Фемицид
From Wikipedia, the free encyclopedia
Remove ads
Фемицид[1] или феминицид — злосторство од омраза против жени мотивирано од полот на жртвата. Општо е дефиниран како „намерно убивање на жени и девојчиња затоа што се жени“ иако дефиницијата се менува во зависност од културниот контекст.[2] Феминистичката писателка Дијана Е. Х. Расел била првата личност во современата ера што го дефинирала, а подоцна и го проширила поимот во 1976 година. Фемицид се нарекува и убиство на жена извршено од друга жена.[3]

Три од десет жени доживуваат насилство од интимниот партнер. Се проценува дека 13,5 % од убиствата во светот вклучуваат интимни партнери.[4] Критичарите на оваа проблематика тврдат дека поимот ги пренагласува убиствата на жени, кои се поретки бидејќи во повеќе од 80 % од жртвите на убиства се мажи. Меѓутоа, машкиот партнер е одговорен за речиси 40 % од убиствата во кои е вклучена партнерката како жртва во споредба со 6% од одговорноста на партнерот за убиствата во кои е вклучена машка жртва.[4]
Понуден е алтернативен израз, родоцид (англ. gendercide), кој се смета за поамбивалентен и поинклузивен. Некои феминистки тврдат дека мотивите за фемицид се различни од оние за андроцид.
Remove ads
Историја
Развој на поимот
Изразот фемицид првпат бил употребен во Англија во 1801 година со значење „убиство на жена“. Во 1848 година, изразот бил објавен во Вортоновиот правен лексикон. Како израз се сретнува и зборот феминицид, збор кој е правилно образуван од латинскиот збор femina, што значи „женско“ (фемицид е негов неправилен облик).
Употребата на овој израз почнала од феминистичките движења во 1970-тите, кои имале за цел да ја подигнат свеста и отпорот на жените кон родовото угнетување. Изразот го поттикнувале и радикалните феминистки за да привлечат политичко внимание кон насилството врз жените.[5] Американската авторка Керол Орлок е заслужна за поттикнување на употребата на изразот во овој контекст во нејзината необјавена збирка есеи за фемицидот.[6] Дијана Расел го објавила поимот во Меѓународниот кривичен трибунал за злосторства против жени во 1976 година, кога сведочела во првиот Меѓународен кривичен трибунал за злосторства против жени во Белгија.[5] За постапката напишала: „Мора да разбереме дека многу убиства се фемицид. Мора да ја признаеме сексуалната политика на убиствата. Од спалувањето вештерки во минатото и поскорешната широко распространета практика на женско чедоморство во многу општества, до убивањето жени заради „чест“, сфаќаме дека фемицидот има долга историја. Сепак, бидејќи ги погодувал само жените, немал име сè додека Керол Орлок не го осмислила зборот „фемицид“.[7] До неодамна, фемицидот бил невидлив во голем дел од научната литература. [8] Интимниот фемицид може да се идентификува како таков со земање предвид на „сериозноста на насилството, како што се пристап и закани со огнено оружје, принуден секс, закани со смрт и задушување“.[4] Дефиницијата за фемицид, исто така, се потпира на родовите нееднаквости во однос на образованието, економскиот статус и вработувањето.[9]
Современа дефиниција на феминистките
Феминистичката авторка Дијана Расел ја стеснала дефиницијата за фемицид на „убиство на жени од страна на мажи затоа што се жени“. Расел ја нагласува идејата дека мажите извршуваат фемицид од сексистички причини.[10] Таа, исто така, одлучила изразот жена да го замени со женско за да укаже дека фемицидот може да се случи и врз девојчиња и доенчиња. Расел верува дека нејзината дефиниција за фемицид може да се примени на сите облици на сексистички убиства, без разлика дали се мотивирани од мизогинија (омраза кон жените), чувство на надмоќ над жените, сексуално задоволување или преземање сопственост врз жените.[10] Пошироката дефиниција на Расел за фемицид е: „Фемицидот на крајниот крај од континуумот е противженски терор што вклучува широк распон на вербално и физичко злоставување, како што е силување, тортура, сексуално ропство (особено во проституцијата), инцестуозен и вонбрачен секс со деца, физичка и емоционална злоупотреба, сексуално вознемирување (преку телефон, на улица, во канцеларија и во училница), осакатување на половите органи (клиторектомија, ексцизија, инфибулација), непотребна гинеколошка хирургија (непотребни хистеректомии), присилна хетеросексуалност и присилна стерилизација, присилно мајчинство (преку криминализација на контрацепција и абортус), психохирургија, лишување од храна на жените во некои култури, козметичка хирургија и други осакатувања во име на убавината. Секогаш кога овие облици на насилство резултираат со смрт, тие стануваат фемицид.“
Дефиницијата го опфаќа и прикриениот фемицид, како што е масовното убивање на женски бебиња поради претпочитувањето на машки бебиња во култури како Индија и Кина, како и смртни случаи поврзани со неуспехот на општествените установи како што се криминализацијата на абортусот или распространетоста на осакатување на женските полни органи.
