Златна топка
From Wikipedia, the free encyclopedia
Златна топка (француски: Ballon d'Or, често нарекувана и Најдобар европски фудбалер на годината) е фудбалска награда која се доделува секоја година. Златната топка се доделува на оној фудбалер за кого се смета дека покажал најмногу во претходната календарска година. Наградата ја воспоставил новинарот на France Football Габриел Хано, кој во 1956 ги замолил колегите да гласаат за најдобар играч на годината во Европа. Прв победник бил Стенли Метјуз од Блекпул.[1][2][3]
Новинарите најпрво можеле да гласаат само за европските играчи кој настапуваат во европските клубови, што значи дека играчи како што биле Диего Марадона и Пеле не биле во конкуренција за наградата.[4] Во 1995 со промената на правилото е дозволено гласање и за неевропските играчи кој настапувале во европските клубови. Прв неевропјанин кој ја освоил наградата по смената на правилото бил Жорж Веа од Милан веќе во истата година.[5] Правилата биле повторно променети во 2007 како би во конкуренцијата влегле играчи од било која националност и од било кој клуб на светот. Автоматски се зголемил и бројот на новинари кој имаат право на гласање; 96 од целиот свет ги избрале својте најдобри 5 играчи, додека во 2006 тоа го направиле 52 од Европа.[6]
Три играчи ја освоиле наградата трипати: Јохан Кројф, Мишел Платини и Марко ван Бастен. Платини е единствениот играч кој ја освоил наградата трипати по ред; наградата ја освојувал од 1983 до 1985.[1] Роналдо во 1997 станал првиот Бразилец кој ја освоил наградата.[5] Најуспешни се холандските и германските играчи кој највеќе пати ја освојувале наградата. Италијанските клубови Јувентус и Милан имаат највеќе победници.[7] Последен добитник на златната топка бил Лионел Меси.[8]