Давид (Микеланџело)
From Wikipedia, the free encyclopedia
Давид — ремек-дело на Микеланџело од ренесансната ера, кое било извајано во мермер помеѓу 1501 година и 1504 година. Статуата, висока 5,17 m со основата, го претставува библискиот лик Давид во момент на сосредоточување пред борбата со Голијат, и е извајана како симбол на средновековната држава Фиренца. Првично бил поставен пред денешната Палацо векио, седиште на фирентинскаа власт. Скулптурата е откриена на 8 септември 1504 година. На првичното место од 1910 година се наоѓа реплика на скулптурата, а изворната скулптура од 1873 година се наоѓа во Галеријата на Академијата (италијански: Galleria dell'Accademia) во Фиренца каде што е заштитена од оштетување.
Творец | Микеланџело |
---|---|
Година | 1501– ок. 8 јуни 1504 |
Тематика | Библискиот Давид |
Димензии | 517 см × 199 см |
Место | Галерија на Академијата, Фиренца, Италија |
Давид бил нарачан за катедралата во Фиренца и според првичната идеја, би бил поставен на една од потпорите (контрафори на апсидата) на нејзините ѕидови како дел од низата монументални фигури што би го краселе горниот дел на градбата. Овој предлог е од „тречента“ (13 век), како што е очигледно од „Поглед на Фиренца“ на Андреа да Фиренце, фирентински сликар кој бил еден од советниците за време на неговата изградба.[1] Уште Донатело добил нарачка да го изваја Давид во мермер како дел од овој проект, меѓутоа, овој Давид како и неговиот пар Исаија кого го изработил Нани ди Банко според заклучокот на тогашната комисија биле премногу мали за оваа местоположба.[1]
Задачата за изработка на овие фигури во мермер била оживеана во 1460-тите, кога на скулпторот Агостино ди Дучо му бил доделен мермерен блок висок околу 5,2 метри за да го издлаби Давид. Агостино, кој веројатно работел според моделот на Донатело, набрзо го напуштил делумно извајаниот камен, најверојатно по смртта на Донатело во 1466 година.[1] Блокот на крајот му бил доделен на Микеланџело на јавен конкурс одржан во 1501 година. Далеку од тоа дека се работело за идеална нарачка; мермерниот блок бил висок, но плиток и дизајнот на Микеланџело морал донекаде да биде компромитиран од почетната работа на Агостино.[1]
Микеланџеловиот јунак е шеснаесетгодишно момче кое сè уште не пораснало целосно во момчак, но со силни мускули на оние кои веќе биле изложени на напорна работа на таа возраст. Ременот му лежи на левото рамо, а каменот сè уште му е во десната рака, со напнати мускули, а челото наборано и пркосно намуртено.