Олимписки богови
From Wikipedia, the free encyclopedia
Олимписките богови или дванаесетте олимписки богови, познати и како Додекатеон (грчки: Δωδεκάθεον < δώδεκα, додека, „дванаесет“ + θεοί, тео, „богови“), во старогрчката митологија, се главните богови на грчкиот пантеон, живеејќи на врвот на планината Олимп. Првиот антички навод за религиозни свечености приредени во нивна чест е најден во Хомеровата химна за Хермес. Класичната шема на Дванаесетте олимписки богови (Прописните дванаесеттемина на уметноста и поезијата) е составена од следните богови: Зевс, Хера, Посејдон, Деметра, Арес, Хермес, Хефест, Афродита, Атена, Аполон, Артемида и Хестија. Соодветната римска шема е составена од следниве богови: Јупитер, Јунона, Нептун, Церера, Марс, Меркур, Вулкан, Венера, Минерва, Аполон, Дијана и Веста.[1]
Во антиката, сепак, имало, доста расправи околу тоа кој сè се вбројува меѓу олимписките богови.[2] Околу 400 години пр.н.е. Херодот во неговиот Додекатеон ги вклучил следниве божества: Зевс, Посејдон, Хера, Атена, Хермес, Аполон, Алфеј, Крон, Реја и Грациите.[3] Виламовиц се согласува со Херодоровата верзија на дванаесетката.[4]
Херодот го вбројува Херакле како еден од дванаесетката.[5] Лукијан ги вклучува Херакле и Асклепиј во дванаесетката, без при тоа да објасни кои два бога ги исфрла. На Кос, Херакле и Дионис се додадени на дванаесетката, а Арес и Хефајст се изоставени.[6] Како и да е, Пиндар, Аполодор[7] и Херодор не се согласуваат со ова. За нив Херакле не е еден од дванаесетте олимписки богови, туку оној кој го востановил нивниот култ[3].