From Wikipedia, the free encyclopedia
Спартаково востание, Гладијаторското востание или Трето робовско востание — востание на група робови кое се одвивало помеѓу 73 п.н.е. и 71 п.н.е., а воедно и последно во низата од три, меѓусебно неповрзани, неуспешни востанија кои биле започнувани од робовите кои се бореле против Римската Република. Трите востанија се познати под едно име: робовски востанија. Спартаковото востание било единственото кое директно ѝ се заканувало на републиката, бидејќи на почетокот востаниците победиле во голем број битки против римската армија. На крајот, востанието било згаснатато, што се должи на големите напори вложени од Марк Лициниј Крас, но последиците од истото уште долго време ја засенувале римската политика.
Спартаково востание | |||||||
---|---|---|---|---|---|---|---|
Дел од Римски робовски војни | |||||||
Италија и околните територии, 218 п.н.е. |
|||||||
|
|||||||
Завојувани страни | |||||||
Војска на побегнати робови | Римска Република | ||||||
Команданти и водачи | |||||||
Спартак † (се претпоставува дека е убиен во акција, телото не е пронајдено) Криксус †, Ономеј †, Каст †, Ганикус † | Гај Клавдиј Глабер †, Публиј Вариниј †, Гнеј Клодианиј, Луциј Гелиј Публикола, Гај Касиј Лонгиниј, Гнеј Манлиј, Марк Лициниј Крас, Гнеј Помпеј, Марк Терентиј Варо, Луциј Квинктиј, Гнеј Тремелиј Скрофа |
||||||
Сила | |||||||
120.000 побегнати робови и гладијатори, вклучувајќи и жени и деца; вкупната бројка на војници не е позната. | 3.000+ Полиција, 8 Римски легии (40.000–50.000 мажи), 12,000+ - непознати организирани луѓе. |
||||||
Жртви и загуби | |||||||
Скоро сите убиени во акција или погубени | Нема точни информации, но бројките се големи (50, 1.000, или 4.000 убиени низ децимација) |
Помеѓу 73 и 71 година п.н.е., група на побегнати робови (првобитно од околу 70 гладијатори, за подоцна да брои повеќе од 120.000 мажи, жени и деца) се движела на римската територија ограбувајќи и пустошејќи ги римските домови. Групата имала неколку водачи, меѓу кои бил и легендарниот гладијатор Спартак. Борбената способност на мажите во оваа група била на многу високо ниво. Тие ределе успеси во низа почнувајќи со локалните извидници, па римската полиција и сѐ до професионално обучуваните римски легионери под команда на конзули. Нивното дејствување, Плутарх го опишал како обид на римските робови да побегнат од своите робовладетели низ Кисалпска Галија, додека, пак, Апијан и Флориј[1] го окарактеризирале нивното дејствување како граѓанска војна во која робовите имале за цел да го освојат и Рим.
Вознемирен од вестите за постојаните напади над римските села и градови и за успесите на робовите, римскиот сенат одлучил да испрати осум легии под строга команда на војсководецот Марк Лициниј Крас. По големиот број на битки, војната конечно завршила во 71 п.н.е кога робовите, соочени со Крас, дознале дека легиите на Помпеј и Марк Терентиј Варо им се доближуваат од зад грб за да им постават стапица, поради што тие одлучиле да го нападнат Крас по што биле потполно поразени.
Спартаковото востание имало големо значење во развојот на римската историја, особено поради ефектот од победите на двајцата војсководци, Помпеј и Крас. Тие го искористиле успехот од ова востание за да ги зацврснат своите политички кариери. Заканувајќи се со своите легии тие го добиле сенатот на нивна страна на изборите за конзули во 70 п.н.е. Нивната работа како конзули довела до радикални промени во римските политички институции што подоцна довело до преминот на Римската Република во Римско Царство.
