Скакулци (роман)
From Wikipedia, the free encyclopedia
Remove ads
„Скакулци“ — роман на македонскиот писател Петре М. Андреевски, првобитно издаден во 1983 година.
Содржина
- Внимание: Овој дел од статијата обелоденува содржина на книгата.
Романот се состои од дванаесте глави. Романот почнува со поглавјето насловено „Косидба. Време на големи промени“, навестувајќи го доаѓањето на новиот поредок, во кој „господ почнува да шета по земја“, отелотворен во претседателот на т.н. СеРеЗе и сите го ословуваат со „другар“. Во селото се менуваат животните навики и се отфрлаат старите обичаи. Истовремено, новата власт гради селска задруга и се основаат работни бригади. Во оваа глава се најавува доаѓањето на скакулците. Раководителот на работната бригада, Дејан Шмајзерот, е во љубовна врска со вдовицата Пауна Деспотовска-Жарот.[1]
Второто поглавје е „Централата. Самостојниот мислител Јаким Доксимов“. Градењето на електрична централа во селото и колективизација на селото се главни случувања во оваа глава, каде на сатиричен начин е претставено донесувањето на струјата преку електричната централа на реката - новото сонце во селото. Сонувањето на соништата и нивното раскажување се поврзани со новото време, симболизирано преку младо дрвце со петокрака на врвот која свети, и дрварите кои сакаат да го исечат дрвото. Во тоа време, новата власт спроведува присилен откуп на земјоделските производи и ги истребува козите како штетни животни. Од сите селани, само Стрезо Деспотовски одбива да влезе во задругата и поради тоа трпи тортура од власта, накодошен од Богоја Чавкаровски.[2]
Третото поглавје е насловено „Породување. Исчезнувањето на Ракида Желчева и Богоја Чавкаровски“. Богоја Чавкаровски не дозволува неговата жена да се пораѓа сама, поради барањата на новото време секое раѓање да биде со бабица. Поради тоа, иако е доцна во ноќта, тој оди во соседното село да ја доведе бабицата Ракида Желчева. Тие патуваат по длабок снег и силен студ, постојано следени од волците, а патем, кога им се случува мала незгода, меѓу нив се раѓа краткотрајна пожуда. Кога пристигаат во домот на Богоја, Благородна веќе се породила со близначки, а Богоја се прекорува поради тоа што не му се родило машко дете. Потоа, Ракида Желчева и Богоја Чавкаровски се враќаат назад и исчезнуваат во снежната виулица, а луѓето не можат да ги пронајдат.[3]
„Првите болести. Борењето на Стрезо Деспотовски и Богоја Чавкаровски“ е четвртото поглавје на книгата. Една зимска ноќ, Стрезо Деспотовски случајно се среќава со Богоја Чавкаровски во шумата и се бори со него. Борбата е рамноправна и тие ја прекинуваат, по што Богоја наеднаш исчезнува, а Стрезо сфаќа дека тоа било само привидение. Оттогаш, Стрезо го губи душевниот мир и живее во псотојан страв, така што завршува во душевна болница, каде набргу умира. За време на неговиот погреб паѓа силен дожд, така што селаните никако не можат да му го затворат гробот со земја.[4]
Петтото поглавје носи наслов „Од јак има појак. Доаѓањето на Кирил Стојнички“. Кирил Стојнички е претставен како џин од народните приказни, тој е неверојатно силен и, не знаејќи што да прави со силата, им ги растура нивите на селаните, кои поради тоа го напуштаат селото и се преселуваат во планината. Таму, мајка му го преколнува да престане да им додева на луѓето, но тогаш Кирил се исушува, а кога мајка му го ослободува од клетвата, тој заминува да бара посилен човек од него. Така, Кирил доаѓа до едно село, каде луѓето се многу посилни од него, а потоа се буди во една меана. Откако ја минува ноќта со келнерката, утредента заминува во селото Иштица.[5]
„Земјата е тркалезна. Засакувањето на Вратика Чавкаровска и Кирил Стојнички“ е шестото поглавје. Пред да дојдат скакулците, во селото доаѓа Кирил кој работи како учител. Тој се заљубува во шеснаесетгодишната Вратика Чавкаровска, ќерка на исчезнатиот Богоја, која го забележува Кирил кога успева да скроти немирен коњ и кога понижуав еден пеливан. Набргу, Вратика и Кирил започнуваат љубовна врска.[6]
„Најденко Јорданкин. Мешање на слоговите“ е седмото поглавје. Насилникот Најденко Јорданкин ги тормози селаните и сите се плашат од него, а еднаш се обидува на сила да ја бакне Вратика Чавкаровска. Најпосле, тој налетува на Кирил Стојнички, кој лесно го совладува и пред целото село го засрамува силеџијата.[7]
