From Wikipedia, the free encyclopedia
Црвенкапа е позната сказна во која станува збор за истоименото девојче и за Лошиот волк. Приказната има претрпено значителни промени низ историјата и сè уште е предмет на бројни современи преработки и читања. Најпознати се верзиите напишани од Шарл Перо и онаа на Браќата Грим.[1] Оваа приказна, според Арн-Томсон се класифицира под бројот 333 во [2].
Илустрација 1843 | |
Автор | Шарл Перо |
---|---|
Изворен наслов | Le Petit Chaperon rouge |
Илустратор | Илустрација на Џеси Вилкокс Смит, 1911 |
Земја | Франција |
Јазик | француски јазик |
Серијал | Истории или сказни од минатото, со наравоученија: Приказни на мајката Гуска (фр. Histoires ou contes du temps passé, avec des moralités: Contes de ma mère l'Oye) |
Жанр | Сказна |
Издавач | Барбен (фр. Barbin) |
Издадена | 1697 |
Во приказните на Перо и на Грим станува збор за девојче наречено Црвенкапа, по црвената наметка што ја носи. Девојчето шета низ шумата за да ѝ испрати храна на својата болна баба. Волкот сака да го изеде девојчето, но се плаши да го стори тоа во јавност. Тој му се приближува, а тоа наивно му кажува каде ќе оди. Волкот му предложува на девојчето да набере малку цвеќиња, а таа тоа и го прави. Во меѓувреме, тој оди во куќата на бабата и успева да влезе преправајќи се дека е Црвенкапа. Тој ја голта бабата, и го чека девојчето, преправен како бабата. Кога Црвенкапа пристигнува, забележува дека бабата изгледа многу чудно за да биде нејзината баба. Во повеќето прераскажувања, ова евентуално кулминира со зборовите на Црвенкапа: „Леле колку ти се големи забите!”На тоа волкот одговара: „За подобро да те изедам", и ја голтнува. Меѓутоа, доаѓа ловецот да ги спаси и го убива волкот со секирата[3]. Црвенкапа и бабата излегуваат неповредени. Тие го полнат телото на волкот со тешки камења, и го убиваат фрлајќи го во бунар.
Во други верзии на приказната бабата е затворена во плакар, наместо да биде изедена, а во некои Црвенкапа е спасена од ловецот кога волкот ѝ приоѓа откако таа е изедена.
Приказната ја прави јасна споредбата помеѓу безбедниот свет на селото и опасностите на шумата, вообичаените антитези кои во суштина се средновековни, иако нема пишани верзии за тоа колку се стари.
Темата на грабливиот волк и на суштеството ослободено и неповредено од неговиот стомак се одразува во симфониската руска сказна Петре и волкот[4] на Сергеј Прокофјев (1936), и во приказната на Грим Волкот и седумте јариња, но неговата општа тематика е обновување на една стара библиска приказна за Јона и китот. Темата исто така се појавува во приказната за животот на Света Марина, каде што светицата излегува неповредена од стомакот на змеј.
Римскиот поет Хорациј се повикува на приказна во која машко дете е спасено живо од стомакот на Ламија, женска огра во класичната митологија која порано била убава кралица но потоа се претворила во демон кој јаде деца[5].
Дијалогот помеѓу волкот и Црвенкапа има сличности со нордиската Тримсквида ( исландски: Þrymskviða) од Старата Еда: џинот Трим го украл Мјолнир, чеканот на Тор, а за возврат ја барал Фреја за негова невеста. Наместо тоа, боговите го облекле Тор како невеста и го испратиле. Кога џиновите ги забележале неженствените очи на Тор, јадењето и пиењето, Локи им објаснил дека Фреја не спие, не јаде и не пие од копнеж по свадбата[6].
Иако нема писмени форми на приказната што му претходела на Перо, потеклото на приказната за Црвенкапа може да се најде во усни верзии од различни европски земји, а повеќе од веројатно му претходат на 17 век, од кои неколку постојат, а некои значително се разликуваат од моментално познатата верзија инспирирана од Грим.Таа била кажувана од француските селани во 10 век.[7]. Се раскажувала и во Италија, каде што постојат голем број на верзии, вклучувајќи ја Лаажната баба (италијански: La finta nonna), напишана меѓу останатите и од Итало Калвино. Била наречена и „Приказната за бабата". Исто така можно е оваа рана приказна да има корени во многу слични ориентални приказни.
