Показател на човековиот развој
From Wikipedia, the free encyclopedia
Remove ads
Показател на човековиот развој (ПЧР) или Индекс на човековиот развој (ИЧР) — показател кој се пресметува преку нормализирани вредности на очекуваниот животен век, писменоста, образованието и БДП по глава на жител за населението во една земја. Тоа е стандарден начин за пресметување на човековиот развој во една земја, концепт кој според Програмата за развој на Обединетите нации треба да ги прошири опциите на луѓето и да им даде поголеми можности за образование, здравствена заштита, приходи, вработување, итн. Основен начин на употреба на ИЧР е да ги рангира земјите според тоа дали се развиени, во развој или неразвиени.

0.800–1.000 (многу висок)
0.700–0.799 (висок)
0.550–0.699 (среден) |
0.350–0.549 (низок)
нема податоци |
ИЧР бил развиен во 1990 година од пакистанскиот економист Махбуб ул Хак и Ричард Џоли од универзитетот Јејл од САД, со помош на Густав Ранис и Мегнад Десаи. Од 1990 година, овој индекс се употребува од Обединетите Нации во нивниот годишен извештај за човеков развој.
ИЧР комбинира три фактори:
- Очекуваниот животен век при раѓањето, како показател на здравјето и долговечноста на населението,
- Знаење и образование, мерено преку писменоста на возрасните (како 2/3 од тежината) и вкупното запишување во примарното, секундарното и терцијарното образование (како 1/3 од тежината),
- Животниот стандард, изразен преку природен логаритам од бруто-домашниот производ (БДП) по глава на жител во УСД.
Вредноста на ИЧР може да се движи од 0 до 1. Вредностите под 0,5 претставуваат низок степен на развој на земјата. Сите земји со ИЧР под 0,5 се во Африка. Земјите со ИЧР од 0,8 и повеќе се сметаат за развиени, а во нив влегуваат сите развиени земји од Северна Америка, Западна Европа, Источна Азија, како и некои земји во развој од Источна Европа. Седум земји, меѓу кои и Македонија, од 2007. година преминале во оваа група.
Со Извештајот за човековиот развој од 2010 година е воведен Индекс на човековиот развој прилагоден за нееднаквоста (ИЧРН). Иако основниот ИЧР останува корисен, беше посочено дека „ИЧРН е фактичкото ниво на човеков развој (земајќи ја предвид нееднаквоста), додека ИЧР може да се смета за индекс на 'потенцијалниот' човеков развој (или на максималниот ИЧРН) што би можел да се постигне ако нема нееднаквост.“[1]
Remove ads
Пресметка на индексот на човековиот развој
Од појавата во 1990 година, индексот на човековиот развој претрпил неколку промени.
Методологија од 1990 година
Според методологијата од 1990 година, пресметката на ИЧР се вршела во три чекори: најпрвин, за секоја одделна компонента на индексот (очекуваниот животен век, стапката на писменост и БДП по глава на жител), се утврдува степенот на недостаток на земјата при што претходно се утврдени максималните и минималните вредности за сите три компоненти. На пример, максималното траење на животот било утврдено на 78,4 години (нивото во Јапонија), додека минималното траење на животот изнесувало 41,8 години (нивото во Етиопија, Сиера Леоне и Авганистан); максималната стапка на писменоста на возрасните изнесувала 100 %, додека минималната стапка била 12,3% (во Сомалија); максималниот БДП по глава на жител (во логаритамска вредност) изнесувал 3,68 (логаритам од просечната линија на сиромаштијата во девет најразвиени земји, која изнесувала 4 861 долари), додека минималниот БДП по глава на жител изнесувал 2,34 (логаритам од БДП на Заир од 220 долари). За секоја компонента на ИЧР, недостатокот (јазот) на земјата се пресметувал со следнава формула:[2]
Iij = (max Xij - Xij) / (max Xij - min Xij)
каде: Iij е индексот на недостатокот на земјата за соодветната компонента на ИЧР; max Xij е максималната вредност на компонентата; Xij е вредноста на компонентата во соодветната земја; а min Xij е минималната вредност на компонентата.