Еден од важните фактори за развојот на економијата на Стариот Рим било постоењето на евтина работна сила, односно робови. Робовите се набавувале на различен начин, со купување од странски трговци, поробување на жителите од освоените територии итн.[2] Со оглед на големите походи на Рим во текот на првиот и вториот век п.н.е., стотици робови биле донесени од разни европски и средоземни земји.[3][4] Многу мал број од тие работеле како слуги на нивните сопственици, а најголемиот дел биле испраќани да работат во рудници и на полиња во Сицилија и Јужна Италија.[5][6]
Робовите во Римската Република биле третирани многу грубо и многу сурово. Робовладетелите можеле да ги злоставуваат, повредуваат, па дури и да ги убиваат своите робови без тој чин да има какви било правни последици. Иако сите робови биле измачувани, тие биле поделени во неколку класи меѓу кои работниците на полињата и во рудниците биле најниската, класа која била приморана на физичка работа низ целиот свој живот.[7]
Преголемата суровост и угнетувањето на робовите довело до неколку побуни и востанија. Во 135 п.н.е. започнало првото робовско востание, а во 104 п.н.е. второто. И двете востанија започнале во Сицилија каде што мали групи на востаници успеале да соберат неколку десетици илјади робови кои сакале да се спасат од репресивниот живот. Иако двете востанија добиле прилично голем воен размер кој го натерал сенатот директно да интервенира, тие никогаш не биле сфатени како сериозна закана за Републиката. Сево ова се променило по избувнувањето на Третото робовско востание — Спартаковото востание.
Во првиот век пред новата ера, гладијаторските борби биле многу популарен начин на забава во Римска Република. Неколку гладијаторски школи, т.н., луди (ludi), биле основани ширум Италија за обука на робовите за гладијаторските натпревари.[8] Во овие школи се тренирале криминалци, воени заробеници (кои се сметале за робови) и слободни луѓе кои одлучиле да заработуваат борејќи се во арените.[9] Во 73 година п.н.е., во школото на Лентул Батијатиј во Капуа, група од околу 200 гладијатори планирале бегство. Кога нивниот план бил откриен, околу 70 од нив зграбиле кујнски прибор и успеале да се ослободат и да стигнат до гладијаторските мечеви и штитови.[10][11][12][13]
Кога го убиле Батијатиј, избеганите гладијатори одбрале водачи, двајца галски робови, Криксус и Ономеј. Меѓу робовите бил и Спартак, за кој се верува дека бил Тракиец и дека најпрво бил војник во римските легии за подоцна да биде осуден на ропство. Другите извори, пак, тврдат дека Спартак бил заробеник кога римските легии го фатиле.[14] Исто така, се доведува во прашање и неговото потекло. Имено, Спартак се борел како Трекс, така што неговиот прекар „Тракиец“ би можело да се однесува само на видот на гладијаторска борба која тој ја демонстрирал во арената.[15].
Оваа група на робови на лесен начин победила мала група на римски војници (испратени од Капуа), по што се вооружале со воени мечеви и штитови.[16] Изворите често се контрадикторни во однос на тоа што правела оваа група непосредно по бегството од лудусот, но сите се сложуваат дека одредено време тие ограбувале и пустошувале низ Капуа, регрутирајќи нови робови, за на крај да се повлечат во одбранбена позиција на планината Везув.[17].
Кога востанието пристигнало во Кампанија, регион кој служел како летувалиште за богатите и влијателните Римјани кои таму имале изградено вили на нивните големи поседи, римскиот сенат започнал да се загрижува во однос на моќта која востаниците ја поседувале. Пред тоа, тие мислеле дека е уште еден бран на неуспешно криминално востание.
Малку подоцна, истата година, сенатот испратил војска под команда на претор за да го задуши востанието.[18] Римскиот претор Гај Клавдиј Глабер регрутирал војска од околу 3.000 мажи, кои не биле легионери, туку локална полиција. Многу историчари ова го сметаат за уште една катастрофална грешка, односно тоа што востанието сè уште не било сериозно сфатено.[11] Војската на Глабер ги обиколила востаниците околу Везув и го блокирале единствениот познат пат кој водел низ планината. По оваа акција, Глабер одлучил да не ги нападне востаниците, туку да ги остави да се предадат со оглед на тоа што не можеле да се снабдат со храна и вода.
