Кошула (народна носија)

From Wikipedia, the free encyclopedia

Кошула (народна носија)
Remove ads

Кошула[1][2] —— составен и битен елемент на македонската машка и женска народна носија. Се изработувала од домашно ткаено бело платно. Според составот на материјалот, се среќаваат неколку видови кошули, колоници (или пртена кошула) целосно изработена од коноп, мелеска со памучна основа, а јатокот од коноп, и бубаќерна кошула со основа и јаток од памук.[3]Кошулата е горна облека од типот туника, и била распространета скоро низ цела Македонија. Насекаде се нарекувала кошула (потекнува од латинскиот збор casula), а тој термин се употребувал и кај другите јужнословенски и словенски народи.[4] Таа се носела непосредно до телото и нејзината употреба била секојдневна, празнична и венчална.[5]

Thumb
Горен дел од македонска носија (кошула) од Радиовце, Тетово
Remove ads

Женска кошула

Женската кошула најчесто била скроена од пет платна: едно предниште, едно задниште и по три ребрњаци. Околу вратот се пришивала тесна јака (корил). Ракавите на кошулата се составени од два дела: од едно платно (рукав), поголемиот дел, и право парче (лашица) што се надавало под горниот дел од ракавот.[3] Кај кошулите за секојдневна употреба, од двете страни се додавале најмалку по два реборника (коси парчиња) за да се прошири облеката, додека кај невестинските кошули тој број може да биде и двојно поголем.[6] Името на овие коси парчиња кои ја проширувале долната половина можело да варира во зависност од локацијата: клинови, бочници, борници или киндови.

Ваквиот едноставен и практичен крој најверојатно бил присутен на Балканот уште пред доселувањето на Словените. Нејзината туниковидна форма имала сличности со динарскиот и далматинскиот тип кошула - далматика, носен во некогашната римска провинција Далмација. Истовремено, богатата везена орнаментика на кошулите, особено во западна и централна Македонија, укажува на влијанија од старословенската облека. Ова води до заклучок дека македонската туниковидна кошула е резултат на културна синтеза помеѓу старобалканските и старословенските традиции. Поради нејзината широка застапеност низ голем дел од Балканот, честопати се нарекува и динарско-балканска кошула.[4]

Во пределите како Дебарски Дримкол, Голо Брдо, Горна Река и Горни Полог, страничните делови (бочници, клинови, реборници или киндови) се виткале во повеќе набори и се нарекувале дуљци. Женските кошули од Жеглигово, Средорек, Славиште и Скопска Црна Гора се издвојувале по специфичниот страничен крој: содржеле еден голем ребрњак и два помали заклинци. Кај некои кошули од источниот дел на Славиште, бочникот се протегал до рамото. Ракавите на кошулите биле прави, слободно спуштени и се проширувале со потесно вметнато парче ткаенина – уставка, која се протегала по целата должина на ракавот. Исклучок биле кошулите од селата под планината Сува Гора, каде ракавите завршуваат со манжетни, познати како запеске. Околу вратот обично била пришивана тесна, исправена јака наречена затилок или корил. Посебен крој имале и ракавите на кошулите од Горна Преспа (РесенЈанковец), кои биле скроени во клинеста форма. Над кошулата најчесто се носела саја, сагија, која била безракавна, растворена облека, со различна должина.[5]

Невестинските кошули се одликуваат со богата везбена декорација, со мноштво симболични мотиви што имаат нагласена обредно-магиска функција. Везбената декорација најчесто била изработувана со црвени, црни и жолти жички. Задржани се многу верувања поврзани со чинот на венчавањето и невестинската кошула. Кошулите наменети за постарото женско население биле со поедноставна везбена декорација, во потемни, монохромни бои.[3]

Јака (корил) од женска кошула, везен со аловна, црна, модра и зелена волна. Техника „грабено“. Село Секирци, Прилепско Поле, почеток на XX век. Димензии 27,5х5 cm.

Врвните естетски особености на традиционалниот македонски вез најмногу доаѓаат до израз во орнаментиката на најзначајниот облековен елемент на народната носија - туниковидната кошула.

Најстар сочуван тип на кошули се т.н. „алски кошули“, каде мотивите најнапред се „ораат“ - лозат со црно, па после се полнат со „алско“ црвено. Карактеристично за кошулите од овој регион е распоредот на везот поставен на оние делови каде тој е видлив односно не е покриен со другите елементи од народната носија и тоа на: предниот дел на градите „поли“, јаката, ракавите, задниот дел „бојови“, страничниот дел каде е соединувачки раб „бочници“ и во долниот дел од кошулата „околеш“.

