Крпа (носија)

From Wikipedia, the free encyclopedia

Remove ads

Крпа е правоаголно или квадратно парче ткаенина од памук, волна или свила, кое служело како покривка за глава во женската македонска народна носија. Се јавува во носијата од сите етнографски целини и во зависност од својата форма се дели на убрус (правоаголна) и марама (квадратна). Крпата најчесто била богато украсена со вез, реси и накит.

Убрус

Крпата (убрус) е тесна и долга, правоаголна покривка за глава, изработена од памук, волна или свила, украсена со вез, монистри, китчиња, реси и сл. Како дел од македонската народна носија се среќавала во: Скопска Црна Гора, Скопска Блатија, Порече, Струшки Дримкол, Охридско Поле, Прилепско Поле и Мариово.

Во Порече, покривката за глава се нарекувала убрус. Убрусот бил извезен од двете страни (лица) и претставувал врв на македонската везбена уметност.[1] Тука (и во Кичевијата) биле изработени од ленено платно и богато украсени со реси, школки, парички и други украси.[2] Во Струшки Дримкол и Охридско Поле се нарекувала марама, во Прилепско Поле и Мариово – обрус, додека во Скопска Црна Гора и Скопска Блатија, најчест термин за ваквиот вид покривка е крпа. Во секој од овие региони, начинот на забрадување, односно покривање на главата, бил различен и типичен за локалната традиција. Во Порече, Струшки Дримкол, Охридско Поле, Прилепско Поле и Мариово, убрусот, марамата или обрусот првпат се носеле на денот на свадбата, по што останувале дел од облеката во текот на целиот живот, при што со текот на времето се менувале застапеноста и стилот на везот, украсите, боите итн.[1]

Thumb
Убрус од Мариово, НУ Музеј на Македонија

Обрусите, односно убрусите што се користеле во Мариово, Прилепско и Битолско Поле имале подолга правоаголна форма и нивните краеви биле украсени со орнаменти ткаени во самата основа на платното. По рабовите биле извезени со ситни мотиви познати како „веѓи“. Се носеле на различни начини – некои се префрлале слободно преку сокајот, додека други се виткале околу главата во форма слична на чалма. За време на свадбената церемонија, невестата ја носела оваа покривка префрлена преку рамената, по што таа добила називот прекурамник. Во периодот по свадбата, додека сè уште се сметала за невеста, жената ја носела истата покривка префрлена преку сокајот или, во поново време, преку фесот – и тогаш се нарекувала префрлач. Карактеристично за овие покривки е тоа што на двата краја имале долги реси.

Во Струшки Дримкол, Струшко Поле и Охридско Поле, врз сокајот се носела марама – убрус која имала поголеми димензии и на едната страна била украсена со широка бордура. Во Малесија везената крпа со која се покривал сокајот била со помали димензии.[2]

Во Скопска Црна Гора и Скопска Блатија, крпата (заедно со ременот), се користела како покривка за глава и кај девојките, и кај невестите, и кај омажените жени.[1] Забрадувањето го претставувало социјалниот статус - девојките носеле една крпа додека омажените жени две крпи.[2] Разликата се гледала во материјалот и украсувањето: девојките и младите жени носеле тенки свилени крпи, богато украсени со вез и поткити, додека постарите жени носеле едноставни бели памучни крпи, без дополнителни украси. Во носиите од Скопска Котлина посебно се истакнува забрадувањето на омажените жени во Скопска Црна Гора, иако тоа не го намалува значењето на начинот на покривање на главата во другите региони. Тука, традиционалното забрадување на омажената жена вклучувало две крпи – прекривач и пребрадник. Најпрво се ставал прекривачот, кој се преклопувал по ширина и имал два краја (еден подолг и друг покус) што виселе надолу по грбот. Предниот дел од крпата се набирал над челото, а целата покривка се фиксирала на главата со ремен – тркалезно и тесно ременче накитено со срма, монистра, копчиња и парички. Врз тоа се поставувале наплитци – исплетени од волнени гајтани, во кои често се вплетувала и косата. На крај, преку сите овие елементи се забрадувал пребрадникот, на специфичен начин: едниот крај се насочувал кон десното уво, а другиот висел слободно по левата страна од грбот.[1]

Remove ads

Машки крпи

Во составот на летната машка носија, во неколку македонски региони – како Кумановско, Скопска Блатија, Овче Поле, Радовишко-Струмичко Поле и северните Велешки села – мажите ја покривале главата со бела платнена крпа како заштита од сонцето и летните горештини. Станува збор за издолжена правоаголна крпа, чии краеви при забрадување се вкрстувале и врзувале зад главата, на тилот. Крпата била украсена при самото ткаење со прави линии или поголеми декоративни мотиви, направени со разнобоен и разнороден јаток – од памук, свила или срма – а по краевите дополнително била украсена со рачно изработена тантела.

