Испарување
From Wikipedia, the free encyclopedia
Испарување или испарение — физичка појава при што една супстанција преминува од течна во гасовита агрегатна состојба[1] и се случува на површината на супстанцијата. Посебен вид на испарување е вриењето, каде што испарува сета маса во целина.
Во една чаша вода на собна температура, молекулите немаат доволно топлинска енергија за да избегаат од течноста. Со нејзино загревање, тие набргу излегуваат и се судираат. При судирањето, молекулите ја предаваат енергијата во различен степен, зависно од тоа како ќе се судрат. Оние при површината добиваат, но не оддаваат енергија, па така имаат достатна сила за да избегаат во воздухот (да испарат).
Испарувањето е суштински дел од процесот на кружење на водата. Сонцето предизвикува испарување на вода од океаните, езерата, влагата од почвата и други извори. Во хидрологијата, испарувањето и транспирацијата (испарување од растенијата) збирно се нарекуваат евапотранспирација. Испарувањето на водата се случува кога површината ќе се изложи на воздух, овозможувајќи го излегувањето на молекулите во облик на пареа. Дел од таа пареа потоа образува облаци.