Кузман Шапкарев
македонски преродбеник From Wikipedia, the free encyclopedia
Remove ads
Кузман Атанасов Шапкарев (1 февруари 1834 во Охрид — 18 март 1909 во Софија) — еден од најзначајните собирачи, публикатори и афирматори на македонски народни умотворби и еден од првите македонски учебникари.
Remove ads
Библиографија
Ран период и образование (1834–1854)
Кузман Шапкарев е роден во семејство на сиромашен занаетчија во Охрид на 1 февруари 1834. Завршил основно училиште, но заради сиромаштија морал да го прекине образованието.
Учителска дејност во Македонија
До промена во неговиот живот дошло кога му понудиле да го заземе учителското место на неговиот чичко. Така станал учител и учителствувал во Битола, Охрид, Струга, Прилеп и Кукуш на грчки и бугарски јазик.[1] Тогаш ги запознал Димитрија и Константин Миладинови. По стапките на Димитрија Миладинов, на кого му станал зет, зашто Кузман се оженил со неговата ќерка, почнал да собира народни песни и умотворби. Кога браќата Миладиновци бидуваат затворени, Кузман безуспешно се обидува да им помогне. По нивната смрт, тој отишол да учителствува прво во Прилеп, а потоа во Кукуш.
Отворање на Бугарската гимназија во Солун
Пролетта 1880 година, Шапкарев ја напуштил Македонија за да му го понуди своите услуги како инспектор за Татарпазарџискиот училишен округ на тогашниот директор за образование на Источна Румелија, Јаким Груев.[2] Но и покрај посредништвото од страна на архимандритот Методиј Кусев, Груев го одбил Шапкарев. За да не пропадне неговата мисија во Бугарија, Шапкарев се обидел да ја искористи блискоста на Кусев со егзархот, за барем да може да го издаде етнографскиот и фолклорен материјал што го собрал претходните години во Македонија. Проникливиот Кусев заклучил дека охриѓанецот може да биде употребен за многу поважна цел. Имено, како што подоцна дознал Шапкарев, „во тоа време се кроеше план да и се помогне на Македонија на просветен план, но не можеше да се најде погодна личност... која што ќе ја постави првата основа – основниот камен на тамошното учебно дело“. Помошта на просветен план за која што зборува Шапкарев всушност има поинаква позадина. Средбата на Шапкарев со Кусев се случила во истиот период кога Портата го издала т.н. Закон за вилаети, кој предвидувал одземање на патријаршиските привилегии во егзархиските училишта. Оттука, испраќањето на личност во Македонија која би ја поставила основата на бугарското училишно дело била токму во овој контекст. Така, со препорака од архимандритот, Шапкарев се упатил во Цариград за да се сретне со егзархот Јосиф I и од него да побара средства за издавање на собраните етнографско-фолклорни материјали. Меѓутоа, во писмото од Кусев до егзархот немало ниту збор за зборникот и во него пишувало само: „Еве го човекот што го бараме за учебното дело“.[3]
Со препорака од егзархот, Шапкарев бил упатен во Софија за да се сретне со премиерот Драган Цанков, од кого бил задолжен да подготви извештај за перспективите на бугарското училишно дело во Македонија. Во мај 1880 година, Шапкарев го изложил својот план пред кнежевскиот Министерски совет, при што предвидел: 1) Солун да биде центар на делото. Таму да се основаат и поддржат по една полна машка и женска гимназија со пансиони; 2) Во Битола, Скопје и Серес да се отвори по една полугимназија и по едно трикласно женско училиште; 3) Во неколку второстепени градови да се отвори по едно двокласно или трокласно училиште; 4) Во другите места, кај што би се укажала потреба, да се даде привремена или постојана помош за поткрепа на постојните училишта; 5) Помошта за подржување на сите овие учебни установи да не се испраќа директно, туку со посредство на Егзархијата.[3]
На 2 јуни 1880 година Кузман Шапкарев пристигнал во Солун заедно со Д. Узунов, кој бил назначен да отвори училиште во Битола. Притоа, Шапкарев истакнува дека улогата што му била наменета од Егзархот, покрај учителствувањето, била и „да ја насочува бугарштината во цела Македонија“. Истовремено, Егзархијата поканила уште 30 Македонци во Бугарија да појдат за учители во Македонија, но никој од нив не одговорил на повикот. Во Солун Шапкарев, кој бил назначен за главен учител во солунските егзархиски училишта, ги нашол училиштата во очајна состојба. Во машкото училиште имало само 17 ученици првоодделенци и четворица повозрасни, кои составувале нешто налик на прв клас. Во женското училиште учеле 11 ученички, од кои само 2-3 знаеле да читаат.[4]
