Протопланета
From Wikipedia, the free encyclopedia
Протопланета е голем планетарен ембрион кој настанал во протопланетарен диск и поминал низ процес на внатрешно топење со што се создала диференцирана внатрешност. Протопланетите се смета дека се создаваат планетезимали големи 1 км, кои гравитациски си ги растројуваат орбитите и се судираат меѓусебе, постепено зголемувајќи го својот обем додека станат планети.
Во Сончевиот Систем, се смета дека меѓусебните судири на планетезималите создале неколку стотици планетарни ембриони. Овие ембриони биле слични на Церера и Плутон со маса од околу 1022 до 1023 кг и пречник од неколку илјади километри. Во текот на стотици милиони години, тие се судирале меѓусебно. Не е познат редоследот по кој планетарните ембриони се судрале за да се создадат планетите, но се смета дека првите судири ја замениле првата „генерација“ на ембриони со втора генерација составена од помал број, но поголеми ембриони. Тие, повторно би се судирале по што се создала трета генерација на уште помал број, и сѐ поголеми ембриони. На крајот, останале само неколку ембриони, кои се судриле по што завршило создавањето на планетите.[1]
Првите протопланети имале повеќе радиоактивни елементи,[2] чие што количество се намалило низ времето поради радиоактивното распаѓање. Загревањето поради радиоактивноста, меѓусебните судири и гравитацискиот притисок ги стопило деловите од протопланетите за време на нивниот раст до станување планети. Во стопените подрачја потешките елементи потонале до јадрото, а полесните елементи се издигнале на површина. Ваквиот процес е познат како планетарна диференцијација. Составот на некои метеорити покажува дека имало и диференцијација кај некои астероиди.
Според претпоставката за џиновски удар, Месечината настанала со судирот меѓу претпоставената протопланета наречена Теја и Земјата, во раните фази по настанокот на Сончевиот Систем.
Во внатрешниот Сончев Систем, има три „преживеани“ протопланети; тоа се астероидите Церера, Палада и Веста. Психеја најверојатно преживеала од силен удар со друго тело кое што ги соголило надворешните, карпести слоеви на протопланетата.[3] Астероидот Метида, се претпоставува дека имала слична судбина како Психеја.[4] Астероидот Лутеција, исто така има одлики на протопланета.[5][6] Џуџестите планети од Кајперовиот Појас се викаат и протопланети.[7] Затоа што на Земјата се пронајдени железни метеорити, се претпоставува дека порано во астероидниот појас имало други протопланети со метално јадро, кои биле уништени и кои се извор на ваквите метеорити.
Во февруари 2013 година, астрономите за прв пат директно набљудувале создавање на протопланета во гасовит диск околу далечна ѕвезда.[8]