Спартаковите востаници, иако без професионален воен тренинг, се покажале многу вешти во употребата на локалните материјали и неконвенционалните тактики во борба со дисциплинираната римска војска.[19][20] Како одговор на опсадата на Глабер, спартаковите луѓе направиле јажиња од винова лоза и други растенија кои ги пронашле во околината и ги употребиле за да се спуштат од спротивната страна на планината (спротивна во однос на Глабер). По спуштањето од Везув, востаниците ја заобиколиле планината и од зад грб ги нападнале војниците на Глабер и потполно ги уништиле.[11][19][21][22][23]
Набрзо била испратена друга експедиција против востаниците на Спартак, овој пат под водство на преторот Публиј Вариниј. Вариниј ја поделил својата војска на два дела со кои, одделно, команудвале Фуриј и Касиниј. Плутарх напишал дека Фуриј, под своја команда, имал околу 2.000 војници, меѓутоа, не се познати подетални информации за останатите единици и за тоа дали војската била сочинета од легионери или, пак, од обични полицајци. Востаниците и оваа војска на Ворениј во целост ја поразиле. Касиниј загинал во борба, а Вариниј успеал да побегне. Најголема добивка за востаниците претставувала запленетата опрема која ја носеле римските војници.[11][12][24] По оваа победа сè повеќе робови му се приклучувале на Спартак, како и сточари и земјоделци од околните региони. Со ова бројот на востаниците се зголемил на 70.000.[11][25] Зимата, 73-72 п.н.е., првобитните востаници ја поминале во снабдување на новите сили со оружје и во проширување на територијата во која тие дејствувале (Молизе, Базиликата, Апулија и др.).[13]
Како и придобивките, така востаниците изгубиле многу луѓе меѓу кои и Ономеј за кој се претпоставува дека загинал во борба. По битка со Вариниј тој веќе не се споменува во историските записи.[26][27]
До крајот на 74 п.н.е., Спартак и Криксус командувале со голема група на вооружени луѓе кои се докажале способни во спротивставувањето на римската војска. Меѓутоа, денес е многу тешко да се потврди кои им биле понатамошните планови. Во поновите книги постојат конкрадикторни искази и поради причината што востанието било задушено, не постојат директни сведоштва за мотивите и целите на востаниците.
Многу популарни модерни толкувања за ова востание застапуваат една теза во која се вели дека тие се поделиле во две големи групи, групата на Спартак која сакала преку Алпите да се избори за слобода и групата на Криксус која сакала да остане во јужна Италија и да продолжи со ограбувања. Оваа интерпретација на настаните се заснова на фактот што помеѓу регионите, кои Флориј ги наведува како ограбувани и опустошувани места, се вклучени и Турија и Метапонто кои се многу оддалечени од Нола и Ночера. Исто така, Луциј Гелиј Публикола го нападнал Криксус со неговата група од околу 30.000 следбеници за која се тврди дека била разделена од главната група под водство на Спартак.[28][29] И Плутарх напишал дека некои од побегнатите робови сакале да опустошуваат низ Италија, а не да побегнат преку Алпите.[30] Оваа теорија се поклопува со античките извори, но не постојат дикретни докази кои би ја поддржале.
Фиктивни изданија, како што е филмот Спартак на Стенли Кјубрик од 1960,[31] го отсликуваат Спартак како староримски борец за слобода кој се борел за промена на корумпираната римска бирократија и за укинување на робовладетелството. Иако оваа слика не се спротивставува на класичните историчари, ниту еден историски извор не споменува дека целта на востаниците било укинувањето на робовладетелството во републиката, ниту пак, некоја од спартаковите акции не посочува на оваа цел.
Дури и античките историчари, кои пишувале непосредно по востанието, биле поделени околу мислењето за мотивот и целта на Спартак. Алијан и Флориј тврдат дека тој сакал да го нападне Рим,[13][29] меѓутоа ова може да се протолкува само како одраз на стравот кој Спартак го предизвикал кај римјаните. И навистина да сакал да го нападне Рим, подоцна се откажал од истото. Плутарх напишал дека единствено нешто што Спартак сакал е да побегне на север низ Кисалпска Галија и да ги врати домовите на своите луѓе.[30]
Не може со сигурност да се потврди дека робовите претставувале хомогена група под водство на Спартак. Иако тоа е претпоставка на сите Римски историчари, исто така, може да биде само одраз на римскиот начин на сфаќање на воената хиерархија во погледот на моќта и одговорноста на групата робови. Во многу книги се споменуваат и други војсководци на робовите – Криксус, Ономеј, Ганикус, Каст, и земајќи ги предвид историските извори, не може да се потврди дали тие биле само помошници или биле војсководци од ист ранк како Спартак кој ги предводеле нивните групи.