Во октомври истата година, Шапкарев и кукушанецот Христо Бучков започнале со работа во солунското основно училиште во солунското маало Ајринџик. Како резултат на плодната агитаторска дејност на Шапкарев, активноста на солунската егзархиска општина и претходно воспоставените врски во Солунско и Кукушко, училиштето го посетувале 87 ученици, претежно од околината на Кукуш и Солун, од кои се формирале 4 одделенија и два класа. Брзиот успех резултирал со позитивни сигнали од Егзархијата за отворање на редовна и полна бугарска гимназија во Солун. Меѓутоа, и покрај успешно завршената учебна година, пред почетокот на 1881/82 година, Шапкарев бил известен дека бугарската гимназија ќе биде отворена во Прилеп. Тврдоглавоста на охриѓанецот сепак се покажала решавачка. Шапкарев одбил да ги изврши наредбите на архимандритот Методиј Кусев, кој како роден прилепчанец најмногу се залагал гимназијата да биде отворена во Прилеп. По долга расписка со разни егзархиски и политички фактори, Шапкарев успеал да издејствува гимназијата сепак да биде отворена во Солун. Притоа, меѓу другото, егзархискиот учител истакнал дека Европа може да види дека во Македонија живеат и Бугари само доколку гимназијата биде отворена во Солун, кој го посетувале голем број на странци. Истовремено, Шапкарев разгласил низ цела Македонија дека во Солун ќе се отвори бугарска гимназија со пансион. На тој начин, учебната година започнала со 123 ученици, распоредени во три гимназијални класа.[5]
Поради интриги од колегите, на 18 ноември 1881 година Шапкарев бил отстранет од гимназијата и назначен за учител во Кукуш.[6]
Период во Бугарија (1884–1909)

По Руско-турската војна (1877-1878), Шапкарев се преселил во Бугарија, каде продолжил со својата публицистичка и просветна работа. Во септември 1884 година заминал за Пловдив, Источна Румелија.[7] Од 1900 година е редовен член на Бугарското книжевно друштво (преименувано подоцна во Бугарска академија на науките).[8][9][10]
Во октомври 1893 година заминал за Константинопол, испратен од Бугарската егзархија за да биде уредник на планиран бугарски весник таму.
Кон крајот на својот живот заминал за Бугарија. Починал во Софија во 1909 година.
Обемот и квалитетот на собраниот материјал го вбројуваат Шапкарев меѓу најголемите собирачи на народни умотворби не само од Македонија, туку од целиот Балкан. Во своето творештво Шапкарев се изјаснува како Бугарин по род.[11]
Remove ads
Творештво
- 1884 — „Материали за животоописанието на братя Х. Миладинови, Димитрия и Константина. С прибавление нещо и за живота на Нака С. Станишев“ ("Материјали за опишување на животот на браќа Х. Миладинови, Димитрија и Константина. Со прибавување на нешто и за животот на Нако С. Станишев")
- 1884 — „Материали за историята на възражданието българщината в Македония от 1854 до 1884 г.“ ("Материјали за историјата на преродбата на бугарштината во Македонија од 1854 до 1884 г.")
- 1884 — „Русалии: древен и тврдѣ интересен българский обичай запазен и до днес в Южна Македония“ ("Русалии: антички и премногу интересен бугарски обичај зачуван до денес во Јужна Македонија")
- 1885 — „Сборникъ отъ народни старини. Книга III. Български Народни Прикаски и Верования събралъ въ Македония и издава К. А. Шапкаревъ“ ("Зборник од народни старини. Книга III. Бугарски народни приказни и верувања собрал во Македонија и издава К. А. Шапкарев")
Учебници

- 1866 — „Българский буквар“ ("Бугарски буквар")
- 1868 — „Голѣма българска читанка“, втора част на "Българский буквар ("Голема бугарска читанка", втор дел на "Бугарски буквар")
- 1868 — „Кратко землеописание за малички детца“ ("Кратко опишување на Земjата за мали деца")
- 1868 — „Кратка священа повестница от ветхий и новий завет“ ("Кратко свештено прераскажување на Стариот и Новиот завет")
- 1869 — „Наръчно св. благовествование или сбор от евангелските чтения“ ("Прирачник на св. благовестување или зборник од евангелските читања")
- 1870 — „Наръчний св. посланичник или сбор от апостолските чтения“ ("Прирачник на св. посланија или зборник од апостолските читања")
- 1874 — „Майчин язик“ ("Мајчин јазик")
Remove ads
Библиографија
- Шапкарев, Кузман. (1984). Избор. Приредил Томислав Тодоровски. Скопје: Мисла.
- Шапкарев, Кузман. (1987). Одбрани творби. Приредил Томислав Тодоровски. Скопје: Мисла.
Наводи
Надворешни врски
Wikiwand - on
Seamless Wikipedia browsing. On steroids.
Remove ads