From Wikipedia, the free encyclopedia
Гастритис означува хистолошка слика на воспаление на желудочните структури предизвикано од бактерии од родот Helicobacter или од прекумерно лачење на желудочна киселина. Може да се појави како краткотрајна епизода или да биде долготраен.[1] Симптомите може да изостанат, но кога се присутни најчеста е горноабдоминална болка.[1] Други можни симптоми се наузеа (мачнина) и повраќање, надуеност, губење на апетит и жиговина.[1][2] Компликации кои може да настанат се крвавење, чир на желудникот и желудочни тумори.[1] Кога причинителот има автоимуно потекло, може да настане намалување на бројот на еритроцити поради недостиг на витамин B12, состојба позната како пернициозна анемија.[3]
Гастритис | |
---|---|
Микрографија на која е прикажан гастритис. H&E боење. | |
Специјалност | Гастроентерологија |
Симптоми | Горноабдоминална болка, наузеа, повраќање, надуеност, губиток на апетит, жиговина[1][2] |
Компликации | Крвавење, чир на желудникот, желудочни тумори, пернициозна анемија[1][3] |
Времетраење | Кратко или долготрајно[1] |
Причинители | Helicobacter pylori, НСАИЛ, алкохол, пушење, кокаин, тешка болест, автоимуни нарушувања[1] |
Дијагностички метод | Ендоскопија, горногастроинтестинални серии, крвни тестови, тестови на столицата[1] |
Диференцијална дијагноза | Миокарден инфаркт, воспаление на панкреасот, билијарна колика, чир на желудникот[2] |
Лекување | Антациди, H2 блокатори, инхибитори на протонската пумпа, антибиотици[1] |
Честота | ~50% од луѓето[4] |
Смртни случаи | 50,000 (2015)[5] |
Чести причинители на гастритис се инфекција со Helicobacter pylori и употреба на нестероидни антиинфламаторни лекови (НСАИЛ).[1] Поретки причинители се алкохолот, пушењето, кокаинот, тешка болест, автоимуни нарушувања, радијациона терапија и Кронова болест.[1][6] Ендоскопијата, тип на радиографија позната како горногастроинтестинални серии, крвните тестови, и тестовите на столицата можат да помогнат во поставувањето на дијагноза.[1] Симптомите на миокарден инфаркт честопати се слични со оние на гастритис.[2] Други состојби со слични симптоми вклучуваат воспаление на панкреасот, билијарна колика, и чир на желудникот.[2]
Гастритисот се превенира преку избегнување на причинителот.[4] Третманот вклучува лекови како антациди, H2 блокатори, или инхибитори на протонската пумпа.[1] За време на акутен напад може да помогне пиење на вискозен лидокаин.[7] Ако гастритисот се појавил поради употреба на НСАИЛ, потребно е да се прекине нивната употреба.[1] Ако е присутен H. pylori третманот вклучува комбинација од антибиотици како амоксицилин и кларитромицин.[1] Кај оние со пернициозна анемија потребно е земање на додатоци со витамин B12, преку уста (орално) или инјекциски.[3] Пациентите се советуваат да избегнуваат надразнителна храна.[8]
Се смета дека гастритис имало половина од светското население.[4] Во 2013 имало приближно 90 милиони нови случаи.[9] Почесто е присутен кај постарата популација.[4] Гастритисот, заедно со сличната на него состојба која го зафаќа почетниот дел на тенкото црево позната како дуоденитис, резултирале со 50.000 смртни случаи во 2015 година.[5] H. pylori бил откриен во 1981 година од Бари Маршал и Робин Ворен.[10]
Антацидите се терапија од избор кај благ до умерен гастритис.[11] Кога тие не можат да овозможат доволно олеснување на симптомите, се користат лекови како H2 блокатори и инхибитори на протонската пумпа кои ја намалуваат секрецијата на желудочна киселина.[11][12]
Seamless Wikipedia browsing. On steroids.
Every time you click a link to Wikipedia, Wiktionary or Wikiquote in your browser's search results, it will show the modern Wikiwand interface.
Wikiwand extension is a five stars, simple, with minimum permission required to keep your browsing private, safe and transparent.