американско-француски шансониер From Wikipedia, the free encyclopedia
Шарл Азнавур (роден како Шахнур Вагинаг Азнавуријан, ерменски: Շահնուր Վաղինակ Ազնավուրեան; 22 Мај 1924 – 1 октомври 2018)[1][Белешки 1] бил француски[2] пејач, лиричар, глумец, активист и дипломат. Познат по неговиот карактеристичен глас[3], во тек на неговата 70 годишна кариера, снимил повеќе од 1,200 песни испејани на осум јазици.[4] Бил автор или соавтор на повеќе од 1.000 песни за себе и за другите. Азнавур бил еден од најпопуларните француски пејачи.[5] Продал 180 милиони плочи[6][7][8][9] во текот на неговиот живот и бил наречен Френк Синатра[10] на Франција додека музичкиот критичар Стивен Холден го опишувал Азнавур како "француско поп божество".[11] Тој веројатно е најпознатиот Ерменец на своето време.[12][13] Во 1998 година, Азнавур бил прогласен за Забавувач на Векот од страна на CNN и корисниците на Тајм Онлајн од целиот свет. Бил прогласен за изведувач на векот, со околу 18% од вкупните гласови, на рамниште со Елвис Присли и Боб Дилан.[14] Азнавур пеел за претседатели, папи, членови на кралското семејство, како и на хуманитарни настани. Како одговор на земјотресот од 1988 година во Ерменија, тој ја основал добротворната организација Азнавур за Ерменија , заедно со неговиот долгогодишен пријател Левон Сајан. Во 2009 година, тој бил назначен за амбасадор на Ерменија во Швајцарија, како и за постојан делегат на Обединетите Нации од Ерменија во Женева.[15] Неговата последна турнеја била во 2014 година. На 24 август 2017 на Азнавур му била доделена 2,618-та ѕвезда на холивудскиот Булевар на славните. Подоцна истата година тој и сестра му ја добиле наградата Раул Валенберг за заштита Евреите за време на Втората светска војна. Неговиот последен концерт се одржал во НХК Хол, Осака, на 19 септември 2018.
Шарл Азнавур | |
---|---|
Азнавур во 1999 година на Канскиот филмски фестивал. | |
Роден(а) | Шахнур Вагинаг Азнавуријан 22 мај 1924 Париз, Франција |
Починал(а) | 1 октомври 2018 94) Муриес, Франција | (возр.
Занимање |
|
Активен период | 1933–2018 |
Сопружник | Мишелин Ригел (в. 1946; развод 1952) Евелин Плесис (в. 1956; развод 1960) Ула Торсел (в. 1967–2018) |
Деца | 6 |
Награди | Легија на честа (1997, 2001, 2004) Види Награди и признанија |
Азнавур е роден во Париз (6 округ), во семејство на уметници.[16] Името му било Шахнур[17] Вагинаг Азнавуријан[18] како дете на ерменски имигранти Мишел Азнавуријан (од Ахалцихе, Грузија)[19] и Кнар Багдасаријан, Ерменка од Смирна (денешен Измир, Турција).[20][21] Татко му пеел во ресторани во Франција пред да отвори кавказки ресторан наречен Le Caucase. Родителите уште на рана возраст го натерале да настапува и тој престанал да оди на училиште на деветгодишна возраст. Го преземал сценското име "Азнавур".[22]
За време на германската окупација на Франција за време на Втората светска војна, Азнавур и неговото семејство криеле Евреи и "голем број луѓе кои биле прогонувани од страна на нацистите, додека Шарл и неговата сестра Аида биле вклучени во спасувачки активности," според изјавата издадена во 2017 од страна на претседателот на Израел, Реувен Ривлин. Истата година, тој и Аида ја добиле наградата Раул Валенберг за нивните воени активности. "Семејството Азнавур било тесно поврзано со групата на отпорот на Мисак Манучијан и понудиле засолниште на Ерменци, Евреи и други, во нивниот стан во Париз, ризикувајќи ги сопствените животи." [23][24]
На времето кога ја започнал својата кариера како музичар, Азнавур веќе ја познавал сцената. На деветгодишна возраст имал улоги и во една драма наречена Ѓаволчето во Париз и филм со наслов Војната на децата (француски: La Guerre des Gosses).[25] Азнавур потоа се свртел кон професионалното танцување и имал настапи во неколку ноќни клубови. Во 1944 година тој и глумецот Пјер Рош почнале со соработка и заедно имале изведби во голем број ноќни клубови. Со ова партнерство Азнавур почнал да пишува песни и да пее. Нивниот прв успех бил во Канада во 1948-1950. Во меѓувреме, Азнавур ја напишал својата прва песна насловена J'ai bu во 1950 година. За време на раните фази на неговата кариера, Азнавур настапил пред Едит Пјаф во Мулен Руж. Пјаф тогаш го советувала да продолжи со пеењето и му помогнала да го развие неговиот специфичен глас.
