Појас (носија)
From Wikipedia, the free encyclopedia
Remove ads
Појасот, како еден од најбитните облековни елементи од машката и женската народна носија, се носел обвиткан неколку пати околу половината и служел за препашување на облеките што се носеле над кошулата. Брсјачкиот појас (во вид на плетенка) бил најраспространет и бил составен од седум или девет ката „страчки“, исткаен од волнена или козина преѓа. Мијачкиот појас на краевите завршувал со бројни реси. Во централните и источните области, појасот бил ткаен со линеарни орнаменти по целата должина и се нарекувал ѕуница или ќемер.[1] Машките појаси од источномакедонскиот тип носии имале нагласена широчина.[2] Шопскиот појас бил двојно предиплен, додека во носиите од јужномакедонската етнографска целина бил ткаен и набран во спирала по целата должина. Кај некои од македонските народни носии се среќаваат и дизгии, препашки, џуници и др., кои се носеле како втор појас и служеле како дополнување, препашани врз појасите.[1]
Remove ads
Појасот во Горновардарската носија
Во носијата од Жеглигово, Средорек и западниот дел на Славиште, мажите носеле четворно ткаен појас на бордо основа, украсен со прави хоризонтални шарки и мотиви „на окца“ и „кутијки“. Женскиот појас од оваа носија се носел во три вида: алов со хоризонтални шарки „пруќе“, алов со шарки „кола“ и „пруќе“, и светол појас со напречни (горе) и прави (доле) шарки, кој се носел превиткан и така сошиен.
Во машката носија од Скопска Блатија се носел појас ткаен на црвена основа, со прави хоризонтални редови „жабурки“. Бил долг 5 метри, широк 30 сантиметри и на краевите бил украсен со монистра и сребрена пара. За празници, младите носеле уште еден појас, наречен „ќемер“, со должина колку да се опаши половината и бил многу поукрасен од првиот. Ќемерот го дарувала невестата на младоженецот. Женскиот појас од Скопска Блатија се носел во три вида: алов појас од најстар вид со жолти и бели шарки; памучен бел појас, шаран „на рака“, со нагласен рељеф; и побогато украсениот појас – ќемер од понов вид, кој бил покус и потесен од останатите. Врз ќемерот се врзувал широк каиш – ремен, со привезок за ноже.

Во Скопска Црна Гора, машкиот појас (долг 4 м, широк 30 см) бил ткаен четворно, на црвена основа, со прави хоризонтални редови. Тој имал реси на едниот крај, а на другиот „праило“ – украс од кожи, монистра и копчиња. Преку појасот се врзувал кожен каиш – „препас“, кој го заменил постариот кожен „силав“ од 19-ти век, во кој се вденувале пиштоли, ножеви и др. Женскиот појас имал неколку видови: алов појас; „каница“ – појас на црна основа, кој се носел врз аловиот; „каница с’с паре“, кој го носеле невестите и девојките-вереници („зговорници“); и „колун од монистра“, кој се закопчувал од напред со „пафти“ со листовидна форма и бил украсен со геометриски мотиви.
И во Долни Полог имало неколку видови женски појаси: „црно појавче“ – имал поголема должина и долги реси на едниот крај; „задно појавче“ – краток појас со срмен вез, чии краеви завршувале со врвки или со копчиња; и „све наоколо“ – невестински појас со срмен вез.
Во носијата од Горни Полог карактеристичен бил невестинскиот појас „колан со китки“, чии краеви биле украсени со долги и масивни „китки“ од шарена волна. На горниот дел бил украсен со срмени „кушки“ и „стапчиња“. Освен овој појас, се носеле уште два појаса за секојдневна употреба – долен памучен појас и горен појас со хоризонтални шарки.[2]
Remove ads
Појасот во Мијачката носија
Во машката носија од Дебарски Дримкол се носел појас ткаен од бела или од црна волна, со кој се опашувале бечвите или шалварите, над џамаданот. Во постаро време, појасот бил само бел, а во поново време врз него се опашувал кожен ремен. Женскиот појас имал црна боја и должина од 15–20 метри. Бил плетен од козина, во вид на плетенка. За празници, врз него се носела „препашка“, долга околу три „сажни“. „Монистреникот“ – колан везен со монистра – бил дел од невестинската носија и се носел над препашката. Неговата должина била колку и ширината на скутината и бил многу накитен.
Женскиот појас во Голо Брдо бил волнен и на краевите украсен со долги сукани „ал киски“ – рески. Кога се опашувал, ресите му се собирале и стегале во вид на сноп, од страната на едниот колк. Невестите носеле „препашка“ од „алосана“ преѓа, ишарана со дискретни прави шарки.
Во Дебарско Поле, широкиот женски појас на краевите завршувал со снопчиња реси – туфи.

Во Река имало два машки појаси: еднобоен, од вишна волна, и друг прошаран со прави напречни шарки во каро комбинација. И женската носија имала неколку видови појаси: волнен, од црна или вишна преѓа, и „препашка“ што се носела врз него, а краевите ѝ завршувале со „алосани киски рески и поплет“.
