Ричмонд Боаки
From Wikipedia, the free encyclopedia
Remove ads
Ричмонд Јиадом Боаки (роден на 28 јануари 1993 година, во Акра) е гански фудбалер, напаѓач, кој моментално е без клуб и поранешен репрезентативец на Гана.
Remove ads
Клупска кариера
Рана кариера
Роден во Акра, регионот Голема Акра,[3] Боаки ја започнал својата кариера во Бекем Јунајтед во неговата родна земја Гана.[4] Тој потоа се преселил во ДиСи Јунајтед од Агого,[5] каде останал до 2008 година кога бил скаутиран од извидниците на Џенова по еден турнир во Виченца, Италија.[6]
Џенова и Сасуоло
Со Примавера тимот на Џенова, тој го освоил Купот на Италија во 2009 година,[7] а во 2010 година и првенството во истата категорија. На 9 септември 2010 година, сè уште играјќи за младиот тим на Џенова, тој го освоил Суперкупот на Италија Примавера (повторувајќи го успехот од 2009 година) постигнувајќи два гола во натпреварот кој завршил со победа од 5-0 над Милан.[8]
Во сезоната 2009-2010, тој бил промовиран во првиот тим и го имал своето деби во Серија А на 3 април 2010 година. Тој влегол како замена за Давид Суасо во 12-тата минута од натпреварот на домашен терен против Ливорно, постигнувајќи гол на своето деби во највисоката италијанска дивизија, со што станал третиот најмлад дебитант стрелец во Италија.[9]
Следната сезона, Боаки заминал на позајмица во Сасуоло.[10] Тој ги постигнал своите први голови за клубот во Купот на Италија на 14 август против Јуве Стабија (2-1) и на 21 август против Верона (3-3). Во првенството тој постигнал гол веднаш на своето деби на 27 август во победата со 3-1 против Ночерина. Три дена подоцна, тој повторно се впишал во стрелците при победата со 1-0 против Виченца. На 1 ноември, тој постигнал два гола против Модена во дербито на Емилија-Ромања кое неровердите го добиле со резултат 5-2.
Тој ја заврши сезоната со 34 настапи и вкупно 12 гола (10 од нив во лигата), многупати влегувајќи како замена во второто полувреме.
Јувентус, враќање во Сасуоло и Елче
На 16 јули 2012 година, Боаки бил купен од Јувентус во договор за ко-сопственост за 4 милиони евра.[11] Иако се појавил на подготовките со клубот, големата конкуренција во нападот на бјанконерите, го приморала тренерот Антонио Конте да го испрати Боаки на заем повторно во Сасуоло каде одиграл одлично претходната сезона. На 6 октомври, тој постигнал два гола во натпреварот против Гросето.[12] Со придонес од 11 гола, на 18 мај 2013 година, тој ја освоил титулата во Серија Б со клубот, помагајќи во исто време за првата историска промоција на Сасуоло во Серија А.
На 19 јуни 2013 година, ко-сопственоста во корист на Јувентус била обновена. Сепак, на 28 август, тој се преселил на нова позајмица во Елче, клубот од Шпанија кој штотуку изборил промоција во Примера Дивисион.[13] Во неговиот прв натпревар за шпанската екипа, Боаки влегол како замена во второто полувреме и постигнал гол со кој ги поставил конечните 2-2 против Алмерија во 95-тата минута. Вториот гол на Боаки дошол со удар со глава во 91-вата минута од шесттиот натпревар против Реал Мадрид, погодок кој сепак не бил доволен за да се избегне пораз.[14] Тој го затворил своето искуство во Шпанија со 33 настапи и 7 гола, во првенството и Купот на Шпанија и се вратил во Јувентус.
На 20 јуни 2014 година, ко-сопственоста на играчот помеѓу Јувентус и Џенова била обновена.[15]
Аталанта, Рода и Латина
На 22 јули 2014 година, неговата преселба на позајмица во Аталанта бил официјализирана преку официјалната веб-страница на Лега Серија А.[16] Своето деби со дресот на нероаѕурите го имал во натпреварот од Купот на Италија при победата со 2-0 над Пиза на 23 август 2014 година. На 31 август тој го одиграл својот прв натпревар во Серија А за тимот од Бергамо, во ремито 0-0 на домашен терен против Хелас Верона. На 14 септември, тој го постигнал својот прв гол во Серија А во дресот на Аталанта во победата со 1-2 на гости кај Каљари. На 19 октомври, тој го постигнал првиот гол пред домашните гледачи, погодувајќи ја мрежата на Парма во 90-тата минута од успехот со 1-0 на Стадионот Атлети Аѕури д'Италија.[17][18] На 3 декември, тој ги постигнал двата гола во натпреварот од Купот на Италија во кој Аталанта го победила Авелино на домашен терен со 2-0.[19] Сепак, неговата форма доживеала пад во вториот дел од сезоната во кој постигнал само еден гол, завршувајќи ја сезоната со вкупно 22 настапи и 5 гола.