Remove ads
Други дефиниции
Дефиницијата на Дијана Расел не ја прифаќаат сите научници како стандардна дефиниција за фемицид. Жаклин Кембел и Керол Рањан го користат изразот фемицид за да ги означат сите убиства на жени, без оглед на мотивот или статусот на сторителот.[11] Овие авторки тврдат дека мотивот не е секогаш емпириски определив и за целите на собирање податоцимора да се отстрани од дефиницијата за фемицид.
Од друга страна, авторките Дезмонд Елис и Валтер Декеседери имаат поинаков пристап, тие го дефинираат фемицидот како намерно убивање на жени од страна на мажи. Овие феминистки веруваат дека фемицидот е секогаш намерно убивање, за разлика од вклучувањето на прикриениот фемицид од страна на Дијана Расел во нејзината дефиниција.[12] Фемицидот е идентификуван и како неуспеси во борбите за моќ во кои мажите се обидуваат да ги контролираат жените и да им ја одземат слободата и борбата на жените за автономија.[4]
Повеќето од овие дефиниции навестуваат дека вршителот на фемицид е маж. Сепак, јужноазиските феминистки се разликуваат во нивната дефиниција, наведувајќи дека фемицидот е намерно убивање на жени од страна на мажи или други жени во корист на мажите. Примери за ова вклучуваат занемарување на женските деца во споредба со машките деца, како и убиства поврзани со мираз каде што членови на семејството убиваат жени поради спорови околу миразот.
Акцијата 1206 на COST, исто така, дава дефиниции за фемицид.[13] Овие дефиниции се осврнуваат на идејата дека фемицидот е единствен во однос на родово необоените убиства. Дефинирањето на фемицидот го признава фактот дека жените се убиваат од различни причини и мотиви од оние поврзани со типичните описи на убиство. Глобално, фемицидот ретко се проучува одделно од убиството, а целта на многу од овие автори е да го направат фемицидот посебна категорија.[11] Во 2013 година, COST ја воспоставил Акцијата IS-1206 насловена како Фемицид низ Европа.[14][15]
Remove ads
Причини
Според дефиницијата на Дијана Расел, фемицидот вклучува убиство на жена од страна на интимниот партнер, лезбицид, расен фемицид, сериски фемицид, масовен фемицид, убиство заради чест поврзано со фемицид, мираз и други. Секој чин на сексуален тероризам што резултира со смрт се смета за фемицид. Прикриениот фемицид се јавува и во облик на криминализација на пометнувањето што резултира со смрт на мајката, намерно ширење на ХИВ/СИДА или смрт како резултат на осакатување на женските полови органи.
Најраспространет облик на фемицид во светот е оној што ја извршува интимниот партнер на жената. Таквиот фемицид е причина за најмалку 35 % од сите фемициди на светско ниво.
Различни делови од светот различно го доживуваат фемицидот. Блискиот Исток и Јужна Азија имаат повисоки стапки на убиства заради чест: убивање жени од страна на нивните семејства за стварно или претпоставено однесување како што се прељуба, сексуален однос или дури и силување.
Меѓу интимните партнери
Фемицид од интимен партнер, понекогаш наречен интимен фемицид или романтичен фемицид, се однесува на „убиство на жена од страна на нејзиниот интимен партнер или поранешен интимен партнер“. Ова може да вклучува поранешен или сегашен партнер, сопружник и вонбрачен сопруг.
Околу 5-8 % од сите убиства извршени од машки сторители се убиства од интимниот партнер. Прегледот на медиумите и семрежните извори за секое убиство на постара жена извршено помеѓу 2006 и 2015 година покажал дека сите случаи на женски геронтицид во Израел биле исклучиво фемицид од интимниот партнер, а биле извршени во домот.[16]
Се покажало дека инцестот, сексуалното вознемирување, силувањето и злоставувањето, како и другите облици на насилство во семејните односи, со текот на времето ескалираат, што потенцијално доведува до фемицид. Се вели дека распространетоста на фемицидот од интимниот партнер го разбива митот дека жените најмногу се плашат од странци, бидејќи најчесто се убиени во приватноста на сопствениот дом.[17] Според Жаклин Кемпбел, честа причина за убиство од интимниот партнер извршено од мажи е љубомората, резултат на обидот на мажот да контролира и поседува жена со цел да наметне сопственост и да го зајакне патријархатот.
