Саја
From Wikipedia, the free encyclopedia
Remove ads
Сајата или сагијата — безракавна, отворена облека од женската народна носија, која се носи над кошулата, а нејзината должина варира. Кројот се состоел од две предници, познати како поли, стан или заден дел, и странични коси делови, наречени клинови, кои во долниот дел имале расек – цеп. Понекогаш, предниците на саите се носеле завртени наназад. За нивна изработка се користело истото бело платно како и за кошулата, а во Мариово, селата под Сува Гора и на други места, се употребувало подебело четворно платно. Сино и зелено обоено платно се користело за саите од Драмско, Серско, Солунско, Берско, Његушко и Леринско Поле, додека единствено во Шопската група сајата се изработувала од тенок волнен конец во темносина и црна боја. Кај некои саи дополнително се пришиени ракавчиња, кои, во зависност од потребата, се пришивале или симнувале. Од рамото до лактот, овие ракави биле прилепени на раката. Во Долни Полог и селата под Сува Гора, на грбот на саите се пришиени рудиментирани ракави.[1]
Remove ads
Региони
Горновардарска етнографска целина
Шарената саја, карактеристична за носиите во Жеглигово, Средорек и западниот дел на Славиште, била облека наменета за невести и се носела до почетокот на 20-тиот век. Таа се носела заедно со кошули наречени „големи шареници“, кои имале специфични ракави наречени „доврвњаци“. За разлика од обичната бела саја, шарената се одликувала со богата орнаментика, особено на долниот дел од задништето и скутовите. Везовите биле надополнети со апликации од аловна и црна чоја, при што се оформувале мотиви од „оптока“ со квадратести „кутијчики“, опкружени со „буфки“. Внатрешноста на овие декоративни елементи се изработувала со техниката „предигла“ во форма на розети. По страните се среќавале украси наречени „права коска“ или „преплетена коска“, а рабовите биле збогатени со „кутии“ со црна контурна линија. Овој тип саја исчезнал рано, додека белата саја останала во употреба сè до целосното напуштање на народната носија. Во доцниот 19-ти век, под мишките се пришивале бели украсни крпи со метални монети на краевите.
Во Скопска Блатија, сајата (позната и како „сајчето“) претставувала горна, безракавна облека, изработена од бело, четворно ткаено памучно платно. Имала додадени куси ракавчиња од црвена чоја кои паѓале од рамениците до лактите. Била декорирана со алов, црн, зелен и модар вез, поставен на рамениците, предниците и долните рабови, изработен со техники како „кршкано“, „паросајница“ и „предиглечко“. Ракавчињата содржеле мотиви наречени „колца“, украсени со „л'скавци“ и волнени реси изработени од терзија. Постоеле два вида: девојчинска саја, везена од самите девојки со жица, и невестинска, која дополнително ја украсувале селските терзии. Овој тип носија бил во употреба до Балканските војни.
Во Долни Полог, сајата се изработувала од бело памучно платно и се јавувала во три форми: „мало сајче“, „големо сајче“ и „бело сајче“. Малото имало еден срмен круг на задниот дел, големото два, а белото било декорирано со црвени и црни гајтани. Срмените варијанти се носеле за свечени пригоди.
Во селата под Сува Гора, невестинската саја била направена од бело платно, покуса од елекот и се облекувала над него. Имала делови како „стан“, „поли“, „ребреинце“, „мишки“, „корил“ и џеп. На рамениците се прикачувале долги ленти со волнени „китки“, остатоци од ракавите. Рабовите биле опточени со син гајтан.
Брсјачка етнографска целина
Во Железник, сајата била кратка и направена од бело памучно платно, слична на онаа од Кичевијата. Имала додадени ракавчиња изработени од ткаенина или клашна, украсени во стил сличен на оној во Прилепско-Битолско Поле.
Во Кичевијата, сајата се шила од домашно четворно памучно платно и се состоела од „стан“ и две „поли“, со шлицеви помеѓу нив. Била украсена со ѓувезна чоја и свилено бикме. Подрачјето околу мишките било опточено со три реда гајтани, а предниците биле богато везени. Овој тип имал сличен крој со клашеникот и бил карактеристичен за полските села.
Во Мариово, сајата или сагијата претставувала невестинска горна облека од памучно платно, составена од две поли, „заден стан“ и бочни парчиња со шлиц. Предниците биле обилно везени, а украсите вклучувале реси од аловна, ѓувезна и црна волна. Имала и додадени ракавчиња украсени со истиот материјал.
Средновардарска етнографска подгрупа
Во носиите од Радовишко и Струмичко поле, летната саја се правела од домашно ткаено платно. Имала долги ракави и била долга колку кошулата, сосема отворена напред. Се носела преку кошулата, а кај невестите полите биле пуштени. Везот бил изведен од внатрешната страна на преклопените поли, така што бил видлив однадвор. Орнаментите биле слични на оние кај кошулите и се дополнувале со монистра и пулови. Ваквиот тип крој е редок и се среќава единствено во делови од Солунско.
Шопско-Македонска етнографска целина
Во источниот дел на Славиште, сајата или шајакот се изработувала од црн волнен шајак, со куси ракави и полуотворен преден дел. Орнаментите на предниците биле од срмени и црни гајтани. Постоела и побогата верзија направена од индустриски произведен кашмир, со ист начин на украсување и се викала казмир. Овој стил бил карактеристичен и за соседните подрачја во денешна Бугарија.
Во Пијанец, црната волнена саја имала долги ракави и била изработена од лесна волнена ткаенина. Се одликувала со сложен крој со клинести проширувања, шлицеви и внатрешни отвори. Предниот дел бил полукружно сечен и украсен со срмени и црни апликации, исто како и ракавите и долниот раб. Кројот и украсите биле блиски со оние од источниот дел на Славиште.[2]
Remove ads
Наводи
Wikiwand - on
Seamless Wikipedia browsing. On steroids.
Remove ads