Во летото, 72 година п.н.е., побегнатите робови ги напуштиле нивните засолништа, каде што ја поминале зимата, и започнале да се движат на север кон Кисалпска Галија.[11][29]
Сенатот, изненаден од бројот на востаници и поразите на преторските војски, испратил две конзуларни легии под команда на Луциј Гелиј Публикола и Гнеј Корнелиј Лентул.
На почетокот, конзуларните легии постигнале неколку успеси. Гелиј нападнал група од 30.000 востаници под водство на Криксус кај планината Гарганија и поразил две третини од востаниците, вклучувајќи го и Криксус.[28][29][32].
Од овој момент, па сè до моментот кога Марк Лициниј Крас се вклучил во војната, постојат несогласувања во класичните извори за текот на настаните. Двата најистакнати историчари кои пишувале за ова востание, Алијан и Плутарх, детално опишуваат два, многу различни, настани. Меѓутоа, двата записи не се контрадикторни меѓусебно и опишуваат две посебни битки не споменувајќи ја битката која другиот ја опишувал.
Според Апијан, битката помеѓу легиите на Гелиј и следбениците на Криксус во близина на планината Гарганија била почеток на низа комплицирани воени интервенции кои за малку не довеле до напад на Рим од страна на Спартак.
По победата над Криксус, Гелиј тргнал на север кон групата робови под водство на Спартак кои биле упатени кон Кисалпска Галија. Лентуловата војска била распоредена на тој начин што го попречила Спартак на патот кон север и конзулите се надевале дека ќе ги фатат побегнатите робови помеѓу нивните две позиции. Војската на Спартак го нападнала Лентул и го поразила, а потоа тргнала кон војската на Гелиј и ги натерала римските легионери да се повлечат.[29] Апијан тврди дека Спартак, за да му оддаде почит на Криксус, убил околу 300 војници, римски заробеници, со тоа што ги натерал да се борат меѓу себе, исто како гладијатори.[8][13][27][29][33]
По оваа победа, Спартак продолжил кон север со своите приврзаници (околу 120.000), а пред тоа ги убил сите заробеници и ги заклал своите товарни животни за да може побрзо да се движи.[29]
Поразените конзуларни армии се вратиле во Рим за да се прегрупираат, додека Спартак, со своите луѓе, напредувал на север. Конзулите повторно се сретнале со Спартак, некаде во близина на областа Пицентум и (денешно Марке), како претходниот пат, повторно биле поразени.[29]
Апијан тврди дека Спартак во овој момент го променил својот став и решил да тргне кон Рим.[29] Флориј, пак, не дава детална информација за тоа кога Спартак се решил да тргне во напад на Рим, а тврди дека тоа била целта на Спартак уште од самиот почеток.[13] Го заземале градот Турија и неговата околина и започнале да ги ограбуваат околните територии. Запленетата роба ја заменувале со трговците за бронза и железо од кои правеле оружје. Од време на време војувале со римска војска која во сите наврати убедливо ја победувале[29].