Понекогаш опишуван како "Френк Синатра на Франција"[26] Азнавур честопати пеел за љубовта. Тој напишал или бил соавтор на мјузикли, на повеќе од илјада песни и деведесет и еден студиски албуми. Гласот му бил тенор, но поседувал ниски честоти и колорит потипични за баритон, што придонело за неговиот уникатен звук. Азнавур зборувал и пеел на многу јазици (француски, англиски, италијански, шпански, германски, руски, ерменски), што му помогнало да изведува во Карнеги Хол, во САД и во други поголеми места низ светот. Тој, исто така, снимил песна од ерменскиот поет од 18 век Сајат Нова, како и народната песна, Im Yare[27] на ерменски. Песната „Колку е тажна Венеција“ ("Que C'est Triste Venise"), испеана на француски, италијански ("Com'è Triste Venezia"), шпански ("Venecia Sin Ti"), англиски ("How Sad Venice Can Be") и германски јазик ("Venedig in Grau") доживеала голем успех во средината на 1960-тите години.[28]
Во 1974 Азнавур доживеал голем успех во Велика Британија, кога неговата песна "She" останала број 1 на топ листата во Британија четири недели. Неговата друга позната песна во Велика Британија била "The Old Fashioned Way" од 1973 која била на листата во Британија цели 15 недели.[29][30][31].[32]
Меѓу уметници кои снимиле негови песни и соработувале со Азнавур биле Едит Пјаф, Фред Астер, Френк Синатра (Азнавур бил еден од ретките европски пејачи поканети на дует со него[33]), Андреја Бочели, Бинг Крозби, Реј Чарлс, Боб Дилан (тој го именувал Азнавур меѓу најголемите живи изведувачи коишто ги видел),[34][35] Дасти Спрингфилд, Лајза Минели, Миа Мартини, Елтон Џон, Далида, Серж Гензбур, Џош Гробан, Петула Кларк, Том Џонс, Хосе Карерас, Лаура Паузини, Нана Мускури и Хулио Иглезијас. Француската поп пејачка Миреј Матје пеела и снимала со Азнавур во бројни прилики. Во 1974 година, Џек Џонс снимил цел албум со композиции на Азнавур Write Me A Love Song, Charlie, ре-објавен на CD во 2006 година.[36] Две години подоцна, холандската пејачка Лизбет Лист го објавила нејзиниот албум Charles Aznavour Presents Liesbeth List со композиции на Азнавур со англиски стихови. Азнавур и италијанскиот тенор Лучано Павароти ја пееле заедно аријата "Аве Марија", на Шарл Гуно. Тој изведувал заедно со рускиот виолончелист и пријател Мстислав Ростропович при инаугурирањето на француското претседателство на Европската Унија во 1995 година. Елвис Костело ја снимил "She" за филмот Notting Hill. Еден од најголемите пријатели и соработници на Азнавур од музичката индустрија бил шпанскиот оперски пејач Пласидо Доминго, кој честопати ги изведува неговите хитови, особено соло студио снимката на "Les bateaux sont partis" во 1985 година и дует верзиите на песната на француски и шпански во 2008 година. Во 1994 година, Азнавур пеел со Доминго и норвешката сопранистка Сисел Киркјебе на концертот на Доминго Божиќ во Виена. Овој концерт бил телевизиски пренесуван низ светот, како и објавен на CD на меѓународно ниво.[37]Пласидо Доминго На почетокот на есента 2006 година, Азнавур ја имал својата проштална турнеја, настапувајќи во САД и Канада, со многу позитивни критики. Во 2007 година држел концерти низ Јапонија и Азија. Во втората половина на 2007 година се вратил во Париз и имал повеќе од 20 емисии, неколку турнеи во Белгија, Холандија и во Франција. Азнавур повеќепати изјавувал дека оваа проштална турнеја, ако здравјето му дозволи, најверојатно ќе трае до 2010 година но тој продолжил да настапува и понатаму. На 30 септември 2006 година, Азнавур имал голем концерт во Ереван, главниот град на Ерменија како почеток на културната сезона Ерменија пријателке моја (француски: "Arménie mon amie"). Ерменскиот претседател, Роберт Кочарјан и францускиот претседател Жак Ширак, во официјална посета на Ерменија, биле во првиот ред.[38] Во 2006 година, Азнавур го снимил својот албум Colore ma vie во Куба, со Чучо Валдес.[39] Како редовен гостин вокалист на Академијата на ѕвездите, Азнавур пеел заедно со натпреварувачот Сирил Синели истата година.[40] Во 2007, тој пеел дел од "Une vie d'amour" на руски за време на концертот во Москва.[41] Подоцна, во јули 2007 година, бил поканет да пее на фестивалот Vieilles Charrues.