Крвен притисок
From Wikipedia, the free encyclopedia
Крвен притисок е притисок на крвта врз ѕидовите на крвните садови[1] и е еден од основните витални знаци. Крвниот притисок е резултат на две сили: едната е создадена од срцето кое пумпа крв низ крвотокот, а другата е силата на артериите кои се спротивставуваат не крвотокот. За време на секое чукање на срцето, крвниот притисок се менува од максимален (систолен) до минимален (дијастолен). Средниот крвен притисок, заради пумпањето на срцето и отпорот во крвните садови, се намалува како што крвта којашто кружи се движи од срцето низ артериите. Тој има најголем пад во малите артерии и артериолите и продолжува да се намалува како што крвта се движи низ капиларите и назад до срцето преку вените.[2] Гравитацијата, залистоците во вените и пумпањето од контракцијата на скелетните мускули се некои од другите влијанија врз крвниот притисок во различни места во телото.
Поимот крвен притисок обично се однесува на притисокот измерен на надлакотот на некое лице. Тој се мери на внатрешноста од лакотот, на надлакотната артерија која е главната артерија на раката којашто носи крв од срцето. Крвниот притисок на едно лице е обично изразен преку систолниот и дијастолниот притисок, на пример 120/80 милиметри живен столб.