Описот на настаните од страна на Плутарх во целост се разликува од оној на Апијан. Според Плутарх, по битката помеѓу легиите на Гелиј и луѓето на Криксус (кои Плутарх ги нарекува Германи),[28] војската на Спартак се соочила со Лентул, го поразила, ги собрала залихите и опремата и тргнала кон северна Италија. По овој пораз, сенатот им ја одземал командата на конзулите и ги повикал назад во Рим.[34] Плутарх не ја споменува битката помеѓу Спартак и легиите на Гелиј, ниту, пак, битката во близина на Пинцетум помеѓу Спартак и здружените легии на конзулите.[28]
Во продолжение Плутарх споменува детали кои не биле споменати од Апијан. Според него, војската на Спартак продолжила да се движи кон север сè додека не стигнала до областа околу градот Мутина (денешна Модена). Таму, Гај Касиј Лонгиниј – конзул во Кисалпска Галија, со околу 10.000 војници се обидел да го запре спартаковото напредување, но и тој не постигнал никаков успех.[27][28][32]
По ова, Плутарх не споменува никакви настани сè до самиот почеток на судирите во пролетта, 71 година п.н.е., помеѓу Спартак и Марк Лициниј Крас. Не споменува никаков поход кон Рим, ниту, пак, повлекување во Турија.[28] Меѓутоа, Плутарх тврди дека Крас го принудил Спартак да се повлече јужно од Пуцентум, па според ова може да се заклучи дека востаниците пристигнале во Пицентум во почетокот на 71 п.н.е. и дека се повлекле од Мутина на југ во централна Италија за таму да ја поминат зимата 72-71 година п.н.е.
Зашто го направиле тоа, кога немало никаква очигледна причина да не побегнат преку Алпите (целта на Спартак според Плутарх), не е објаснето.[24]
Иако постојат контрадикторности во античките извори кога се во прашање настаните од 72 п.н.е., тоа не е случај со текот на настаните во наредната година. Сите се сложуваат дека Спартак, со своите следбеници, на почетокот на 71 година п.н.е. се наоѓал во јужна Италија.
Сенатот, видно вознемирен од несопирливото востание кое ја зафатило цела Италија, му доделило задача на Марк Лициниј Крас да се соочи во востаниците.[34] Крас бил познат римски политичар и воен командант кој веќе војувал под команда на Луциј Корнелиј Сула за време на втората граѓанска војна помеѓу Сула и Гај Мариј и служел под команда на Сула во времето кога тој владеел како диктатор.[35][36]
Нему му бил даден чинот претор и му била доделена команда над шест нови легии, покрај веќе постоечките две легии на Гелиј и Лентул, со што под своја команда имал околу 40-50.000 истренирани римски војници.[37][38] Повторно ја вовел децимацијата како остра, па дури и брутална дисциплина во римската војска. Алијан не бил сигурен дали казнил две конзуларни легии поради страв од непријателот кога му биле доделени под негова команда или ја казнил целата војска со која командувал поради поразот (настан во кој биле погубени околу 4.000 легионери).[39]
Плутарх ја споменува само децимацијата на 50 легионери како казна по поразот на Мумиј во првата од низа битки помеѓу него и Спартак.[40] Во секој случај, изгледа дека Крас претставувал поголема опасност за сопствената војска отколку за неговите непријатели.[39]
Кога востаниците на Спартак повторно тргнале на север, Крас распоредил шест легии на границата на регионите со кои се граничеле тој и Спартак (Плутарх тврди дека првата битка помеѓу Крас и Спартак се одвивала во близина на Пинцетум,[40] а Апијан вели дека истата се одвивала во регионот Саминиум)[41] и две легии му дал на својот легат, Мумиј, со наредба да му се доближат од зад грб на Спартак, но не и да го нападнат. Меѓутоа, кога Мумиј воочил прилика за напад, го нападнал Спартак и доживеал целосен пораз.[40] По нападот на Мумиј, следел нападот на Крас кој извојувал победа над Спартак и убил околу 6.000 востаници.[41]
Војската на Крас имала уште неколку успешни битки во кои загинале неколку илјади востаници, што го натерало Спартак да се повлече преку Луканија во околината на Месина. Според Плутарх, Спартак се договрил со неколку пирати да го префрлат него, со околу 2.000 од неговите луѓе, на Сицилија, од каде што планирал да собере нови востаници. Меѓутоа, пиратите го прелажале, му ги земале парите и ги напуштиле востаниците.[40] Во некои извори се напоменува дека востаниците се обиделе сами да направат сплавови и бродови, но Крас ги спречил.[13][42]
По ова, востаниците на Спартак се повлекле во Региум (денешен Реџо Калабрија). Легиите на Крас ги следеле востаниците и се стационирале во Региум. И покрај нападите на Спартак, робовите биле заобиколени и одсечени од своите залихи за храна.[43]
За краток период пристигнал Помпеј со своите легии. Помпеј се враќал од Хиспанија каде што го задушил востанието подигнато од Квинт Серториј.