Во осмото поглавје, „Големата Кашлица. Болеста на Вратика Чавкаровска“, во селото владее епидемија на туберкулоза, при што се разболува и Вратика. Болеста напредува брзо и таа претчувствува дека ќе умре. Во меѓувреме, селото се обидуваат да ги избришат разликите меѓу градот и селото, и се борат против скакулците.[8]
„Бегалка. Вратика Чавкаровска го раскажува сонот“ е деветтото поглавје. Вратика сонува дека Најденко Јорданкин ја зел за жена, ја обљубил, а потоа ја оставил. Таа ѝ го раскажува сонот на мајка си, која ѝ кажува дека сонот е вистинит.[9]
„Големиот лов и појавата на скакулците. Смртта на Вратика Чавкаровска“ е десеттото поглавје. Селото го зафаќа наезда од скакулци, а селаните се борат со нив. Состојбата на Вратика се влошува. Кирил ја посетува и ја бакнува. Тој сака да побара лек за Вратика, но не го пуштаат да излезе од селото (кое се наоѓа во карантин), а во меѓувреме умира Вратика.[10]
„Детето ако слуша ќе прозборува. Големата борба со скакулците“ е единаесеттото поглавје во се опишува големата борба на селаните против наездата на скакулците во која се вклучени и децата, кои тоа го сфаќаат како игра. Во тој период, наеднаш исчезнува бригадирот Јаким Доксимов кого селаните го прогласуваат за соработник со скакулците, и веруваат дека се претворил скакулец. Во селото доаѓаат гласовите за бегалците од Грција и за погинатите југословенски граничари.[11]
Во дванесетото поглавје, „Детето проговорува селото се отвора. Убиството на Кирил Стојнички“, на последниот ден од борбата против скакулците проговара детето на претседателот на задругата Дамјан Мравески. Додека Кирил Стојнички убива скакулци во полето, отпозади со нож го убива Најденко Јорданкин, кој веднаш бега од местото, оставајќи го Кирил да умре сам. Селаните го наоѓаат неговото тело дури по неколку дена и го погребуваат. По некое време се распушта земјоделската задруга, се укинува забраната за излегување од селото, а паролата „Солун е наш“ се заменува со „Трст е наш“.[12]
Remove ads
За делото
Содржина
Сместено во препознатливиот рурален пејзаж, дејството во романот „Скакулци“ се случува во еден транзициски период, кога е во тек своевидна „космизација“ на дотогаш варварскиот, тукуречи магиски свет во кој живеат ликовите на Петре М. Андреевски. Нема главни ликови, сите ликови колективно ја градат приказната за доаѓањето на скакулците во селото. Ликовите се дадени со сите свои мани и недостатоци, така што, како што кажал и авторот во своето интервју за „Нова Македонија“ тој самиот е може единствениот позитивен јунак затоа што ја напишал книгата.„Скакулци“ е хроника на едно точно сместено време , предадено низ два-тринаесет глави, поточно низ една низа на концентрични кругови кои се дополнуваат и стопуваат во една целост, во едно синхроно единство, но кои можат да стојат и независно и да се читаат како одделни целини. Жанрот му е негде меѓу трагиката, бајката и гротеската. Книгата може да се чита на два начина: со и без симболи и повеќезначни содржини. Ова според Петре М. Андеевски не е роман за почетници.[13]
Покрај писателското мајсторство, во „Скакулци“ најчитлива е сатирата како постапка по која авторот посегнува за да ја исмее новата власт, притоа исмевајќи ги оние кои ја легитимираат, дури и кога нејзиното постоење е гротескно. Скакулците, како и пирејот, се симбол што посочува на „синдромот на изгубениот и неосознаениот идентитет“.[14] Магискиот реализам со кој е претставено селото, иреалната борба со скаулците/ непријател кој е ситен, а нерамен, соништата и преданијата се главна одлика на прозата на Петре М. Андреевски.
Изданија
Романот е објавен и во 1984 година, во издание на Наша книга, како дел од одбраните дела на Андреевски, а во рамките на едицијата „Македонска книжевност“. Книгата, со обем од 228 страници и со димензии од 21 сантиметар, е испечатена во тврд повез во печатницата „Нова Македонија“ во Скопје, во титаж од 2 000 примероци. Нејзиното издавање било финансиски помогнато од Републичката заедница на културата — Скопје. Книгата е каталогизирана во НУБ „Климент Охридски“ — Скопје.[15]
Remove ads
Наводи
Поврзано
Wikiwand - on
Seamless Wikipedia browsing. On steroids.
Remove ads