Remove ads

Обредната функција на кошулата

Македонските народни носии, со својот богат и внимателно изграден систем на симболи и функции, претставувале јасен израз на општествениот статус на поединецот во рамките на традиционалната патријархална заедница, особено во контекст на обредните практики. Обредната функција на женската носија најсилно доаѓала до израз во богатата и симболички набиена невестинска облека. Особено битна била венчалната кошула, која започнувала да се подготвува уште од моментот кога девојката ќе го совладала везачкиот занает и ќе била подготвена за брак.

Именувањата на овие кошули често содржат пораки за тага по младоста и симболизираат премин во нов животен период. Така, во Битолско-Прилепско Поле, Мариово и други краишта, невестинската кошула позната како „црнета“ симболизира откажување од дотогашниот живот и влегување во нова животна улога. Кошулата наречена „гувеална“ или „гувеалница“, која се среќава во централна Македонија, означува подготвеност на девојката за потполна покорност во новото семејство. Во многу подрачја, најсвечената невестинска кошула се нарекувала „голема“, а се истакнува со најбогат и посебно осмислен вез. Во Малесија и Кичевија, бидејќи невестата во свадбената поворка се носела на коњ, ваквата кошула се нарекувала „коњачка“, за на коња. Посебен ритуален карактер имаат и кошулите што невестите ги носеле при првото појавување на вода по свадбата – обично наречени „помали“ или „водарски“ кошули. Во Мариово, пак, невестата носела кошула со орнамент „в’чката дира“, што имала магиско-обредна симболика со желба за машко дете.[5]

Remove ads

Везот кај кошулата

Најголема примена на везот среќаваме во украсувањето на народната облека од Западна Македонија, особено кај женските кошули и покривала за глава. Според традиционалните естетски вредности, тој бил присутен во многу форми и претставувал не само украс, туку и симбол што укажува на возраста, брачниот статус и општествената положба на носителот.

Кај женските кошули везот бил внимателно распореден на специфични делови: околу јаката – корилот, на градниот дел – партите, и долж ракавите, од рамото до дланката, каде што создавала широка вертикална орнаментирана површина. Понекогаш бил поставен и како бордура во долниот дел на ракавите, или во различни декоративни варијации. Исто така, со вез се украсувал и долниот раб на кошулата – долето или долницата, каде се јавува како потесна или побогато декорирана бордура во различни стилски комбинации. Во секој случај, орнаментиката секогаш го следела кројот на облеката, создавајќи визуелна и естетска целина. Карактеристично за овој начин на украсување е тоа што сите везени елементи биле поставени на делови од кошулата кои остануваат видливи, односно не биле покриени со други облеки.[6]

Машка кошула

Машката кошула била кроена од два стана (преден и заден), предниште и задниште, ребрници (клинови), корил (јака) и рукави (ракави). Кројот на некои од нив се состои и од дополнително парче поставено на пазувите (ламбарчик или настан). Кај постариот тип, ракавите биле без манжетни. Подоцна овој тип се задржал само кај постарото машко население, а момчињата и ергените почнале да носат кошули затворени и набрани на долниот крај на кошулата, со манжетни (басамаци). Со вез се украсувале басамаците (манжетните), корилот (јаката) и ламбарчиките (пазувите или настанот). Везот најчесто се изработувал со техниката крвчиња, со орнаменти што биле поинакви од оние застапени кај женската кошула. Колоритот на везот кај кошулите наменети за помладото машко население бил во јаки бои - црвена, морова, зелена, застапена била и срмата, а се црнеле со црн конец. За разлика од нив, везот на кошулите за постарото население се изработувал со бел конец, со одредени нагласени елементи на везот изработени со срма (тељ). Јаката, која кај машките кошули се нарекува корил, секогаш е исправена и на неа ретко има копче. Најчесто се закопчувале (се врзувале) со усукани конци, нашиени на краевите од јаката.[3]

Во машката носија се среќаваат и кошули со особено широко здолниште, составено дури од шеснаесет странични делови – бочници, познати како ајта - встан. Таков е случајот во Скопска Црна Гора, Скопска Блатија, Скопски Дервен, Мариово и Азот.

Посебен тип претставува кошулата позната како „тоска“ од Овче Поле, која се разликува по тоа што таа била пресечена во струкот, а долниот дел бил проширен со повеќе клинови или бочници. Оваа кошула се правела од памучно платно со надолжни линии – кенари – изработени со подебели памучни или свилени конци во различна боја.[5]

Во некои подрачја на Македонија, кошулата и во женските и во машките носии се носела како единствена горна облека (опашана само со појас, во женската и со скутина), особено во летниот период од годината.[4]

Зетовска кошула

Посебен вид е зетовската даровна кошула, која со посебно внимание ја изработувала секоја девојка. Обичајот налагал секоја девојка на денот на свршувачката да го дарува својот свршеник со барем една кошула, а тој требало да ја носи на денот на свадбата.

Remove ads

Поврзано

Наводи

Loading related searches...

Wikiwand - on

Seamless Wikipedia browsing. On steroids.

Remove ads