Овие постари верзии на приказната се разликуваат од моментално познатата верзија на неколку начини. Противникот не е секогаш волк, понекогаш е огра, вампир[8] или врколак, со што овие приказни се значајни за ловењата на врколакот (слични на ловењата на вештерката)[9]. Волкот обично ги остава крвта и месото на бабата за да ги изеде девојчето, кое потоа несвесно ја изедува сопствената баба. Освен тоа, волкот ѝ бара да ја соблече нејзината облека и да ја фрли во огнот.[10] Во некои верзии, волкот ја јаде девојката откако таа се впушта во кревет со него, и приказната таму завршува.[11] Во други, таа гледа низ неговата маска и се обидува да избега, жалејќи се на својата „баба" дека таа треба да изврши биолошка потреба и не би сакала да го стори тоа во креветот. Волкот колебливо ја пушта, врзана за јаже за да не избега. Сепак, девојчето го префрла јажето на нешто друго, и побегнува. Најчесто сама побегнува без помош од било кој маж или постара жена, користејќи ја сопствената снаодливост.но во некои верзии случајно наллетува на некое момче кои ѝ помага[12] Понекогаш, иако поретко, црвената капа дури и не постои.
Во 2013, со истражување било утврдено дека приказната потекнува од 1 век од Европа а не како претходно што се претпоставувало, од Кина. Научниците анализирале приказни и ликови од 58 верзии од разни подрачја.[13]
Најраната позната печатена верзија[14] (француски: Le Petit Chaperon Rouge) потекнува од францускиот фолклор во 17 век. Таа била дел од колекцијата Басни и приказни од минатото со поука. Приказни на мајката гуска (Histoires et du Temps contes du tepms passé, avec des moralités. Contes de ma mere Oye), во 1697 година од Шарл Перо. Како што навестува насловот, оваа верзија[15] е и пострашна и попоучна од оние подоцнежните. Црвенилото на капата, на кое му е дадено симболично значење во многу интерпретации на приказната, било детално претставено од Перо.[16]
Приказната за тема имала „привлечна, добро воспитана млада дама", селанка од околината измамена од волкот што го сретнува давајќи му ја информацијата што му требала за успешно да ја најде куќата на бабата и да ја изеде старицата, а во исто време избегнува да биде забележана од дрвосечачите кои работат во блиската шума. Потоа тој почнува да поставува стапица за Црвенкапа. Втората завршува изедена од волкот и таму приказната завршува. Волкот излегува како победник од средбата и нема среќен крај.
Шарл Перо го објаснил наравоучението на крајот[17], така што нема сомнеж во неговото значење:
Од оваа приказна се дознава дека децата, особено младите моми, убави, љубезни и добро воспитани, многу грешат што ги слушаат непознатите, и не е нечуено, ако волкот според тоа е снабден со неговата вечера. Велам волк, бидејќи сите волци не се од ист вид; постои еден вид со погоден карактер – ниту бучни, ниту полни со омраза, ниту лути, туку кротки, пресретливи, и нежни, придружувајќи ги младите помошнички на улиците, дури и во нивните домови. За жал! Кој не знае дека овие нежни волци се најопасни од сите такви суштества!
Во оваа верзија приказната е за културата на францускиот салон во доцниот 17 век, за една сосема различна публика од онаа претходно. Таа станала приказна за суров морал предупредувајќи ги жените на додворувањата на мажите.
Во 19 век две одделни германски верзии им биле раскажани на Јаков Грим и неговиот помал брат Вилхелм Грим, познати како браќа Грим. Браќата ја претвориле првата верзија во главно тело на приказната, а втората во нејзино продолжение. Приказната за Црвенкапа (германски: Rotkäppchen) била вклучена во првото издание на нивната колекција Детски домашни приказни (1812).[18]
Претходните делови од приказната толку тесно се согласуваат со варијантата на Шарл Перо што таа е речиси сигурно изворот на приказната.[19] Сепак, тие го измениле крајот. Во оваа верзија малото девојче и нејзината баба се спасени од ловецот кој бил зад кожата на волкот; овој крај е идентичен со оној во приказната Волкот и седумте јариња, кој се чини дека е изворот.[20]
Вториот дел ги карактеризира девојката и нејзината баба како фаќаат во стапица друг волк и го убиваат, а овој пат ги предвидуваат неговите потези врз основа на нивното искуство со претходниот волк.[21]
Девојката не си замина кога волкот разговараше со неа, нејзината баба ја заклучи вратата за да остане надвор, и кога волкот се прикраде, бабата ја стави Црвенкапа под оџакот и го пополни со вода во која беа зготвени колбасите; мирисот го привлече волкот надолу, и тој се удави.
Браќата понатаму ја подобриле приказната во подоцнежните изданија и таа ја достигна горенаведената конечна и попозната верзија во изданието од нивната работа од 1857 година.[22] Таа е видливо поздодевна од постарите приказни што содржат помрачни теми.
Бројни автори ја препишувале и преработувале оваа приказна. Ендрју Ланг вклучил верзија „Вистинската приказна за малата Златнокапа"[23] во Црвената волшебна книга (1890). Тој ја извлекол од делата на Чарлс Maрелес[24], од Приказните на Чарлс Maрелес. Во оваа верзија, девојаката била спасена, но не од ловецот; кога волкот се обидел да ја изеде, неговата уста се запалила од златната капа што таа ја носела и која била магична.
