Охајо (река)
From Wikipedia, the free encyclopedia
Remove ads
Охајо (англиски: Ohio River) е најголемата река во североисточниот дел на Соединетите Американски Држави. Извира во Питсбург, Пенсилванија, на место каде се спојуваат реките Алегени и Мононгахила. Тече низ американските сојузни држави Пенсилванија, Охајо, Западна Вирџинија, Индијана, Илиноис и Кентаки. Таа е најголемата лева притока на реката Мисисипи, во која се влева кај местото Керо по 1.579 км тек. Со просечен проток од 7.960 м³/с, таа е најбогатата река со вода во целиот басен на реката Мисисипи.
Реката Охајо играла многу важна улога во историјата на американските домородни народи, а по должината на нејзините брегови низ вековите се настанувале и исчезнувале бројни автохтони американски цивилизации. Откако францускиот истражувач Роберт Кавелие де ла Сал подетално ги истражил нејзиниот тек и брегови во 1669 година, Охајо станала важна рута во идната колонизација на овие области од страна на европските доселеници. Некои од најважните американски градови се развиле на нејзините брегови, како што се Питсбург, Синсинати, Луисвил и Евансвил.
Басенот на Охајо опфаќа преодно климатско подрачје помеѓу повлажната суптропска клима на југ и умерената континентална клима на север. Така, неговите брегови редовно се под лед секоја зима во горните делови на текот кај Питсбург, додека лед никогаш нема во зоната на устието.
Во своите „Белешки за државата Вирџинија“ Томас Џеферсон во 1781 година ја означил Охајо како „најубавата река во светот, со кристално чиста вода и истовремено толку питома а толку дива“.[1] Сепак, денес таа е една од најзагадените реки во Соединетите Американски Држави.
Remove ads
Географија

Реката Охајо се формира со спојување на реките Алегени и Мононгахеила, кои се сроставуваат во градот Питсбург, во грдскиот кварт Поинт Стејт Парк (Пенсилванија). Од почетна точка тече во правец на северозапад низ окрузите Алегени и Бивер, а потоа прави остро свртување кон југозапад на тромеѓето на сојузните држави Пенсилванија (кај градчето Мидланд), Западна Вирџинија (гратчето Честер) и Охајо (Ист Ливерпул). Десниот брег на реката претставува комплетна граница на државата Охајо на север со Западна Вирџинија на југоисток.
На трмеѓето Охајо-Западна Вирџинија-Кентаки, свртува благо кон северозападн и го задржува тој правец сè до градот Синсинати, по што продолжува текот кон запад и југозапад сè до устието во Мисисипи (во близина на Кер, во Илиноис). Северните граници на Кентаки кон Охајо, Индијана и Илиноис исто така се протегаат по должината на десниот брег на реката.

Вкупната површина на сливното подрачје Охајо е 490.600 км² и го опфаќа најисточниот дел на басенот на Мисисипи. Кон басенот на Охајо тече вода од дури 15 американски сојузни држави. Надморската височина на изворот е 223 метри, додека устието е на 88 м, па вкупниот пад е 135 м или просечно 11,7 м на километар проток. Со просечен проток од 7.957 м³/с во зоната на устието, Охајо е најбогатата река со вода во целото сливно подрачје на реката Мисисипи.
Remove ads
Историја

Американските автохтони племиња живееле во областа околу бреговите на оваа река уште од претколумбовски период. Во тоа време, реката претставувала важна сообраќајница, но и важен извор на приход за локалните жители. Колку било значењето на оваа река од најраните времиња најдобро зборува токму нејзиното име, бидејќи зборот на јазикот на народот Сенека (етничка група на Ирокезите), има значи „добра река“.[2]
Првите Европејци кои поинтензивно го истражувале басенот на реката Охајо биле француски трговци со крзно, кои изградиле бројни мали тврдини по должината на нејзините брегови. Првата голема истражувачка мисија, под името Експедиција на француски трговци, била предводена во 1669 година од францускиот истражувач Рене Робер де ла Сал. Де ла Сал, кој ја започнал првата експедиција од Канада, го открил изворот на реката Охајо и нејзините брегови, доаѓајќи до денешниот град Луисвил и до првите големи водопади на реката. Во подоцнежните експедиции, детално ги опишал бреговите на Охајо а целата долина на оваа река ја прогласил за француска територија.
Во 1749 година, во оваа област е основана британската кралска компанија Охајо, чија главна цел била да се воспостават нови трговски станици и поинтензивна колонизација на областа. Британското трговско ширење во оваа подрачје довело до чести конфликти со Французите за превласт на ова подрачје. Како последица на седумгодишната војна која се водела од 1754 до 1763 година помеѓу Франција и Велика Британија (меѓу другите во конфликтот на страната на Британците застанала Федерацијата на Ирокезите), Франција ја отстапила оваа територија на Велика Британија во 1763 година.
Договорот од Форт Стенвикс (денес градот Роум) од 1768 година помеѓу Ирокезите и Британците, на Европејците им било овозможено непречено да се населуваат во подрачјето на Кентаки, а реката Охајо станала јужна граница на Американските индијански територии. [3] Според Законот на Квебек од 1774 година, сите територии источно од Мисисипи и северно од Охајо биле приклучени кон провинцијата Квебек, што доведе до конфликт помеѓу Британците од една и Тринаесетте колонии од друга страна. Првата подетална воена карта на целата долина на реката Охајо била изработена во 1776 година, за време на Американската револуција. Картата ја создал британскиот воен инженер Џон Монтресор и на неа посебно внимание било посветувано на стратешки важните места по должината на брегот на реката (како што е утврдувањето Форт Пит во денешен Питсбург). Со одредбите од мировниот договор од Париз од 1783 година, со кој завршила војната помеѓу Велика Британија и Соединетите Американски Држави, целата долина на реката Охајо станала територија на САД.
Со изградбата на патниот правец кој го поврзувал тогашниот округ Охајо со источниот брег на Америка во 1818 година нагло пораснала економската важност на целата долина на реката Охајо, која сега и по копно била поврзана со реката Потомак и градот Вашингтон. Патот се протегал од Камберленд, Мериленд до Вилинг во Вирџинија.[4]
Бродскиот сообраќај помеѓу горниот и средниот дел на текот на Охајо со Мисисипи го спречувале бројни водопади на подрачјето на Луисвил. Тоа е воедно и единственото место на реката каде што природните препреки од варовник формираат бројни брзаци. На тоа место, на дел од текот од само 3,2 км падот на реката е речиси 8 м. За да се реши овој проблем, бил изграден каналот Луисвил-Портланд (отворен во1830 година). Каналот бил дополнително проширен и модернизиран во текот на шеесетите години на 20 век.

