Фајанс
From Wikipedia, the free encyclopedia
Remove ads
Фајанс[1][2] (од француски faïence) — вид светлообоена керамика обложена со бела оловно-калајна глазура, погодна за сликање, која корисниците што зборуваат француски првично ја поврзувале со градот Фаенца во близина на Равена во Средна Италија, од каде што била увезена.[3]

Изумот на белата глазура, создадена со додавање на калај диоксид во оловната глазура, претставувал голем напредок во развојот на керамиката. Се чини дека ваквата глазура била позната во Иран и на Блискиот Исток уште пред 9 век од нашата ера. Печката што достигнувала температури над 1000°C, неопходни за застаклување, била резултат на неколкуилјадното искуство во печењето керамика.
Изразот фајанс денес се користи за најразлични керамички производи од многу делови на светот, вклучително и многу видови европски обоени производи, кои често се замена за поскапиот порцелан.
Керамички производи со оловна глазура, како што се француските производи од Сен Поршер од 16 век, не се сметаат за фајанс, но обично не се прави разлика меѓу нив. Со бела глазура може да се глазираат и производи од каменина.
Remove ads
Историја
Древен „фајанс“


Изразот фајанс се проширил и на ситно застаклените керамички монистра, фигурини и други помали предмети, кои биле направени уште во 4000 година пр. н. е. во Стар Египет и на други места на Блискиот Исток, долината на Инд и Европа. Овие производи не се вистински фајанс затоа што не се направени од глина, туку од топливо стакло што се користело самостојно или за застаклување. На пример, има фигура на нилски коњ што се чува во музејот Лувр. Древниот фајанс бил откриен и во археолошкото наоѓалиште Кносос на Крит, каде што веројатно е создаден под влијание на египетската култура.[5]
Западно Средоземје
Техниката на застаклување на керамиката во Ел Андалус со собе ја донеле Маврите и ја развиле до совршенство. Хиспано-мавританската керамика од Малага во Андалузија и подоцна од Валенсија се извезувала преку Балеарските Острови или непосредно во другите делови на Европа.
Изразот мајолика настанал од изопачен изговор на името на островот Мајорка, кој бил трговско место на патот од Кралството Арагон до Италија кон крајот на средниот век. Овој вид шпанска керамика е претежно од мавританско наследство.
Глазираната керамика во Италија ја произведувале месни производители. Производството започнало во 14 век и го достигнало својот врв кон крајот на 15 век и почетокот на 16 век.
Франција и Северна Европа
Првите северни жители кои почнале да подражаваат италијанска глазирана керамика биле Холанѓаните. Делфтската грнчарија е фајанс изработен од грнчари околу Делфт, Холандија. Се одликува со сино сликарство на бела позадина, вдахновено од сино-белиот порцелан увезен во почетокот на 16 век од Кина. Холанѓаните набрзо развиле свој особен препознатлив декор.
Ваква керамика во Англија се произведувала во Ламбет, Лондон и други средишта, снабдувајќи ги аптекарите со посатки за течни и цврсти лекови. Многу такви производи биле увезувани и од Фландрија. Околу 1600 година почнало да се произведува сино-бела керамика со декоративно обрабен натпис што покажува што содржи. Во втората половина на 18 век, производството постепено пресушило поради воведувањето на поевтини садови, за кои глазурата ја развил Џошуа Веџвуд околу 1760 година.

Холандските грнчари го донеле своето знаење во Северна Германија. Првите германски средишта за изработка на производи од фајанс биле Ханау (1661) и Хојзенштам (1662), од каде производството набрзо се преселило во блискиот Франкфурт на Мајна.
Во Франција, средиштата за производство на фајанс почнале да се развиваат на почетокот на 18 век. Од Кемпер во Бретања, каде што производството започнало околу 1690 година и сега има интересен музеј посветен на фајансот, производството се проширило во Руан, Стразбур и Линевил.
Француските производи од фајанс, кои ретко се посебно обележани, се препознаваат по обликот, одликите на глазурата и стилот на сликање. Faience blanche, или бел фајанс, бил копија на bianchi di Faenza, создадена околу 1570 година како реакција на прекумерно насликан фајанс. Во него преовладувала белата боја, а единствената слика често била обрабен грб.[6] Faïence parlante, или зборувачки фајанс, по кои Невер[7] бил најпознат, често бил украсен со изреки, украсни натписи или симболи. Аптекарските производи честопати имале натписи, главно на латински, што укажувало на нивната содржина. Во 18 век станало популарно мотото на братствата и сестринствата, што довело до faïence patriotique или патриотски фајанс, особено за време на Француската револуција. Од faïence parlante, исто така, се развило faience patronymique или семеен фајанс, во кој преовладувале слики на светци и датуми и ваков производ често се подарувал за родендени и крштевки.[7]
Кон крајот на 18 век, префинетиот фајанс бил заменет со поевтин порцелан. Преживеале само мали грнчарски работилници, кои ги снабдувале месните пазари со груби и едноставни производи.
Remove ads
Галерија
- Чинија во стилот на гарофано (каранфилче).
- Плоча во стилот на калинка
- Плоча во стилот на Penne di pavone (пердуви од паун).
- Плитка чинија од Фаенца, направена околу 1555 година
- Чаша направена околу 1700 година во Талавера де ла Реина, Шпанија
Поврзано
- Мајолика
- Порцелан
Наводи
Литература
Wikiwand - on
Seamless Wikipedia browsing. On steroids.
Remove ads