Во женската носија од Горна Река и Мавровско Поле, појасот се носел во три вида: волнен – ткаен на темноцрвена основа; појас од волнена каро ткаенина – на темно жолта основа; и појас „пош“ – од свилена индустриска ткаенина, составен од три дипли, што се опашувал над доламата.[2]
Remove ads
Појасот во Брсјачката носија
Во женската носија од Струшки Дримкол и Струшко Поле, појасот имал црна боја и бил исплетен од волнена или козинена преѓа, во вид на гајтан.
И во Охридско Поле, долгиот женски појас имал црна боја, бил направен од козина (во вид на гајтан) и имал седум или повеќе „строка“. Во преспанската женска носија имало појас од три „строка“, со поголема должина и тежина. Со својата масивност потсетувал на самар и можел да се употреби за носење дете на грбот.
Во женската носија од Битолско-Прилепско Поле, појасот бил црвен и имал должина од 10 до 30 метри. Машкиот појас од истата носија имал ѓувезна (бордо) боја, хоризонтални шарки и голема должина. Се стегал со кожен ремен одозгора, а кај младите, врз појасот се носел „силав“.
Мариовската машка носија разликувала неколку вида појаси: „подвеска“ – тесен црвен појас што го носеле машките деца во адолесцентна возраст; „кемер“ – со хоризонтални шарки на црвена основа, кој се носел од ергенство до средно доба; и еднобоен појас (црвен или црн). Женскиот мариовски појас бил црвен, со должина од 10 до 30 метри. Во него се чувале чешли, огледалца, кутивчиња и сл.[2]
Појасот во Средновардарската носија
Во Овче Поле, машкиот појас имал ширина од околу 40 см и го држел мажот во исправена состојба. Тој бил ткаен на црвена основа.[3] Врз него се препашувал уште еден потесен појас со иста должина, познат како „ѕуница“.[2] Над ѕуницата се ставал кожен каиш – „ремен“. Според доминантноста на боите, се разликувале: зејтинлија појас, кавелија појас, алов појас, црн појас итн.[3] Женскиот појас, кој исто така бил ткаен на црвена основа, на краевите имал исплетени реси во вид на плетенки.[2] Ѕуницата од носијата од Овче Поле имала должина до три метри и широчина до пет сантиметри. Таа се ткаела четворно на разбој, без брдо, со набивање со дрвен нож – бијач. Во селата блиску до Скопската Котлина, ѕуницата се викала и кемер.[3]
Во пределот на Бабуна и Азот, црвениот машки појас имал „преткавани“ – усукани рески. Во овој предел, како женски појаси се сретнувале ѕуницата или кемерот.
Во носијата од Радовишко – Струмичко Поле, машкиот појас бил ткаен во прави хоризонтални редови на црвена основа или во каро комбинации. Кога ќе се опашал на струкот, зафаќал површина од колковите до под пазувите. Од естетски и практични причини, во појасот се вденувала крпа – „бришалка“, декорирана со рачно плетени „киниња“. Женскиот волнен појас од оваа носија бил ткаен од една дипла (двојно предиплена), форма што се следела во скоро сите шопски краеви.
Машките појаси од носијата од Бојмија биле карактеристични по ресите на краевите. Кај постарите, над нив се префрлала „риза“ – крпа од тенка памучна преѓа. Кај младите, правоаголните ризи биле заменети со квадратни „пачети“, порабени со вез „задигла“. Врз женскиот црн или бордо волнен појас од Бојмија се носела украсена купечка марама, а во истата носија се носел и појас „кулан“, направен од парче „алаџа“ и накитен со златни ширити и л’скавци. Се закопчувал со копче, над кое доаѓале „пулови“ – пафти. Во оваа носија се среќавал и „прокован колан“ (до втората половина на 19-ти век), кој целиот бил покриен со сребрени плочки. И над женскиот појас (кај постарите) се префрлала риза со ткаен шар или со вез.[2]
Remove ads
Појасот во Шопската носија
Во носијата од источниот дел на Славиште, женскиот волнен појас, ткаен на црвена основа, бил обликуван од една дипла, предиплена двојно или тројно. Над него се носел тесен колан со геометриски мотиви и монистра.
Во носијата од Дурачка Река се носел прилично широк машки алов појас, додека женскиот „кемер“ бил изработен од волнена „антерија“. Имал една двојно предиплена дипла, на која лицето и било изведено во поживи бои.
Во носијата од Пијанец се носеле два машки појаси: волнен на црвена основа (за помлади), украсен со орнамент „плочи“, и волнен на црна основа, со прави шарки по рабовите (за постари). Женскиот појас имал црна боја и бил ткаен со прави попречни шарки – „гриви“.
Во Малешево машкиот појас бил ткаен на виолетова основа, а некогаш, наместо него, се носела ѕуница. Женскиот појас бил потесен од машкиот и се препашувал на дипли.[2]
Remove ads
Наводи
Wikiwand - on
Seamless Wikipedia browsing. On steroids.
Remove ads