Обесшумување

From Wikipedia, the free encyclopedia

Обесшумување
Remove ads

Обесшумување — процес на претворање на земјишта покриени со шума во земјишни површини без шумска покривка, како што се полиња, плантажи со земјоделски култури, пасишта, градови, пустелии и друго. Главната причина за обесшумувањето е пренамена на териториите покриени со шума за други цели, особено сечење и палење на шумата за земјоделски површини. Друга значајна причина за обесшумувањето е сечењето на шумата без пошумување.

Thumb
Обесшумување на амазонската дождовна шума во сојузната држава Марањау во Бразил, 2016 г.

Покрај тоа, шумите можат да бидат уништени како последица на природни причини, како што се урагани, шумски болести, климатски промени, но основната причина за обесшумување е антропогениот фактор. Овој фактор вклучува, освен сечење и палење, и други појави како, на пример, кисели дождови. Главната причина за настанување на шумски пожари е исто така активноста на човекот.

Процесот на уништување на шумата е тековен проблем во многу делови на светот, бидејќи ги влошува нивните еколошки, климатски и социо-економски одлики и го намалува квалитетот на животот. Обесшумувањето води до намалување на биоразновидноста, намалување на залихите на дрво, вклучително и за индустриска употреба, до ерозија на почвата (ширење на прокопи, измивање на плодниот слој), намалување на водостојот на реките, како и до засилување на ефектот на стаклена градина поради ослободување на јаглерод во атмосферата во облик на CO2, кој се наоѓал во биомасата на шумата.

Според податоците на Меѓународниот институт за светски ресурси и Светскиот центар за мониторинг на природата, во последните 8000 години е исечена речиси половина од некогаш постоечките шуми, при што 75 % од површината на исечените шуми отпаѓа на XX век. Од преостанатите шуми, само 22 проценти се состојат од природни екосистеми, додека останатите се силно изменети под притисокот на човекот.

Remove ads

Причини

Антропогени фактори

Човештвото од дамнешни времиња сечело шуми, освојувајќи земјиште од шумата за земјоделие и едноставно за добивање огревно дрво. Подоцна, кај човекот се појавила потреба за создавање инфраструктура (градови, патишта) и експлоатација на корисни руди, што го забрзало процесот на обесшумување на териториите. Меѓутоа, главна причина за сечењето на шумите е зголемената потреба за храна, односно зголемување на површините за пасење добиток и сеење земјоделски култури, како трајни, така и наизменични.[1]

Шумарството не е во состојба да произведе толку храна колку што може земјиштето исчистено од дрвја. Тропските и тајговите шуми практично воопшто не се во состојба да поддржат човечко население, бидејќи јадливите ресурси се премногу расфрлани. Планетата не би била во можност да го одржи сегашното население и животниот стандард, доколку процесите на обесшумување не постоеле. Методот на „сечи и пали“ земјоделство, кој се користи за краткорочно искористување на почва богата со пепел, го применуваат 200 милиони припадници на домородното население ширум светот.[2]

Според проценките на британскиот заштитник на животната средина Норман Маерс, 5 % од обесшумувањето во тропските појаси се должи на пасење добиток, 19 % се случува поради сеча на дрва, 22 % — како последица на проширување на плантажите со маслодајна палма, а 54 % — поради земјоделството „сечи и пали“.[3]

Анализата на податоците од 46 земји од тропската и суптропската зона (на кои отпаѓа 78 % од шумските површини на тие зони) покажала дека обесшумувањето се случува поради:

  • крупно стоковно земјоделство — 40 %;
  • месно натурално земјоделство — 33 %;
  • раст на градовите — 10 %;
  • проширување на инфраструктурата — 10 %;
  • експлоатација на корисни руди — 7 %.

Биотички и абиотички фактори

Џбуновите, тревестите растенија, па дури и лишаите и мововите можат да го попречат обновувањето на шумите и, можеби, да ги истиснат. Зараснувањето со џбунови, а понекогаш дури и со треви, може да го попречи населувањето на многу дрвенести видови. Поради ова, некои територии остануваат без шума повеќе од 30 години. Спроведени се експерименти што покажале дека многу растенија лачат супстанции што го потиснуваат 'ртењето на семето од дрвјата.

Обновувањето на шумите на исечените, изгорените и напуштените земјоделски површини може да биде попречено и од некои животни, на пример, зајаците во Обединетото Кралство; во минатото бизоните во прериите на Средниот Запад на Северна Америка; дивите копитари во резерватите и ловиштата на Алтај; дури и малите цицачи, како што се глувците, можат да го јадат семето и да ги глодаат младите растенија. Меѓутоа, најсилно влијание врз шумите има човекот, вклучувајќи го и пасењето домашен добиток во шумата.

Remove ads

Последици

Процесот на уништување на шумите води до месни и глобални климатски промени.

Влијание врз атмосферата

Обесшумувањето придонесува за глобалното затоплување и често се наведува како една од главните причини за засилување на ефектот на стаклена градина. Во атмосферата на Земјата, како јаглерод диоксид (CO2), се содржи околу 800 гигатони (гт) јаглерод. Во копнените растенија, од кои поголемиот дел се шуми, се содржи околу 550 гт јаглерод. Уништувањето на тропските шуми е одговорно за приближно 20 % од стакленичките гасови. Според меѓувладината група стручњаци за климатски промени, обесшумувањето (претежно во тропските предели) придонесува до една третина од вкупните антропогени испуштања на јаглерод диоксид.

Во текот на својот живот, дрвјата и другите растенија го отстрануваат јаглерод диоксидот од атмосферата на Земјата преку процесот на фотосинтеза.[4]

Хидролошко влијание

Обесшумувањето, исто така, негативно влијае на кругот на водата, негативно влијаејќи на хидроенергетиката и земјоделството со наводнување, влошувајќи го хидролошкиот режим на реките. Дрвјата се хранат со подземни води преку корените, при што водата се крева до нивните лисја и испарува. Кога шумата се сече, овој процес на транспирација престанува, што води до тоа климата да станува посува. Освен на влагата во атмосферата, обесшумувањето негативно влијае и на подземните води, намалувајќи ја способноста на теренот да ги задржува врнежите. Токму шумите обезбедуваат стабилен пренос на влага од океаните длабоко во континентите, обезбедувајќи полноводност на реките, подземните води и мочуриштата. Без шуми, продирањето на водата длабоко во континентите е нестабилно и ослабено.[5]

Влијание врз почвата

Обесшумувањето ја намалува атхезијата на почвата, што може да доведе до ерозија на почвата, ширење на прокопи, поплави и одрони. Сето тоа води до загуба на вредноста на земјоделските површини и териториите погодни за човечко освојување.[6]

Влијание врз биосферата

Влажните тропски шуми се најбогати екосистеми на планетата (во нив живеат до 80 % од познатите видови), поради што главниот ефект од обесшумувањето лежи во намалување на биолошката разновидност.[7]

Remove ads

Наводи

Надворешни врски

Loading related searches...

Wikiwand - on

Seamless Wikipedia browsing. On steroids.

Remove ads