На 25 јуни 2015 година, тој бил целосно откупен од Аталанта, која платила 1,3 милиони евра за половината од договор во сопственост на Џенова и уште 1,6 милиони евра за половината од договорот во сопственост на Јувентус.[20] Набргу потоа, на 31 август, Аталанта го позајмила Боаки на една сезона на Рода, тим од холандската прва лига.[21] Сепак, искуството во Холандија се покажало како неуспешно за него; тој забележал само 10 настапи за Рода (9 во првенството и еден во купот), неуспевајќи притоа да постигне ниту еден гол за тимот по што позајмицата му била прекината.[22]
Во јануари 2016 година, Аталанта го испратила на нов заем, овојпат во Латина во Серија Б. Тој забележал 17 настапи за Латина во вториот дел од сезоната 2015-2016, постигнувајќи еден гол на 2 април 2016 на домашен терен против Авелино.[23] Откако заемот му бил продолжен за уште една сезона, Боаки забележал 16 настапи и 3 гола за Латина во есенскиот дел од Серија Б 2016-2017, пред да го напушти клубот во јануари.
Црвена ѕвезда, искуството во Кина и враќање во Србија

На 31 јануари 2017 година, Боаки дошол на едноиполгодишен заем во Црвена ѕвезда.[24] Своето деби го направил во првиот натпревар од пролетниот дел од сезона против Нови Пазар, а во следното коло, во неговиот втор натпревар за „црвено-белите“, постигнал два гола во победата со 3-0 над Бачка.[25] Во текот на пролетниот дел од сезоната 2016-2017, тој постигнал 12 гола на 16 натпревари во првенството, а исто така постигнал и 4 гола во 4 натпревари во купот. Во јуни 2017 година, Латина прогласила банкрот, па Боаки како слободен играч на 27 јуни потпишал тригодишен договор со Црвена ѕвезда.[26]
Во сезоната 2017-2018, тој продолжил со одличните настапи. На 6 јули 2017, дебитирал во европските натпреварувања постигнувајќи два гола и асистирал за третиот во натпреварот против малтешката екипа Флоријана што завршил со резултат 3-3 во рамките на првото квалификациско коло од Лига Европа. На 18 ноември, постигнал 4 гола во победата со 6-1 над Рад. Во првиот дел од сезоната, тој постигнал 15 гола на 14 првенствени натпревари, додавајќи уште 8 гола во 14 натпревари во Лига Европа. Со головите им помогнал на „црвено-белите“ да се пласираат во групната фаза од Лигата на Европа, а подоцна и во шеснаесттина финалето на натпреварувањето. Тој, исто така, станал најдобриот странски стрелец во историјата на Црвена ѕвезда.[27]
На крајот на февруари 2018 година, Боаки се преселил во кинескиот клуб Џиангсу Сунинг во трансфер вреден 5,5 милиони евра.[28] По шест месеци во Кина, во кои за Џиангсу одиграл 15 првенствени натпревари и постигнал три гола, тој се вратил во Црвена ѕвезда на 31 август 2018 година.[29] На своето деби во првенството, тој постигнал два гола, во победата со 6-0 на домашен терен против Радник Сурдулица. Сезоната ја затворил со 15 настапи и 13 постигнати гола, давајќи важен придонес во освојувањето на српското првенство, кое го освоил со клубот и наредната година за сезоната 2019-2020.
Гурник Забже и Беитар Ерусалим
Откако му истекол договорот со Црвена ѕвезда, на 9 јануари 2021 година, Боаки како слободен играч потпишал за полскиот клуб Гурник Забже.[30][31]
На 20 јули 2021 година, Боаки отишол да игра во Беитар Ерусалим[32] клуб од израелската прва лига, каде за време на престојот забележал вкупно 26 настапи и 7 голови во првенството.
Ламија
На 17 август 2022, Боаки потпишал за грчката екипа Ламија со слободен трансфер.[33]
Ал Ахдар и Селангор
Во јануари 2023 година, Боаки и се приклучил на либијската екипа, Ал Ахдар.[34]
На 28 јуни 2023, Боаки се согласил да потпише за екипата на Селангор од Малезија.[35][36] На 25 август 2023, тој постигнал хет-трик во победата со 2-11 на гостувањето кај Келантан.
Remove ads
Репрезентативна кариера
Боаки играл за младата репрезентација на Гана под 20 години, со која учествувал на Светското првенство 2013 во споменатата возраст; тој одиграл пет натпревари и постигнал два гола на турнирот, на кој Гана го освоила третото место.
Во 2012 година, тој го направил своето деби со сениорската репрезентација во пријателски натпревар против Кина, постигнувајќи го меѓу другото и израмнувачкиот гол во натпреварот кој завршил 1-1.
Во 2013 година, тој учествувал на Африканскиот куп на нации, иако ниту еднаш не влегол во игра.
Во 2017 година, тој постигнал два гола (прв и единствен пат за репрезентацијата во неговата кариера) во победата од 5-1 на гостувањето кај Република Конго, натпревар од квалификациите за Светското првенство 2018 во Русија.
Во 2021 година, по втор пат во кариерата бил повикан да учествува на Африканскиот куп на нации. На турнирот одигран во Камерун, Боаки забележал два настапи и двата како замена од клупата и во двата неговата репрезентација била поразена: со 1-0 од Мароко и со 3-2 од Комори, иако во вториот натпревар тој дури постигнал и гол. Гана била елиминирана уште во групната фаза со само еден освоен бод по три натпревари.
Хронологија на репрезентативните настапи
Remove ads
Титули
Клупски
Сасуоло
Серија Б : 1
- 2012-2013
Црвена ѕвезда
- 2018-2019, 2019-2020
Наводи
Надворешни врски
Wikiwand - on
Seamless Wikipedia browsing. On steroids.
Remove ads