From Wikipedia, the free encyclopedia
Бенигна хиперплазија на простатата (БХП) е неканцерозно зголемување на простатата.[1] Симптомите може да вклучуваат често уринирање, тешкотии во иницирање мокрење, слаб млаз на урина, уринарна ретенција, или уринарна инконтиненција.[1] Компликации кои можат да настанат се инфекции на уринарниот тракт, камења во мочниот меур и хронични проблеми со бубрезите.[2]
Бенигна хиперплазија на простатата | |
---|---|
Синоними | Доброќудна хиперплазија на простатата |
Дијаграм на нормална простата (лево) и бенигна хиперплазија на простатата (десно) | |
Специјалност | Урологија |
Симптоми | Често уринирање, тешкотии во иницирање мокрење, слаб млаз на урина, уринарна ретенција, уринарна инконтиненција[1] |
Компликации | Инфекции на уринарниот тракт, камења во мочниот меур, хронични проблеми со бубрезите[2] |
Вообичаена појава | Над 40 години[1] |
Причинители | Нејасни[1] |
Ризик-фактори | Семејна историја, гојазност, дијабетес тип 2, недоволна физичка активност, еректилна дисфункција[1] |
Дијагностички метод | Врз основа на симптомите и направениот преглед по отфрлање на други можни причинители[2] |
Диференцијална дијагноза | Срцева слабост, дијабетес, рак на простата[2] |
Лекување | Промени во животниот стил, лекови, голем број на процедури, хирургија[1][2] |
Лекови | Алфа блокатори како теразосин, 5α-редуктаза инхибитори како финастерид[1] |
Честота | 105 милиони на глобално ниво (2015)[3] |
Причината за појава на БХП не е позната.[1] Ризичните фактори вклучуваат семејната историја, гојазност, дијабетес тип 2, недоволна физичка активност, и еректилна дисфункција.[1] Лекови како псевдоефедрин, антихолинергици, и блокатори на калциумовите канали може да ги влошат симптомите.[2] Основниот механизам вклучува притискање на уретрата од страна на простатата со што се отежнува протокот на урина од мочниот меур.[1]
Опциите за лекување вклучуваат промени во животниот стил, лекови, голем број на процедури, и хирургија.[1][2] Кај оние со поблаги симптоми се препорачува намалување на телесната тежина, вежбање, и намалување на внесот на кофеин.[2] Кај оние со посериозни симптоми лековите може да вклучуваат алфа блокатори како теразосин или 5α-редуктаза инхибитори како финастерид.[1] Хируршко отстранување на дел од простатата може да се изведе кај оние кај кои нема подобрување на симптомите со останатите мерки.[2]
Околу 105 милиони луѓе во светот имаат БХП.[3] БХП обично започнува по 40 година.[1] Половина од мажите над 50 години се афектирани.[2] После 80 година околу 90% од мажите се погодени.[1] Иако нивоата на простата-специфичен антиген можат да бидат покачени кај мажи со БХП, состојбата не го зголемува ризикот за појава на рак на простатата.[4]
Две главни класи на лекови кои се користат во третманот на БХП се алфа блокаторите и 5α-редуктаза инхибиторите.[5]
Селективните α1-блокатори се најчестиот избор за првична терапија.[6][7][8] Тука спаѓаат алфузосин,[9][10] доксазосин,[11] силодосин, тамсулозин и теразосин. Користа од нивната употреба е мала до умерена.[12] Сите пет се подеднакво ефикасни но имаат различни профили на несакани ефекти.[13] Алфа блокаторите вршат релаксација на мазните мускули во простатата и вратот на мочниот меур, со што ја намалуваат блокадата на протокот на урина. Чести несакани ефекти на алфа блокаторите вклучуваат ортостатска хипотензија (појава на вртоглавица при станување или истегнување), промени во ејакулацијата, еректилна дисфункција,[14] главоболка, назална конгестија, и слабост.
5α-редуктаза инхибиторите, како финастерид и дутастерид се користат во третман на БХП.[15] Овие лекови вршат инхибиција на ензимот 5α-редуктаза, со што се инхибира продукцијата на DHT, хормон одговорен за зголемувањето на простатата. За појава на ефектите потребно е подолго време во споредба со алфа блокаторите, но нивното времетраење може да биде и до повеќе години.[16]
Seamless Wikipedia browsing. On steroids.
Every time you click a link to Wikipedia, Wiktionary or Wikiquote in your browser's search results, it will show the modern Wikiwand interface.
Wikiwand extension is a five stars, simple, with minimum permission required to keep your browsing private, safe and transparent.