Во некои области како Мариово и Овче Поле, по свадбата (како знак дека се оженети мажи), носеле крпа завиткана околу капата, наречена чалма. Во Мариово убрусот со рески на краевите, се носел од свадбата до крајот на животот. Кај постарите завиткана преку валаната капа наречена валавка, а оженетите преку фесот. Во Овче Поле оженетите носеле крпа преку фесот, а неженетите само фес. Во летниот период, мажите што носеле Средновардарска носија, крпата им претставувала единствена покривка за главата.[1]

Remove ads

Марама (носија)

Марамата претставува најшироко распространетиот вид прекривка за глава во македонската женска народна носија. Оваа крпа имала квадратна форма и се изработувала од различни материјали – памук, волна или свила. Се украсувала со вез, тантели, реси, молскавци, мониста, топчиња, синџирчиња, метални украси и други елементи, карактеристични за одредена етнографска целина. Ја носеле жени од сите возрасти и тоа не само кај македонското население туку и кај другите етнички заедници како Турци, Албанци, Власи, Роми и други. Марамите што ги носеле младите девојки и жени биле изработувани од пофини материјали, како тенко свилено или памучно платно, и биле богато украсени. За разлика од нив, марамите на повозрасните жени биле поскромни, со малку или без вез, без дополнителни украси и најчесто во темни нијанси – кафени или црни.

Како единствена покривка за глава, се јавува во источните краишта на МакедонијаСлавиште, Дурачка Река, Овче Поле, Пијанец, Малешево, Радовишки Шоплук, Радовишко-Струмичко Поле, Гевгелиско – каде се нарекувала „каврак“, „карвак“, „дуале“ за младите, а „кушак“ или „шамија рескајлија“ за постарите жени. Се забрадувале преклопени по дијагонала, при што краевите се вкрстувале на тилот, се подигале нагоре и се врзувале над челото, најчесто на едната страна во „кључец“. Кај постарите жени, пак, краевите се врзувале под брадата. Во некои делови на Македонија, марамата служела како дополнителна покривка врз фес или некој друг вид капа.

Во зависност од орнаментите и материјалот за изработка, марамата се нарекувала со најразлични имиња дури и во рамките на една иста област. Во Скопски Каршијак, Малесија, Железник, Кичевија, Порече, Преспа, Мариово, Овче Поле се викала „самотвор“, „тулбен“, „тулбенка“, во Долни Полог „чевре“, „крпа“, „крпче“, во Села под Сува Гора „чевре“, „к'врак“, „тулбенка“, во Река кај Мијаците „дарпна“, „калемќар“, во Дебарски Дримкол „риза“, „перулика“, „корпа“, во Голо Брдо „корпа“, во Дебарско Поле „дарпна“, во Струшки Дримкол „убрус“, во Битолско Поле и Горни Битолски села „даркма“, во Цапарско Поле „дартма“, кај исламизираните Македонци „риза“, „шамлија“, „чевре“, „јазма“, „ширвета“, кај Јуруците во Радовишко и Струмичко „мафес“, „муми“, кај Власите „дистимеле“, „кавраку“, кај Албанците „преврска“ итн. Начинот на носење на овие марами варирал: краевите можеле да бидат вкрстени и врзани зад тилот, подигнати и врзани над челото, врзани под брадата или слободно пуштени по градите и грбот.

Thumb
Дарпна од Голо Брдо, НУ Музеј на Македонија.

Една од највпечатливите е дарпната од Дебарско Поле, која со кружните везови во форма на апликации и везот со две лица претставува врвен уметнички дострел на везењето во Македонија воопшто.[1] Била изработена од лен или памук и до крајот на 19-ти век, везот ја покривал скоро целата покривка. Невестинската дарпна наречена клабоданлија како и Дарпната кесмарка се носеле врз мала овална капа од свилени аплицирани гајтани. Крпите наречени корпи во Голо Брдо и Дебарски Дримкол биле помали и нивните реси биле долги до појасот. Населението од Долни Полог и селата под Сува Гора поради тенките бели крпи било нарекувано белокрпке. Во овој предел невестите (крај на 19-ти и почеток на 20-ти век) носеле бела покривка за глава направена од маркизет, која се нарекувала крпка чкораа со виљдуши, а доколку била поставена на капата го добивала називот ка рогое. Даркмите од Битолски Горни села и околината на Лерин имале вез гуган, вејка само на едениот агол украсен со снопчиња од реси киска пашка. Во источна Македонија крпите како дебеларка (Источен дел на Славиште) бошча, чупкани крпи (Овче Поле, Струмичко Поле) имале поскромна орнаментика. Свилената покривка за глава во градските средини (и во источните делови) се нарекувала каврак, кој при забрадувањето се врзувал во јазел наречен диндале, кључка, кокона.[2]

Remove ads

Галерија

Наводи

Loading related searches...

Wikiwand - on

Seamless Wikipedia browsing. On steroids.

Remove ads