Благодарејќи на својот тек воглавно во правец на запад, Охајо била многу важна рута во населувањето на западните делови на Соединетите Американски Држави. Трговските бродови од Питсбург редовно пловеле на југ, сè до Њу Орлеанс и Мексиканскиот Залив.
За време (но и пред војната) на Американската граѓанска војна (1861–1865), реката Охајо претставувала дел од границата помеѓу Унијата (односно робовладетелските држави) и Конфедерацијата. Така, помеѓу црните робови од Кентаки и Вирџинија постоела изреката „продаден низ реката“ (англиски: sold down the river) бидејќи во тоа време робовите биле превезувани по река до плантажите за памук и шеќер на југот.[5][6] Реката Охајо за многу црни робови од југот била последната пречка кон слободата и поради тоа за време на Граѓанската војна симболично ја нарекувале Американски Јордан.[7]

Уште во колонијалниот период властите на Вирџинија го дефинирале своето право да го експлоатираат целото речно корито и територијалното проширување на нејзините десни брегови. Бидејќи реката претставувала воедно и граница помеѓу поединечните сојузни држави, Американскиот Конгрес донел одлука според која целото речно корито припаѓа на територијата на јужните и источните држави (денес Западна Вирџинија и Кентаки). Така, островот Вилинг, како најголем населен остров на реката, припаѓа на Западна Вирџинија иако се наоѓа речиси на самиот брег на Охајо. Така и државата Кентаки на почетокот на осумдесетите на минатиот век ја тужела државата Индијана поради изградбата на нуклеарната централа Марбл Хил, чии отпадни води се влевале во реката на нејзина територија.
Во почетокот на 1980-ти дел од текот на реката Охајо во близина на градот Кларксвил во Индијана бил прогласен за заштитена еколошка зона.
Remove ads
Еколошки и мелиоративни акции
Долината на реката Охајо се вбројува во подрачја со висок степен на развиеност на стопанските дејности. Интензивното земјоделство по должината на нејзините брегови, густиот речен сообраќај и отпадните води ја претвориле Охајо во најзагадена река на подрачјето на Соединетите Американски Држави, судејќи според извештајот на националната служба за заштита на водата од 2009 и 2010 година.[8]
Коритото на реката Охајо првично било доста плитко и калливо, со длабочини кои варираат помеѓу 0,91 м и 6,1 м. Со изградба на бројни брани и создавањето на вештачки езера длабочината на речното корито значително се зголемила, но исто така бил изменет и природниот екосистем на реката. Денес, просечната длабочина на водата во реката во горниот тек изнесува околу 5 м (низводно до Синсинати) со што се овозможува непречена пловидба дури и за поголеми бродови. Максималната длабочина е кај градот Луисвил (околу 7 м), а потоа постепено опаѓа на 6 м колку е во зоната на устието.
Поважни населени места на реката
Најголемите градски центри кои лежат на бреговите на Охајо се Питсбург (2,4 милиони жители), Синсинати (2,2 милиони), Луисвил (1,4 милиони), Евансвил (358.000) и Хантингтон (365.000).
Список на населени места по должината на брегот на Охајо со административни статуси на градот и гратчињата.
|
|
|
Remove ads
Поврзано
- Питсбург
- Мисисипи (река)
- Географија на Соединетите Американски Држави
Наводи
Надворешни врски
Wikiwand - on
Seamless Wikipedia browsing. On steroids.
Remove ads