Изворите не се сложуваат околу тоа дали Крас побарај засилување или сенатот го искористил враќањето на Помпеј во Италија. Како и да било, Помпеј им наредил на своите легии да го заобиколат Рим и директно да тргнат на југ за да му помогнат на Крас.[41][44] Сенатот, исто така, испратил засилување под команда на Лукул, не оној за кој Алијан погрешно мислел дека е Луциј Лициниј Лукул, командант на воените сили кои во тоа време војувале во третата војна на Митридат, туку оној кој бил проконзул на Македонија, Марк Теренциј Варо Лукул, помладиот брат на Луциј Лициниј.[44][45] Со помпеевите легии кои се доближувале од север и војниците на Лукул кои пристигнале во Брундиј (денешен Бриндизи), Крас сфатил дека доколку побргу не го задуши востанието, славата ќе ја присвојат војсководците кои пристигале како засилување. Поради тоа, Крас ги притиснал своите легии за побрзо да го заврши конфликтот.[44][45]
Кога дознал дека Помпеј се упатил на југ, Спартак се обидел да преговара со Крас и да го заврши востанието пред пристигнувањето на засилувањето.[45] Кога Крас одбил да преговара, дел од војската на Спартак побегнала и се растурила низ планините западно од Петелиј (денешен Стронголи), а силите на Крас тргнале да ги гонат.[45][46]
Легиите успеале да фатат дел од востаниците кои биле под команда на Ганикус и Каст. Од нив биле убиени околу 12.300.[47][48] Меѓутоа и Крас претрпел загуби поради тоа што дел од групата на побегнати робови успеале да ја пробијат опсадата и се упатиле кон дел од римската војска, под команда на коњаничкиот офицер Луциј Квинктин и квесторот Гнеј Тремелиј Скроф, и целосно ги поразиле.[27][49] Сепак, востаниците биле свесни дека не можат да се спротивстават на професионалната римска војка, па набрзо ја изгубиле волјата за борба. Неколку групи кои побегнале се обиделе да ги нападнат легиите на Крас, но не постигнале никаков успех.[50] Со сериозно нарушената дисциплина во своите редови, Спартак ги собрал сите свои сили и се спремил за напад на легиите кои пристигнувале. Во овој, последен обид, спартаковите сили биле потполно уништени.[45][51] Ливиј тврди дека загинале околу 60.000.[48] Последните неколку саати од животот на Спартак се потполно непознати со оглед на тоа што неговото тело не било никогаш пронајдено. Историчарите се согласуваат дека загинал во битка, заедно со своите војници.[13][45]
Силите на Крас потполно ги уништиле спартаковите востаници.
Помпеј никогаш директно не војувал со војската на Спартак, но неговите легии заробиле околу 5.000 робови кои побегнале од борбата и сите биле убиени.[52][53][54] Потоа, Помпеј испратил порака до сенатот во која навел дека иако Крас ги победил робовите на военото поле, тој (Помпеј) ја завршил војната, и според тоа барал голем дел и слава со што го заработил непријателството на Крас.[54]
Голем број на робови загинале на воените полиња, а околу 6.000 заробени од страна на Крас, биле распнати на крстови на патот помеѓу Капуа и Рим.[45]
Помпеј и Крас добиле голема политичка корист од задушувањето на ова востание. И двајцата се вратиле во Рим со своите легии и одбиле да ги распуштат. Наместо тоа, направиле кампови во римската околија.[11] И двајцата се кандидирале за конзули во 70 п.н.е., иако Помпеј не ги исполнувал критериумите за кандидатурата поради тоа што немал никакво искуство како претор и квестор. Сепак, двајцата биле избрани за конзули, делумно благодарејќи на одделната закана која ја претставувале нивните легии во непосредна близина на Рим.[55]
Влијанието на спартаковото востание околу римските сфаќања за робовладетелството, како и самите робовладетелски институции, во републиката е тешко да се утврди. Со сигурност, востаниците ги исплашиле римјаните кои „поради страв започнале да се однесуваат помалку сурово кон своите робови“.[56] