Светулки
From Wikipedia, the free encyclopedia
Remove ads
Светулки[4][5] (Lampyridae) — семејство на инсекти од редот тврдокрилци со над 2.000 опишани видови. Тие се бубачки со меко тело, и вообичаено се нарекуваат светулки поради видлива употреба на биолуминисценција за време на самрак со што привлекуваат друга светулка за парење или плен. Светулките создаваат „ладна светлина“, без инфрацрвени или ултравиолетови честоти. Оваа хемиски произведена светлина од долниот дел на стомакот може да биде жолта, зелена или бледо црвена, со бранова должина од 510 до 670 нанометри.[6]
Светулките ги има во умерена и тропска клима. Многу од нив се наоѓаат во мочуриштата или во влажни, шумски области каде нивните ларви имаат изобилство извори на храна. Некои видови се нарекуваат „светлечки црви“ во Евроазија и на други места. Сите познати видови светулки светат, но само некои возрасни произведуваат светлина, а местоположбата на органот кој свети варира меѓу видовите и меѓу половите од ист вид. Формата на инсектот што испушта светлина варира од вид до вид (на пример, во светлечкиот црв пронајден во Велика Британија, (Lampyris noctiluca), женката е таа која најлесно се забележува.[7][8]) Кај многу видови на светулки, и машките и женските единки летаат, но кај некои видови, женките единки не летаат.[9]
Remove ads
Биологија

Светулките имаат големи разлики во нивниот изглед, се разликуваат според бојата, формата, големината и одликите како што се антените, на пример. Возрасните може да се разликуваат драстично по големина во зависност од видот, при што најголемата единка е долга до 2,54 сантиметари. Женките на некои видови се слични по изглед со машките. Најпознатата светулка е ноќната светулка,[10] иако бројни видови се дневни. Повеќето дневни видови не се луминисцентни; сепак, некои видови што остануваат во сеновити области може да создадат светлина.
Неколку дена по парењето, една женка ги положува оплодените јајца на или веднаш под површината на земјата. Јајцата се извеваат три до четири недели подоцна, а ларвите се хранат до крајот на летото. Ларвите на светулките имаат едноставни очи.
Светулките хибернираат во текот на зимата додека се во фаза на ларви, а некои видови неколку години. Некои го прават ова со закопување под земја, додека други наоѓаат места на кората или под кората на дрвјата. Тие се појавуваат во пролетта. После неколку недели хранење со други инсекти, полжави и црви, тие се во фаза на кукли од една до две и пол недели, па се појавуваат како возрасни. Ларвите на повеќето видови се специјализирани грабливци и се хранат со други ларви, копнени и голи полжави. Исхраната на возрасните варира: некои се грабливци, додека други се хранат со растителен полен или нектар. Некои, како европската светулка, Lampyris noctiluca, немаат уста.
Светлина и нејзино производство


Производството на светлина кај светулките се должи на еден вид хемиска реакција наречена биолуминисценција. Овој процес се јавува во специјализирани органи кои емитуваат светлина, обично на долниот дел од стомакот на светулката. Ензимот луцифераза делува на луциферинот, во присуство на јони на магнезиум, АТП и кислород и произведува светлина. Кодирањето на гените за овие супстанции е вметнато во многу различни организми. Џон Деј ја разгледал генетиката на биолуминисценција на светулка, фокусирајќи се на луцифераза.[11] Светулкината луцифераза се користи во форензиката, а ензимот има медицински намени - особено за откривање на присуство на АТП или магнезиум. Сите светулки светат додека се ларви, веројатно како предупредувачки сигнал за грабливците, бидејќи многу ларви на светулка содржат хемикалии што се невкусни или отровни.[12][13]
Кај возрасните светулки се сметаше дека светлината првично се користи за предупредување, но сега се знае дека нејзината примарна цел е избор на партнер.[12][14] Возрасните единки имаат најразлични начини за комуникација со другите: постојан сјај, трепкање и употреба на хемиски сигнали, кои не се поврзани со системите за светење.[15] Хемиските сигнали или феромоните се првите начини на сексуална комуникација.[16] Сигналите, без оглед дали се фото или хемиски, им овозможуваат на светулките да ги идентификуваат партнерите од сопствениот вид. Светкањето се разликува во времетраење, боја и повторување, како и географски.[17]
Многу светулки не произведуваат светлина. Обично ова се денски видови, како што се оние вод родот Ellychnia. Некои денски светулки кои живеат главно во места под сенка, на пример под високи дрвја, светат. Светулките кои не светат, користат феромони за да најдат партнер. Според тоа, може да се претпостави дека феромоните се користат за парење, додека светењето се користи како предупредувачки сигнал. Исто така, беше откриено дека машките единки можат да најдат женки без употреба на визуелни знаци.[18]
Remove ads
Заштита
Бројот на светулките опаѓа низ целиот свет, од различни причини.[19] Светулката, како и многу други организми, е директно засегната од промената на користењето на земјиштето (на пр. областите во кои живеат се претворени во нешто друго), што е идентификувана како главен двигател на промените на биоразновидноста во копнените екосистеми.[20] Пестицидите и отстранувачите на плевел се исто така веројатна причина за намалување на бројот на светулки.[21]
Конечно, бидејќи светулките зависат од сопствената светлина за репродукција[22] тие се исто така многу чувствителни на нивото на светлина во нивната животна средина, како и на загадувањето на светлината.[23] Повеќе неодамнешни истражувања детално ги испитуваат ефектите од вештачкото ноќно осветлување врз светулките.[24][25]
Светулките се харизматични (што е редок квалитет кај инсектите) и лесно се забележуваат од секого, поради што се добри модели за испитување на ефектите од светлината врз ноќните видови; и конечно, заради нивниот брз одговор на промените во животната средина, тие се добри биопоказатели за ефектите од вештачкото ноќно осветлување.[23]
Remove ads
Светулката како мотив во уметноста и во популарната култура
- „Светулка“ — песна на македонската поетеса Христина Аслимоска од 2005 година.[26]
- „Светулка“ — песна за деца на хрватскиот поет Григор Витез.[27]
- „Светнете, светулки“ — песна на македонскиот поет Васил Куноски.[28]
- „Светулки над треви“ — книга на македонскиот писател Васил Куноски од 1964 година.
- „Јато светулки“ — песна на македонскиот поет Ристо Маџунков.[29]
- „Умре последната светулка“ — песна на македонскиот писател Видое Подгорец.[30]
- „Дете и светулка“ — песна на македонскиот поет Живко Ризовски од 1995 година.[31]
- „Светулки“ — песна на македонскиот писател Бошко Смаќоски.[32]
Наводи
Литература
Надворешни врски
Wikiwand - on
Seamless Wikipedia browsing. On steroids.
Remove ads