишал во тврдината на Бени Салама - (Târif) каде што освен податоците за неговиот живот разјаснува и детали за пишувањето на неговото најзначајно дело.
Remove ads
Наследство

Ибн Халдун првпат го привлекол вниманието на западниот свет во 1697, кога неговата биографија се појавила во Ориентална библиотека на Бартелеми д‘Еберло де Молнвил. Поголемо внимание привлекол по 1806, кога Арапската хрестоматија на Силвестр де Саси ја вклучила неговата биографија, заедно со превод на делови од Мукадима преведено како Пролегомена.[34] Во 1816, де Саси повторно ја објавил биографијата со подетален опис на Пролегомена.[35] Комплетното арапско издание било објавено во 1858. Оттогаш, делото на Ибн Халдун поопширно се изучува во западниот свет.[36]
- Британскиот историчар Арнолд Џ.Тојнби ја нарекол Мукадима филозофија на историјата, која е несомнено најголемиот труд од ваков вид која некогаш било создадено[37]
- Британскиот филозоф Роберт Флинт го напишал следново за Ибн Халдун: "како теоретичар на историјата му немало рамен во било кој период или земја, сè додека Вико не се појавил, повеќе од триста години подоцна. Платон, Аристотел, и Августин не му биле современици, а сите други не вредело ни да се споменуваат заедно со него".
- Абдерахман Лахсаси напишал: "Ниеден историчар на Магреб а особено на Берберите не може без неговиот историски придонес."[38]
- Британскиот антрополошки филозоф Ернест Гелнер смета дека дефиниција на Ибн Халдун на власта - „институција која ја спречува неправдата, освен онаа што самата ја прави" - е најдобрата во историјата на политичката теорија.[39]
- Егон Орован, кој го измислил терминот социономија, бил под влијание на идеите на Ибн Халдун за еволуцијата на општествата.[40]
- Артур Лафер, по кого е именувана Лаферовата крива, напоменал дека, меѓу другите, некои од идеите на Ибн Халдун им претходеле на неговите.[41]
- Во 2006 година, Фондацијата за економски истражувања Атлас започнала годишен натпревар во пишување на есеи за студенти. Името на натпреварот е во чест на Ибн Халдун. Темата на конкурсот е "како поединци, тинк-тенкови, универзитети и претприемачи можат да влијаат на владините политики за да се овозможи слободен пазар да се развива и да се подобри животот на граѓаните врз основа на Исламските учења и обичаи."
- Во 2006 година, Шпанија ја одбележала 600 годишнината од смртта на Ибн Халдун.
Remove ads
Белешки
- The Spanish, Portuguese and Catalan words muladí, muladi or muladita are derived from the Arabic muwallad. The basic meaning of muwallad is a person of mixed ancestry, especially a descendant of an Arab father and a non-Arab mother
Наводи
Литература
Надворешни врски
Wikiwand - on
Seamless Wikipedia browsing. On steroids.
Remove ads