Рококо
From Wikipedia, the free encyclopedia
Рококо (фр. rococo, а поретко и roccoco), наречен и „доцен барок“ — стил и уметничко движење од XVIII век, кој влијаел на неколку видови уметност, вклучувајќи ги сликарството, вајарството, архитектурата, внатрешното уредување, декоративната уметност, литературата, музиката и театарот. Стилот рококо се јавил во раниот XVIII во Париз како реакција против надменоста и строгите правила на барокот, особено на оној во Версајскиот дворец[1]. Така, уметниците на ова движење избирале повесел, понакитен и пограциозен пристап кон барокната уметност и архитектура. На тој начин, уметноста и архитектурата во рококо стилот биле накитени и во нив често се користеле кремасти, пастелни бои, несиметрични конструкции, криви линии и злато. За разлика од барокот кој бил политички насочен, рококо стилот имал разиграни, а често и духовити уметнички теми. Што се однесува до внатрешното уредување, просториите во стилот на рококо биле изработени како цели уметнички дела со елегантен и накитен мебел, мали скулптури, украсни огледала и таписерија која ги надополнувала архитектурата, релјефите и сликите на ѕидовите. Исто така стилот рококо одиграл голема улога во театарот. Во книгата „Рококо“ (The Rococo), пишува дека нема ниедна друга култура која „создала подуховит, поелегантен и подисмејувачки дијалог полн со нејасен и прикриен јазик и гестови, префинети чувства и суптилна критика“ од оној на театарот во стилот на рококо, особено во Франција.[2]
Кон крајот на XVIII век, стилот рококо започнал да излегува од мода, и бил во голема мера заменет со неокласицистичкиот стил. Во 1835 година Речникот на Француската Академија изјави дека зборот рококо „обично го опфаќа оној украс, стил и дизајн кој е поврзан со владеењето на Луј XV и почетокот на владеењето на Луј XVI “. Според тоа, ги вклучува сите видови уметности создадени околу средината на XVIII во Франција. Зборот рококо се гледа како комбинација од француските зборови „rocaille“, што значи камен, и „coquille“ што значи школка, поради тоа што овие предмети биле користени како мотиви во декорирањето.[3] Поимот рококо може исто така да се протолкува како комбинација од италијанскиот збор „barocco“ (бисер со неправилна форма, од кој веројатно потекнува зборот барок – „baroque“ ) и францускиот збор „rocaille“ (познат вид на градина или украсување на ентериер со школки и камчиња). Зборот може да се користи да го опише префинетиот и необичен стил кој станал модерен во некои делови од Европа за време на XVIII век. Поради љубовта кон кривите линии во форма на школки и фокусот кон декоративните уметности од страна на стилот рококо, некои критичари го користеле терминот за потценувачки да посочат дека тој бил безвреден и помоден. Кога терминот, во околу 1836 година, за првпат започнал да се користи во англискиот јазик, неговото разговорно значење било „застарен“. Всушност, стилот бил остро критикуван, и некои го сметале дека е површен и дека има лош вкус[4][5], особено во споредба со неокласицизмот. Но и покрај ова, неговите естетски квалитети се фалеле и во средината на XIX век уметничките историчари го прифатиле терминот. Иако сè уште постои спор во врска со тоа дали стилот е историски важен за уметноста во целина, тој е широко признат како важен период во развојот на Европската уметност.