Кркушка
From Wikipedia, the free encyclopedia
Remove ads
Кркушка[2][3] (латински: Gobio bulgaricus) — вид мала слатководна риба од семејството Gobionidae. Се среќава во Егејскиот Басен, од сливовите на реката Марица до Бистрица во јужниот дел на Балканот, во Македонија, Грција, Бугарија и Источна Тракија, Турција.
Remove ads
Опис
Кркушката има вретенесто и издолжено тело, релативно крупна глава со крупни очи. Очите се издолжени и свртени нагоре. Бојата на телото на грбот е сивозелена до сивокафеава, страните се сребренесто сиви, а долната страна е бела. На грбот има неправилни ситни дамки. На грбната и опашната перка има повеќе реда неправилни црни точки, а некогаш се појавуваат и на градните перки. Градните перки се релативно широки и јаки со жолтеникаво портокалова боја. Има долна уста, а на аглите се наоѓа еден пар добро развиени мустаќи. Кога мустаќите ќе се свијат наназад, достигнуваат до вертикалата на предниот очен раб или нешто поназад, најмногу до средината на очите. Стомачните и аналната перка се изразито бели. Предниот раб на грбната перка е малку испакнат, а долниот раб на аналната перка е рамен. Градните перки не достигаат до стомачните. Стомачните перки не достигаат до аналната перка. Долж страните на телото се наогаат 6 до 14, најчесто 10 темни пеги (или попречни ленти) чија големина одговара на големината на окото или се нешто поголеми.[4]
Remove ads
Основни биолошки одлики
Кркушката живее во мали јата при дното, каде ја бара храната. Населува чисти води, со добра проточност и песочно до глинесто дно, како и послабо проточни речни растоки. Живее и во чисти езера. Се мрести порционо почнувајќи од мај па сè до август, на песоклив и чакалест супстрат. Полово созрева од втората до четвртата година од животот при должина од 6 до 8 см. Плодноста изнесува од 1.000 до 3.000 јајца кои имаат пречник од околу 2 мм. Икрата е леплива, а развојот на зародокот трае 7 до 10 дена. Ларвите и младенчињата се хранат со ситни без’ребетници, а возрасните риби со ларви од хирономиди, ситни мекотели, икра од други риби и со растителност. Кркушката нараснува до 22 см во должина и 80 грама во тежина.[4]
Remove ads
Значење
Кркушката нема никакво стопанско значење. Има ограничено значење од аспект на рекреативен риболов. Има многу вкусно месо. Во Франција, кркушката е посебно ценета и од неа се прават специјалитети. Кај нас не е ценета поради малата големина и малку е застапена во ловините на рекреативните риболовци.[4]
Наводи
Wikiwand - on
Seamless Wikipedia browsing. On steroids.
Remove ads