From Wikipedia, the free encyclopedia
Франческо Бартоломео Растрели (италијански: Francesco Bartolomeo Rastrelli, руски: Франче́ско Бартоломе́о (Варфоломе́й Варфоломе́евич) Растре́лли; 1700 - 29 април 1771) — руски архитект со италијанско потекло. Развил лесно препознатлив доцнобарокен стил на раскошна и величествена архитектура.
Бартоломео Растрели | |
---|---|
Портрет на Бартоломео Растрели од П.А. Ротари | |
Националност | Италијанец, Русин |
Познат(а) по | архитектура |
Значајни дела | Зимски дворец Манастир „Смолни“ Катерински дворец Андреевска црква |
Правец | барок |
Како син на познатиот вајар и архитект, Карло Растрели, лесно се стекнал со соодветното образование. Во своите дела ги соединувал елементите од европскиот барок со елементи од традиционалната руска архитектура, пред сè карактеристични за наришкинскиот стил, како камбанарии, покриви и обоени делови. Неговите главни дела како Зимскиот дворец во Санкт Петербург и Катеринскиот дворец во Царское Село, се познати по својата екстравагантен ракошност и изобилство на украси.
Бартоломео се родил во Париз во семејството на Карло Растрели, кој бил вајар и архитект. Во Русија се преселил во 1716 година, кога татко му бил повикан од страна на царот Петар I да учествува во изградбата на царскиот дворец. Во младоста од татка си го примил соодветното образпвание, а неговата амбиција била да ги комбинира најновите италијански моди со традициите на московскиот барокен стил. Првата важна нарачка ја примил во 1721 која била дворец за принцот Димитриј Кантемир, некогашен владетел на Молдавија. Во периодот од 1725 до 1730 година, заминал да се образува низ Европа, а особено во Италија.
Растрели бил назначен за главен дворски архитект во 1730. Неговите дела им се допаднале на женските монарси во тоа време, и затоа тој ја задржал оваа функција за време на владеењата на цариците Ана Ивановна и Елисавета Петровна. Така, во тој период ги изградил Рундалскиот и Митавскиот дворец, кои биле изградени за војводата Ернст Јохан Бирон, близок пријател на царицата Ана. Денес, обата дворци се наоѓаат во Латвија.
Врвот во својата кариера го достигнал во времето на Елисавета Петровна, за којашто бил назначен да го изгради Летниот дворец во Санкт Петербург. По него, следувала изградбата на бројни градски дворци и куќи на село, меѓу кои најпознати се Воронцовиот и Строгановскиот дворец. Во периодот од 1747 до 1752 година, Растрели работел на проширување и обновување на Големиот дворец во Петерхоф, а во 1747 година ја направил и скицата на црквата Свети Андреј во Киев, чијашто изградба траела од 1749 до 1755 година. Од тој период, познато е и дека работел на изградбата на Катеринскиот дворец во Царское Село.
Последните и можеби најголеми проекти на Растрели биле манастирот „Смолни“ и Зимскиот дворец во Санкт Петербург. Во манастирот „Смолни“, царицата Елисавета требала да го помине остатокот од својот живот, а проектираната камбанарија требала да стане највисоката градба во цела Русија. Смртта на Елисавета во 1762 му оневозможила на Растрели да го заврши овој величествен проект целосно.
Царицата Катерина II не ја сакала барокната архитектура и затоа Растрели се повлекол во Курска, каде ги надгледувал украсувањата на војводските дворци. Своите последни години ги провел тргувајќи со некои италијански продавачи на уметнички дела. Бил избран за член на Империјалната академија на науките неколку месеци пред неговата смрт.
Во чест на придонесот, во 1923 година неговото име го добил плоштадот пред манастирот „Смолни“ во Санкт Петербург. Неговиот живот и дела биле претставении на филмското платно, со снимање на документарниот филм „Архитектот Растрели“ во 1972 година, во режија на Марија Клигман.
Seamless Wikipedia browsing. On steroids.
Every time you click a link to Wikipedia, Wiktionary or Wikiquote in your browser's search results, it will show the modern Wikiwand interface.
Wikiwand extension is a five stars, simple, with minimum permission required to keep your browsing private, safe and transparent.