[42] Азнавур бил на турнеја во Португалија во февруари 2008 година.[43] Пролетта 2008 година, Азнавур имал турнеја во Јужна Америка, одржувајќи многу концерти во Аргентина, Бразил, Чиле и Уругвај.[44] Обожавател на Квебек, каде настапувал во кабареата на Монтреал пред да стане познат, тој помогнал во кариерата на квебечката пејачка Линда Леме во Франција. Во Монтреал имал куќа а на 5 јули 2008 година бил прогласен за почесен офицер на редот на Канада. Следниот ден настапил на прославата по повод 400 годишнина од основањето на Квебек Сити.[45] Во 2008 година, бил издаден албумот со дуети, Дуа, кои Азнавур ги испеал со неговите најголеми пријатели и партнери од неговата долга кариера во музичката индустрија, вклучително Селин Дион, Стинг, Лаура Паузини, Џош Гробан, Пол Анка, Пласидо Доминго и многу други.[46] Истиот бил издаден на различни датуми во декември 2008 година низ светот.[47] Неговиот следен албум, Charles Aznavour and The Clayton Hamilton Jazz Orchestra (претходно познат како Jazznavour 2) е продолжување на неговиот хит албум Jazznavour објавен во 1998 година, со вклучување на нови аранжмани на класични песни со џез оркестар и други гости џез уметници. Бил објавен на 27 ноември 2009.[48]
Азнавур и сенегалскиот пејач Јусу Н'Дур, со соработка на повеќе од 40 француски пејачи и музичари, снимиле видео со музичката група Band Aid после катастрофалниот земјотрес на Хаити.[49]
Во 2009 година, Азнавур бил на турнеја низ Америка. Турнејата[50] започнала на крајот на април 2009 година и била одбележана со концерти низ САД, Канада и Латинска Америка. Во август 2011 објавил нов албум, Aznavour Toujours, со 11 нови песни. По објавувањето на Aznavour Toujours, тогаш 87-годишниот Азнавур започнал турнеја низ Франција и Европа, со 21 одржан концерт, после првиот во Олимпија во Париз.[51] На 12 декември 2011 година одржал голем концерт во московската Државна Кремљска Палата.[52] Концертот бил проследен со постојани овации и продолжение од околу петнаесет минути.[53]
Во 2012 година, Азнавурсе заминал на турнеја во Северна Америка посетувајќи го Квебек и Амфитеатарот Гибсон во Лос Анџелес и бил гостин во повеќе емисии. На 16 август 2012 одржал специјален концерт во Грузија, во родното место на татко му, како дел од свеченото отворање на неодамна реставрираниот замок Рабати.[54]
На 25 октомври 2013 Азнавур за првпат по 25 години настапил во Ројал Алберт Хол во Лондон.[55] Во ноември 2013, Азнавур се појавил на концерт посветен на мирот, во Нокиа Арена во Тел Авив.[56] Во декември 2013 имал два концерти во Холандија на Хајнекен Мјузик Хол во Амстердам и повторно во јануари 2016 година (првично закажани за ноември 2015 година но одложени поради проблеми со здравјето).[57]
Во 2014, 2015 и 2016 година, Азнавур ја продолжил неговата меѓународна турнеја со концерти во Брисел, Берлин, Франкфурт, Барселона, Мадрид, Варшава, Прага, Москва, Букурешт, Лондон, Дубаи, Монтреал, Њујорк, Бостон, Мајами, Лос Анџелес, Осака, Токио, Лисабон, Марбела, Монако, Верона, Амстердам, Париз.[се бара извор]
Во 2017 и 2018 неговата турнеја продолжила и во Саун Пауло, Рио де Жанеиро, Сантјаго, Буенос Аирес, Москва, Виена, Перт, Сиднеј, Мелбурн и Хаити, Токио, Осака, Мадрид, Милано, Рим, Санкт Петербург, Париз, Лондон, Амстердам и Монако. На 19 септември 2018 бил неговиот последен концерт во Осака.[58]
Азнавур имал долга и разновидна паралелна кариера како глумец исе појавил во над 80 филмови и ТВ филмови. Во 1960 година Азнавур играл во филмот Пукајте во пијанистот (француски: Tirez sur le pianiste) на Франсоа Трифо. Азнавур имал значаен настап и во филмот Барабан (германски: Die Blechtrommel) од 1979 година, кој добил Оскар за Најдобар странски филм во 1980 година. Тој настапил и во филмот Les Fantômes du chapelier (1982) на Клод Шаброл. Во оперетата Die Fledermaus, во верзијата од 1984 година, се појавил како еден од гостите на Принцот Орловски. Во оваа верзија настапил Кири Те Канава во режија на Пласидо Доминго во Кралската оперска куќа Ковент Гарден.[59] Азнавур настапил и во филмот Арарат од 2002 година во улога на Едвард Саројан, филмски режисер.
Азнавур бил вклучен во француската, ерменската и меѓународната политика додека напредувала неговата кариера. За време на претседателските избори во Франција во 2002 година, кога екстремно десничарскиот националист Жан Мари Ле Пен од Националниот Фронт, како противкандидат на Жак Ширак, влегол во вториот изборен круг, Азнавур ја потпишал петицијата "Вив ла Франс" и ги повикал сите Французи да ја пејат Марсеjезата во знак на протест.[60]
Во ноември 2005 остварил средба со Претседателот на Европската Комисија Хосе Мануел Баросо[61] за ревидирање на рокот за заштита на изведувачите и продуцентите во ЕУ, застапувајќи продолжување на рокот на заштита од тековните 50 години, на 95 години, како што бара законот во САД. Тој се противел и на француската политичарка Кристин Бутин и на нејзината одбрана за "глобална лиценца" за споделување авторски права преку интернет, тврдејќи дека таквата лиценца ќе ја елиминира креативноста.
Ако младите не можат да живеат преку креативно дело, ќе прават нешто друго, а уметничкиот свет ќе биде на удар ... Ќе нема повеќе песни, ќе нема повеќе книги, ќе нема ништо. Значи моравме да се бориме...[62]
Азнавур се оженил 4 пати: со Меган Ругел (1946),[63] Евелин Пласис (1956) и со Ула Торсел(1967). Имал 5 деца од овие бракови: Седа, Патрик, Катја, Миша и Никола.[64][65]
Азнавур честопати се шегувал за неговиот физички изглед, најмногу зборувајќи за својата висина. Имено тој бил висок само 160 см и во текот на годините постојано се шегувал на своја сметка.
Во април 2018 година, непосредно пред неговиот 94-ти роденден, Азнавур бил однесен во болница во Санкт Петербург, откако си го шинал грбот за време на пробата пред концертот Концертот бил одложен до следната сезона, но на крајот бил откажан поради смртта на пејачот.[66]
Погребот на Шарл Азнавур |
На 1 октомври 2018, Азнавур бил пронајден мртов во кадата во неговиот дом во Муриес на 94 годишна возраст.[67][68][69][70][71] Неговото постојано живеалиште пред смртта било во Сен Силпис, Во, Швајцарија.[72] Аутопсијата покажала дека Азнавур умрел од инфаркт и оток на белите дробови.[67] Комеморацијата била спроведена на 6 октомври во ерменската катедрала Св. Јован Крстител во Париз.[73]
На 5 октомври, Азнавур бил почестен со државен погреб во воениот комплекс Инвалиди во Париз, при што претседателот Емануел Макрон го пофалил како едно од најважните "лица на Франција". Тој ги пофалил и стиховите на Азнавур, велејќи дека зборовите на пејачот "за милиони луѓе биле мелем, лек, утеха ....[74] Меѓу оние кои присуствувале на погребот биле францускиот премиер Едуар Филип, поранешните претседатели Никола Саркози и Франсоа Оланд, како и ерменскиот претседател Ермен Саркисијан и премиерот Никол Пашинјан и нивните сопруги.[75]
Тој бил погребан во семејната гробница на гробиштата во Монфор Лалмори.[76]
Seamless Wikipedia browsing. On steroids.
Every time you click a link to Wikipedia, Wiktionary or Wikiquote in your browser's search results, it will show the modern Wikiwand interface.
Wikiwand extension is a five stars, simple, with minimum permission required to keep your browsing private, safe and transparent.