Терзиски занает
From Wikipedia, the free encyclopedia
Remove ads
Терзиски занает[1] — занает за кроење, шиење и украсување на стари граѓански, народни носии изработка на облека која сами ја шиеле и везеле. Мајсторите на терзискиот занает се нарекувале терзија.[2]
Историја на занаетот
Се верува дека овој занает во нашите краеви бил донесен од Турците.
Терзиите имале своја чаршија, работеле во терзиски одлариња каде што требало да има доволно место за да можат да работат. Шиеле облека од потенки материјали за разлика од кафтанџиите. Разликата помеѓу терзија[3] и абаџија била во материјалот, кројот и начинот на украсување. Терзиите шиеле главно за градското население, а абаџиите за селското население. Поради сличноста на нивните занаети, абаџиите и терзиите[4] често доаѓале во судир. Подоцна, со опаѓањето на двата занаети, поради индустриското производство тие меѓусебно си помагале, па облеката што би ја сошиле абаџиите ја украсувале терзиите.
За да станеш терзија најнапред требало да бидеш чирак, калфа и после мајстор терзија. Во периодот од 1925 година до 1937 година во Охрид биле организирани два курса за терзии кои траеле по шест недели. И во овој еснаф работеле многу бесправни терзии. Правите мајстори во борба за нивниот опстанок ги прогонувале и пријавувале луѓето кои бесправно работеле но многу од нив работеле во своите домови.
Терзиите ги шиеле следните делови од облеката: антерија, долама, машки гунчиња, џамадан, минтан, мисараба, тозлук, елек, џубе, либаде, кумош, турак, клашни, шалвари и сл. Терзиите шиеле различни делови од облеката од материјали како што се чоја, кадифе, атлас, а облеката ја украсувале со свилени гајтани, реси, светки и срма. Многу од мајсторите терзии по втората светска војна оделе по селата пред Велигден носејќи со себе и материјали за да им шијат фустани и облека на богатите селски семејства. Со прифаќањето на граѓаните да носат сè повеќе европски облеки, потребата за производите од терзиите се намалувала.
Кон терзиите во XX век кога се напуштала ориенталната мода наречена а ла турка и започнал да се применува новиот европски моден стил „а ла франка“ кон терзиите ce приклучиле и френк-терзиите кои изработувале европска облека.[5] Во средината на XX век се отвораат кројачки и модни салони, трговски дуќани во кои се продавале различни штофови и убави материјали од кои се шиела облека за жени и мажи.
Во XIX век во Велес кога младата авангарда ги донела со себе културните промени на европските земји, во Велес посебно биле ценети мајстори –терзии[6] кои биле задолжени за шиење на облеката на имотните, но и на посиромашните велешани. Терзиите со материјали се снабдувале од Велешките трговци, а често патувале и до Солун и во Далмација по набавка на материјали. По отворањето на големата штофара на семејството Шукареви како и неколку други штофари во градот, терзиите добиле можност да набават материјали и да ги задоволат желбите на велешани.
Терзиите за својата работа најмногу ги користеле ,,Singer,, машините за шиење кои се сметаат за најквалитетни. Денеска голем број велешки семејства, во домовите уште чуваат користат од овие машини.
Remove ads
Изработка и материјали
Терзиската работа се одвивала по следниот редослед: цртање на украсот со сапун на материјалот пред да се везе, пришивање на хартија од задната страна на материјалот на местото каде ќе се везе везот, потоа самиот чин на везење на платното и на крајот поставување на поставата од наличјето.
Ткаенините што ги користеле терзиите за изработка на облека биле само делумно домашни. Обично тоа била индустриска и занаетчиска стока носена од Исток, или подоцна фабричка стока увезувана од Запад. За украсување на разни облеки се користеле и разни видови на гајтани: волнени, свилени, златни и сребрени, бикма (свилена и сребро), светки и разни видови ширити кои ги изработувале други занаетчии. Покрај гајтаните од сребрени и златни нитки, многу се користеле и црвените, зелените и сините жици.
Народната носија полека исчезнувала и не се шиела. Но, она што градот го отфрлил, селото го прифатило, па не било реткост побогатите девојки од селото да се мажат во бела венчаница или, пак, во градска носија, со бала на главата. Со доаѓањето на модата за носење фустани исечени „во европски стил“ почнал нагло да слабее терзискиот занает за изработка на носии.
На слабеењето и исчезнувањето на терзискиотт занает пред појавата на мајсторите кројачи влијаела и меѓусебната конкуренција меѓу самите кројачи (богати и сиромашни), мешањето на игумени во кројачкиот бизнис, како и трговијата со готови и евтини стоки.
Со прифаќањето на граѓаните да носат сè повеќе европски облеки, потребата за производите од терзиите се намалувала. Денес скоро во секој град постои по некој кројач или дел од поранешните занаетчии кои работат во своите домови.
Remove ads
Алат
Терзиите го користеле следниот алат: сапун, ножици, игли, конец и шивачки машини.
Поврзано
Наводи
Надворешни врски
Wikiwand - on
Seamless Wikipedia browsing. On steroids.
Remove ads