Во втората фаза, со собирање на трите индекси на недостатокот (индексите за секоја одделна компонента на ИЧР) се добива збирниот индекс на недостатокот. Најпосле, во третиот чекор се пресметува индекот на човековиот развој на земјата како разлика меѓу 1 и збирниот индекс на недостатокот.
Првата промена од 1991 година
Во 1991 година биле направени промени во пресметката на две компоненти на ИЧР, писменоста и БДП по глава на жител. Притоа, показателот на стапката на писменоста бил надополнет со уште еден показател, а тоа е просечното трање на школувањето на луѓето, и така бил добиен нов показател — достигнато образование, пресметан како пондериран просек од стапката на писменост на возрасните (со пондер од 2/3) и просечното траење на школувањето (со пондер од 1/3). Во однос на БДП, наместо логаритмирањето на БДП, била применета Аткинсоновата формула на благосостојбата. Исто така, за пресметката на УЧР биле поставени нови максимални и минимални вредности на трите компоненти, и тоа: максимално очекувано траење на животот = 78,6 години; минимално очекувано траење на животот = 42 години; максимално достигнато образование = 71,1; минимално достигнато образование = 9,1; максимален приспособен БДП по глава на жител = 5 070 долари; минимален присопосбен БДП по глава на жител = 350 долари.[3]
Втора промена од 1994 година
Во 1994 дошло до промена во третата компонента на ИЧР при што како максимална вредност на доходот била определена просечната светска вредност на реалниот БДП по глава на живот, според паритетот на куповните сили. Исто така, биле направени и промени во минималните и максимланите вредности и на другите компоненти на ИЧР, кои повеќе не беа определени според најбогатите и најсиромашните земји. Така, за очекуваното траење на животот, минималната вредност била определена на нивото од 25 години, а максималната вредност на 85 години; минималната стапка на писменост на возрасните била определена на 0 %, а максималната на 100 %; минималната вредност на просечното траење на школувањето била определена на 0, а максималната вредност на 15 години, најпосле, минималната и максималната вредност на БДП по глава на жител биле определени на 200 и 40 000 долари, соодветно. Сето тоа предизвикало и промена во формулите за пресметка на ИЧР.[4]
Трета промена од 1995 година
Во 1995 година биле направени две промени во пресметката на ИЧР. Првата измена се однесувала на просечното траење на школувањето, кое било заменето со нов показател, бруто-стапка на упис на сите три степени на образование (примарно, секундарно и терцијарно). Кај овој показател, минималната вредност била поставена на 0 %, а максималната на 100 %. Втората измена се однесувала на доходот при што минималната вредност била намалена од 200 на 100 долари. [5]
Четврта промена од 1999 година
Врз основа на трудот „Доходната компонента на индексот на човековиот развој — алтернативна формулација“ на Амартја Сен и Ананд Судир, во 1999 година биле направени измени во третата компонента на ИЧР. Имено, искуството покажало дека постапката на дисконтирање на доходот над нивото на просечниот светски доход предизвикало драстично намалување на вредноста на оваа компонента кај побогатите земји (оние кои го надминуваат светскиот просек). Затоа, со оваа измена се пристапило кон дисконтирање и на доходот под светскиот просек, а не само оној над просекот. На тој начин, новата формула за пресметка на доходот го добила следниов облик:[6]
W(y) = (logY - logYmin) / (logYmax - logYmin)
Remove ads
Список на земјите според ИЧР
Во продолжение се дадени првите 30 земји во светот како што се рангираат според ИЧР во извештајот на ОН за 2007/2008:
|
|
|
Remove ads
Поврзано
Наводи
Надворешни врски
Wikiwand - on
Seamless Wikipedia browsing. On steroids.
Remove ads