Кедар
From Wikipedia, the free encyclopedia
Remove ads
Кедарот (науч. Cedrus) — род на четинари од семејството на боровите (Pinaceae). Овие дрвја се автохтони во Средоземјето, на височина од 1.000–2.200 м и западниот дел на Хималаите, на височина од 1.500–3.200 м.[1]
Remove ads
Опис

Овие дрвја растат до висина од 30–40 м (напати и до 60 м) и имаат мирисливо смолесто дрво, дебела испапчена или квадратно испукана кора и широки рамни гранки. Леторастите (изданоците) се од два типа: долгорасти, кои го кочинуваат костурот, и краткорасти на кои се наоѓа зеленилото. Листовите се зимзелени иглички со должина од 8–60 мм, распоредени во отворена спирала на долгорастите и збиени снопчиња од по 15–45 на краткорастите. По боја се движат од светлозелени до темнозелени и пепелави синозелени, зависно од дебелината на восочниот слој што ги штити од сушење. Шишарките имаат облик на буренца, долги се 6–12 см и широки по 3–8 см. Неузреаните се зелени, а зрелите имаат сивокафеава боја. При полна зрелост се распаѓаат и испуштаат семки со крилца. Семките се долги 10–15 мм, а крилцата по 20–30 мм. Секоја семка има по 2–3 „отока“ што содржат смола со непријатен вкус, како одбрана од верверички. Шишарката узрева за една година, а опрашувањето се врши на есен. Семките достигнуваат зрелост во истото време следната година. Поленовите шишарчиња излегуваат кон крајот на летото и го испуштаат поленот на есен. По облик се јајцевидни и долги 3–8 см.[1][2]
Remove ads
Кедарот во Македонија
Во Македонија растат и успешно се одгледуваат атлантскиот (C. atlantica), либанскиот (C. libani) и хималајскиот кедар (C. deodara).[3] Покрај стопанската употреба, дрвјата се застапени и по градовите како хортикултурно уредување.
Таксономија
Родот има пет таксона, од кои четири се видови и еден е подвид:[1][4][5][6][7][8][9][10][11][12][13]
- хималајски кедар (C. deodara, syn. C. libani subsp. deodara) — западни Хималаи. Листовите се светлозелени до бледи синозеленкасти, долги 25–60 мм; шишарките имаат малку засртени лушпи.
- либански кедар (C. libani) — шишарките имаат мазни лушпи; два до четири подвида:
- либански кедар (C. libani subsp. libani) — планини во Либан, западна Сирија и јужно-централното подрачје на Турција. Листовите се темнозелени до синозелени, долги 10–25 мм. Автохтониот ареал на овие дрва е прочуената шума на „Божјите кедри“ од Библијата.
- турски кедар (C. libani subsp. stenocoma) — планини во југозападна Турција. Листовите се пепелесто синкаво-зелени, долги 8–25 мм.
- кипарски кедар (C. brevifolia, syn. C. libani subsp. brevifolia, C. libani var. brevifolia) — планини на Кипар. Листовите се синозелени, долги 8–20 мм.
- атлантски кедар (C. atlantica, syn. C. libani subsp. atlantica) — венец Атлас во Мароко и Алжир. Листовите се темнозелени до синозелени, долги 10–25 мм.
Екологија
Кедрите се приспособени да живеат на планинска клима. Во Средоземјето зиме се во снег, а лете на суша, додека пак во западните Хималаи добиваат вода претежно преку летни монсунски врнежи.[1]
Употреба

Кедарот ужива голема популарност како украсно дрво и е мошне застапен во хортикултурата краишта каде зимската температура не оди под −25 °C. Турскиот кедар е малку поотпорен, и издржува до −30 °C. При пониски температури дрвјата обично умираат.[14] Успешни и долготрајни одгледувачи на кедар се земјите од Средоземјето, западна Европа и на север до Британија, јужна Австралија и Нов Зеланд, како и југот и западот на Северна Америка.
Дрвото и маслото на кедарот се природна одбрана од молци,[15] и затоа се користат за обложување на внатрешноста на креденци и сандаци каде се чуваат волнени облеки. Оваа употреба на кедарот е спомената уште во Хомеровата „Илијада“ (Книга 24), каде Пријам оди во одаја обложена со кедрово дрво за да земе скапоцености со кои би си ја откупил слободата. Од кедар се прават и калапи за чување чевли бидеќи дрвото ја впива влагата и непријатната миризба.
Remove ads
Кедарот како мотив во уметноста
- „Младиот кедар“ — песна на македонскиот поет Блаже Конески од 1979 година.[16]
Поврзано
- Либански кедар
- Цедрела — несродно растение со сличен назив
Наводи
Надворешни врски
Wikiwand - on
Seamless Wikipedia browsing. On steroids.
Remove ads