Жени Катамо
From Wikipedia, the free encyclopedia
Remove ads
Жени Сипријано Катамо (роден на 26 јануари 2001 година, во Беира) — мозамбикански фудбалер, напаѓач на Спортинг Лисабон и на мозамбиканската репрезентација.
Remove ads
Клупска кариера
Почетоци, Спортинг Лисабон Б и деби за првиот тим
Роден во Беира, Мозамбик, Катамо ја започнал својата фудбалска кариера во екипата на Блек Булс во својата татковина, но своето професионално деби го направил за екипата на Амора во третата португалска лига во 2019 година. По завршувањето на сезоната 2018-2019, на 11 јуни 2019 година, Катамо потпишал договор на две години со младинската академија на Спортинг Лисабон.[1]
Играјќи главно за вториот тим на Спортинг во третата португалска лига, Катамо забележал 30 настапи и два гола. Сепак, во сезоната 2021-2022, тој почнал често да добива повици во првиот тим носејќи го дресот со број 57.[2] Своето деби за првиот тим на Спортинг во Примеира лига го имал на 29 декември 2021, во победата на лавовите на домашен терен над Портимоненсе со 3-2, заменувајќи го Рикардо Есгаио во 60-тата минута.
Позајмиците во Виторија Гимараеш и Маритимо
На 31 јануари 2022 година, Катамо заедно со Бруно Гаспар заминал во Виторија Гимараеш,[3] на позајмица со право на откуп, како дел од трансферот на Маркус Едвардс, кој се преселил од Виторија во Спортинг.[3] Своето деби за Виторија го направил на 19 февруари, влегувајќи како замена во поразот со 1-3 на домашен терен од Ароука.[4] На 13 март, појавувајќи се одново од клупата тој му асистирал на Никола Жанвје за победничкиот погодок во успехот со 1-0 на гостувањето кај Маритимо. Конечно, на 15 мај, во својот прв и единствен започнат натпревар од првата минута за Виторија Гимараеш, Катамо забележал две асистенции во убедливата победа од 5-0 над Жил Висенте во рамките на последното коло од Примеира лига 2021-2022.
Откако забележал 10 настапи и три асистенции за Виторија во рамките на втората половина на сезоната 2021-2022, во текот на летото двата клуба преговарале за продолжување на позајмицата на Катамо во Гимараеш.[5] Но и покрај најавите дека клубовите биле близу до пронаоѓање на договор за продолжување на позајмицата на Катамо во Виторија, наместо тоа се случува пресврт, па тој на крајот бил позајмен на Маритимо до крајот на сезоната 2022-2023.[6]
Иако стигнал како големо засилување за клубот од островот Мадејра, сезоната на Катамо во Маритимо била уништена од разни повреди, поради кои тој бил ограничен само на 9 одиграни натпревари во Примеира лига 2022-2023. Сепак, во завршницата на првенството тој успеал да фати некаков континуитет во настапите и го пронашол својот прв погодок во најсилната португалска лига, а тој се случил на 29 април 2023 против неговата поранешна екипа Виторија Гимараеш во поразот на неговиот тим со 1-2.[7] Катамо играл и во двата натпревари од баражот за опстанок, но неуспеал да му помогне на Маритимо да избегне испаѓање од Примеира лига, откако клубот бил поразен од Ештрела Амадора по изведување пенали.[8]
Враќање во Спортинг и пробивот во првиот тим
Во летото 2023 година, Катамо се вратил во Спортинг, а набргу потоа од клубот најавиле дека тој нема да оди на нова позајмица туку ќе остане да се бори за своето место во тимот.[9] По импресивните настапи во предсезонските подготовки, тој го започнал натпреварот на домашен терен против Визела во рамките на првото коло на Примеира лига 2023-2024, во кој лавовите победиле со 3-2 со гол во последните минути од судиското надополнување.[10] Тоа бил неговиот прв старт и вкупно втор настап во дресот на Спортинг, по речиси две години подоцна откако го имал своето деби во декември 2021 година.[11] На 21 септември, тој дебитирал во европските натпреварувања, играјќи 77 минути во победата со 2-1 на гостувањето во Австрија против Штурм Грац во рамките на групната фаза од УЕФА Лига Европа.[12] Продолжувајќи редовно да игра, на 21 октомври 2023, го пронашол својот прв гол во дресот на Спортинг во гостинската победа со 3-1 над нисколигашот Оливаис Москавиде во Купот на Португалија.[13][14] Само девет дена подоцна, Катамо го постигнал својот прв првенствен гол за Спортинг во победата со 2-0 на гостувањето кај Боависта.[15]
На 22 декември 2023 година, Катамо потпишал нов петгодишен договор со Спортинг во трајност до 2028 година, при што неговата ослободителна клаузула била одредена на 60 милиони евра.[16] Набргу по враќањето од настапите за Мозамбик на Купот на Африка, Катамо го постигнал својот прв погодок за Спортинг пред домашните навивачи на стадионот Жозе Алваладе во убедливата победа со 8-0 над Каса Пиа во првенството.[17] На 6 април 2024, Катамо постигнал два гола во Дербито на Лисабон во кое Спортинг ја победил Бенфика со 2-1, носејќи им на лавовите победа од пресудна важност во битката за титулата, зголемувајќи ја предноста на табелата на својот тим на 4 бода пред директниот конкурент.[18]
Remove ads
Репрезентативна кариера
Катамо го претставувал Мозамбик во две младински селекции, под 17 и под 20 години.
За сениорската репрезентација дебитирал во победата со 2-0 над Маврициус на 10 септември 2019 година, постигнувајќи гол на своето деби.[19]
Во декември 2023 година, Катамо бил избран во составот на репрезентацијата за Африканскиот куп на нации 2023.[20] Во последниот натпревар од групата против Гана, при резултат 2-0 за противниците Катамо постигнал гол од пенал за да намали на 2-1, а неколку минути подоцна неговиот соиграч Реинилдо Мандава изедначил на 2-2, што бил и конечниот резултат на натпреварот.[21] Сепак, и покрај напорите Мозамбик го завршил своето учество на турнирот веќе по групната фаза со освојување на последното место во групата со два освоени бода, колку што имала и Гана која имала и подобра гол-разлика.[21]
Хронологија на репрезентативните настапи
Remove ads
Клупска статистика
Статистиката е ажурирана на 31 декември 2023.
Титули
Клупски
Спортинг Лисабон
Примеира лига : 2
- 2023-2024, 2024-2025
- 2024-2025
Наводи
Надворешни врски
Wikiwand - on
Seamless Wikipedia browsing. On steroids.
Remove ads