Западно Римско Царство
From Wikipedia, the free encyclopedia
Западно Римско Царство — назив за западната половина на Римското Царство по административната поделба што била воведена од страна на царот Диоклецијан во 286 година. Во потесна, но и во поширока смисла, овој термин се однесува на западната половина на царството во периодот помеѓу смртта на царот Теодосиј I (395 г.) и соборувањето на последниот западноримски цар Ромул Августул (476 г.) што било изведено од страна на водачот на варварските наемници во Италија, Одоакар.
Во теоријата, Римското Царство и по 286 г., односно 395 г. било едно, единствено и неделливо. Во пракса, по 286 г. со царството раководеле неколку владетели, обично еден на Исток, друг на Запад[1]. Теоретски гледано, последниот владетел на обединетото царство бил Теодосиј Велики, кој пред смртта во 395 г. го поделил помеѓу своите два сина – на постариот Аркадиј му го оставил Истокот, а на помладиот Хонориј, Западот. После тоа, западните цареви најпрвин владееле од Милано, а по 402 г. и од Равена. По 407 г. почнало забрзаното слабеење на Западното Римско Царство како резултат на нападите на варварите (Готи, Вандали, Франки и др.) кои почнале да се населуваат во рамките на границите на империјата. По 455 г. Западноримскиот цар делотворно владеел само со Италија, а на 4 септември 476 г. Ромул Августул бил соборен. Последниот кој имал титула на цар бил Јулиј Непот, кој починал во Далмација во 480 г. По 476 г., односно 480 г., варварските владетели на Италија, како на пример Одоакар и Теодорих, се сметани за гувернери на римскиот цар (од Цариград).
Источноримскиот (византиски) цар Јустинијан I се обидел во 6. век да ја обнови римската власт на Запад и неговите војсководачи ја зазеле Италија, Африка и средоземниот брег на Хиспанија. И покрај напорите кои ги вложил Јустинијан, со огед на ситуацијата во која се нашла Имеријата по неговата смрт сите освоени територии не останале под Визнатиска власт уште долго. Византија на југот на Италија е присутна до 1071 година, но политичкото и духовно влијание кое Цариград го има на Западот во голема мерка се намалува најпрво со формирањето на Светото Римско Царство, а потоа и со Големиот раскол.