Феминистичката реконцептуализација на насилството од интимен партнер како злосторство против човештвото[18] тврди дека системот е виновен за убиството на жени, а не насилни поединци. Тоа се случува на масовно ниво, е меѓукултурно и е препознаено како кршење на човековите права. Иако авторите признаваат дека злосторствата ги извршуваат поединци, а не апстрактни ентитети,[18] распространетоста на семејното насилство го прави епидемија. Современите феминистки веруваат дека редефинирањето на насилството од интимен партнер како државно злосторство и злосторство против човештвото ќе има преобразувачки ефект врз намалувањето на насилството врз жените бидејќи веќе е препознаено како кршење на меѓународните закони за човекови права.
Спротивно на тоа, насилството од страна на жените врз машките интимни партнери е ретко и обично се случува во самоодбрана.[19] Некои контроверзни истражувања укажуваат дека поголемиот дел од насилството меѓу интимните партнери е двонасочно, но повеќето истражувања покажуваат дека кога мажот е жртва на семејно насилство, неговиот насилник е обично маж.[20][21]
Чинители на ризик што ја зголемуваат веројатноста за фемицид од интимниот партнер вклучуваат: закани од маж дека ќе изврши самоубиство или ќе убие жена ако го изневери или го остави, зголемена злоупотреба на алкохол или дрога од страна на партнерот или обиди од страна на маж да ја контролира слободата на жената. Две петтини од фемицидите од интимен партнер се поврзани со употреба на супстанции. Други чинители што најчесто се поврзуваат со машки сторители на фемицид вклучуваат поседување оружје, принуден секс и невработеност. Чинители на ризик за жените вклучуваат: бременост, искуство со злоупотреба од претходен партнер, отуѓување од партнер или обиди за прекин на врската. Присуството на огнено оружје во домот е главен чинител во фемицидот од интимен партнер, а огненото оружје се користи во една третина од сите фемициди низ целиот свет.
Како што често се известува во јавноста, машките сторители се сметаат за „натерани да извршат фемицид поради раскинувањето на љубовта што ѝ се припишува на женска личност“. Во судските постапки, одбраната која чинот го оправдува со жениното провоцирање, често се користи за да се намали казната затвор за сторителот. Спротивно на тоа, жените често се помалку успешни во користењето на провоцирањето како оправдување во нивните судења за убиство, а судиите статистички имаат помала веројатност да прифатат тврдења за самоодбрана, демонстрирајќи пристрасни стандарди за евалуација.
Чинителите што го намалуваат ризикот од фемицид од интимен партнер вклучуваат посебни живеалишта за жени и други друштвени чинители, како што се зголемено присуство на полиција, како и задолжителни апсења за прекршување на наредбите за забрана за движење поврзани со насилство од интимен партнер. Карен Д. Стаут открила дека постои поврзаност помеѓу бројот на засолништа за жени во една држава, бројот на кризни центри за силување и намалените стапки на фемицид. Едно објаснување за оваа поврзаност е дека спроведувањето на овие мерки имало позитивен ефект врз намалувањето на стапките на фемицид. Други ефикасни законски рамки против фемицид вклучуваат закони што дефинираат исклучоци од граѓанска забрана, го криминализираат физичкиот напад, дозволуваат апсење без налог, бараат собирање податоци и известување и обезбедуваат финансирање за засолништа за жени.
Расно мотивирано
Движењето „Надеж“ го дефинира расистичкиот фемицид како расно мотивирано убивање на жени извршено од мажи од различна раса.[22] Според Дијана Расел и колешката писателка Џил Радфорд, „расизмот е во интеракција со насилството врз жените и го обликува самиот фемицид, како и начините на кои месната заедница, полицијата, медиумите и правниот систем се справуваат со него“ Расел, Радфорд и многу други феминистички активистки тврдат дека, особено кога се разгледува фемицидот во САД, мора да се земе предвид и сексизмот и расизмот во убиствата на црнкињи и малкуте правда што обично се спроведуваат.[23] Медиумите можат да бидат особено пристрасни кога известуваат за убиствата на црнкињи и бели жени. Џејми Грант пишува за убиството на 12 млади жени во Бостон и разоткрива „... расизам во медиумското известување, кое првично практично ги игнорираше овие убиства, а подоцна ги прикажуваше жртвите преку расистички и сексистички стереотипи како бегалци или проститутки.“[24] Покрај тоа, полицискиот одговор и истрагите честопати можат да се разликуваат во зависност од расата на жртвата.[24]
Вклучувајќи се во работата на црните феминистки, авторката Маншел тврди дека наративот за семејно насилство традиционално се поврзува со бела, средна класа, жена жртва, оставајќи ги жртвите од различни раси и општествени класи без еднаква грижа,[25] и може да доведе до поголема виктимизација на жените убиени/злоупотребувани поради наративен отпор. Маншел, исто така, ја следи историјата на нападите врз црнците, правејќи разлика помеѓу околностите на белите жртви и оние на поробените жени во 19-тиот и 20-тиот век, и предлага да се земат предвид антирасистичките рамки при пишувањето за сексуалното насилство.