Џејмс Н. Баркер направил промена на Црвенкапа во 1827 година како приказна со приближно 1000 зборови. Подоцна беше преиздадена во 1858 година во една книга од собрани приказни издадена од Вилијам Е. Бартон, наречена Циклопедија на духовитост и хумор. Преиздавањето исто така карактеризира дрво на кое е изгравиран облечен волк со свиткани колена држејќи ја раката на Црвенкапа.
Во 20 век, популарноста на приказната се појавила како лавина, со многу нови пишани и направени верзии, особено во пресрет на Фројдовската анализа, деконструкција и феминистичката критичка теорија. Овој тренд исто така довел до голем број на академски текстови напишани околу Црвенкапа.
Покрај јавното предупредување за разговор со непознати, постојат многу толкувања на класична приказна, многу од нив сексуални. Некои од нив се наведени подолу.
Етнологот д-р Валериј Гејст од Универзитетот во Калгари, Алберта напишал дека приказната најверојатно се темели на вистински ризик од волк кој напаѓа во тоа време. Тој тврди дека волците всушност се опасни грабливци, а басните служеле како валидно предупредување да не се влегува во шумите каде што е познато дека волците живеат и да се внимава на такви. И волците и дивината биле третирани како непријатели на човештвото во тој регион и во тоа време.
Фолклористите и културни антрополози како Едвард Барнет Тејлор ја гледале Црвенкапа во однос на сончевите митови и други циклуси што се случуваат природно. Нејзината црвена капа би можела да го претставува светлото сонце коешто најпосле е проголтано од ужасната ноќ (волкот), а варијациите во кои таа е пресечена од стомакот на волкот ја претставуваат зората.[25] Во ова толкување постои врска помеѓу волкот на оваа приказна и Скол, волкот во нордискиот мит што ќе го голтне сонцето во Рагнарок, или Фенрир.[26] Алтернативно, приказната може да биде за пролетта, или за месецот мај, избегнувајќи ја зимата. Ова може да биде опишано како што е опишан обредот на Мајската кралица, кој го претставува доаѓањето на пролетта, со венец од цвеќиња заменет со црвената капа.[27]
Приказната е толкувана како ритуал на пубертетот, кој произлегува од предисториско потекло (понекогаш потеклото произлегува од претходната матријархална ера).[28] Девојчето, заминува од дома, збунето и разгледувајќи ги актите на приказната, е претворено во возрасна жена од чинот на излегувањето од стомакот на волкот.[29]
Бруно Бетелхајм, во Употребите на магија, го преработува мотивот за Црвенкапа во однос на класичната Фројдова анализа, која покажува како приказните ги развиваат, поддржуваат и ги ослободуваат чувствата на децата. Мотивот на ловецот сечејќи и отворајќи го волкот, тој го толкува како „преродба". Девојката, која неразумно го слуша волкот, се преродува како нова личност.
Црвенкапа, исто така, била сфатена како парабола на полова зрелост. Во ова толкување, црвената наметка ја симболизира крвта на менструалниот циклус, спротивставувајќи се на „црната шума" на женскоста. Или пак наметката би можела да го симболизира хименот (претходните верзии на приказната генерално не наведуваат дека наметката е црвена-зборот „црвено" во насловот може да се однесува на бојата на косата на девојката или на прекар). Во овој случај, волкот ја загрозува невиноста на девојката. Антропоморфичниот волк симболизира човек, кој би можел да биде љубовник, заводник или сексуален грабливец. Ова се разликува од објаснувањето на обредот во којшто влегувањето во полнолетството е биолошки, не општествено, утврдено.
Приказната Тримсквида (исландски: Þrymskviða) од Поетска Еда отсликува некои елементи на Црвенкапа. Објаснувањата на Локи за чудното однесување на „Фреја" (всушност Тор преправен како Фреја) ги отсликува објаснувањата на волкот за неговиот чуден изглед. Во многу толкувања на црвената капа ѝ била дадена голема важност, со значење од зора до крв.
Имало многу модерни употреби и приспособувања на Црвенкапа, обично со сериозно-комичен пресврт на наивноста на Црвенкапа или со малку изопаченост на општествената сатира. Тие се распространети низ голем број на различни медиуми и стилови. Повеќе варијации биле напишани во минатиот век, во коишто авторите ја приспособуваат приказната на Грим на сопствените интереси.
Приказната може да биде кажана во однос на сексуалната привлечност на Црвенкапа.
Оваа сексуална анализа може да биде во форма на силување.
Приказната исто така може да послужи и како метафора за сексуално освестување, како во приказната на Ангела Картер „Друштвото на Волци", објавена во нејзината збирка на Крвава комора (1979).[30] Приказната на Картер била приспособена во филм на Нил Џордан во 1984 година.
„Црвенкапа“ на Ризницата ? |
Seamless Wikipedia browsing. On steroids.
Every time you click a link to Wikipedia, Wiktionary or Wikiquote in your browser's search results, it will show the modern Wikiwand interface.
Wikiwand extension is a five stars, simple, with minimum permission required to keep your browsing private, safe and transparent.