Сексуално мотивирано (хомофобно)
Според Дијана Расел и Џил Радфорд, лезбицидот, познат и како хомофобичен фемицид,[24] има долга историја на легализирано убивање на лезбејки во различни културни контексти:
- Римска цивилизација: Кога мажена жена била осудена за каква било сексуална активност со друга жена, убиството што ќе го сторел сопругот се сметало за „праведна казна за тој злостор“.
- Средновековна Европа: секуларната и верската доктрина налагале смрт за лезбејството. Познатиот Орлеански законик од 1260 година во Франција ја секуларизирал забраната за лезбејството, пропишувајќи дека за првите два прекршоци жената ќе „го изгуби својот член“, а за третиот ќе биде запалена.[24]
- Лов на вештерки од 15 век: Вештерството се поврзувало со ерес и хомосексуалност. Фразата femina cum feminus (жена со жена) често се користела како обвинение во судењата на вештерки.[24]
Денес, лезбејството повеќе не е смртно казниво дело, но сè уште е криминализирано од многу влади и осудено од повеќето религии.[24] Мачењето и убиствата на лезбејките се случуваат во секој дел од светот, дури и во развиените земји.[26] Според д-р Сузан Хоторн од Универзитетот во Викторија, „... доминацијата е пример за казнување на лезбејките како аутсајдери во патријархалната култура...“[26] Д-р Хоторн продолжува да објаснува како лезбејките често се убиваат или мачат или општо им се одземаат правата поради нивната невидливост во однос на политичката моќ и општествената застапеност: „Кога станува збор за кампањи за насилство врз жените, лезбејките или се изоставени или се вклучени само во фуснотите...“[26]
Студија на случај[32] спроведена во 2014 година, преку длабинска анализа на повеќекратни случаи на насилство против ЛГБТИК, сугерира дека злосторствата како што е лезбејството можат барем делумно да се објаснат со постојните теории за хипермаскулинитет кои се занимаваат со родово достигнување.
Корективно силување
Според политикологот и научник Сузан Хоторн, корективното силување е злосторство од омраза кое вклучува принудна сексуална активност со лице кое е или жена, не е родово конформно или се идентификува како лезбејка. Целта на корективното силување е да се „корегира“ сексуалната ориентација на жртвата и да ја направат хетеросексуална или да ја принудат да се однесува на начин што е посоодветен на нивниот пол.[26] Ова во некои случаи резултирало со смрт.[26] Постојат документирани случаи на корективно силување во Јужна Африка,[27] Зимбабве,[28] Еквадор[29] и Тајланд[30]. Јуди Симелане била позната фудбалерка која играла за женската фудбалска репрезентација на Јужна Африка и активистка за ЛГБТИК+ права; нејзиното убиство е добро познат случај на истовремено корективно силување и лезбејство во Јужна Африка.
Склоност кон сериски убиства
Серискиот фемицид е дефиниран како „сексуално садистичко убивање на жени“, што се нарекува и „сексуален тероризам“. Повеќе од 90 % од сериските убијци се мажи.
Сериските убијци од машки користат побрутални методи на убивање, како што се давење и тепање. Спротивно на тоа, жените користат отров или помалку насилни средства. Дополнително, додека голем процент од машките сериски убијци се сосредоточуваат на жените како нивни цели, женските сериски убијци имаат помала веројатност да се сосредоточат исклучиво на мажите. Некои машки сериски убијци се сосредоточуваат на мажите како нивни цели.[31]] Начините на кои сериските убијци се прикажани во медиумите ги одразуваат ставовите за фемицидот и родот во општеството. Честопати, сериските убиства на проститутки, жени со ниски приходи и жени со различна боја на кожа добиваат помалку медиумско внимание отколку убиствата на помлади, поубави, богати жени, обично мажени, верени или во врски со згодни, богати, помлади мажи на нивна возраст. Сериските убијци речиси секогаш се прикажуваат во вестите како чудовишта и социопати.[31]
Според Дополнителниот извештај за убиства на ФБИ, месната полиција објавила дека приближно 33.000 убиства на жени остануваат нерешени.[32]
Феминистки како Дијана Расел и Џејн Капути веруваат дека постои врска помеѓу порастот на сериските убиства и порастот на порнографијата. Особено, порастот на филмови што го еротизираат насилството и убиствата на жени е поврзан со желбите на сериските убијци. Голем број сериски убијци ги снимале своите жртви додека насилно ги убивале. Сепак, врската помеѓу порнографијата и сериските убиства не е докажана.[31]
Remove ads
Наводи
Wikiwand - on
Seamless Wikipedia browsing. On steroids.
Remove ads
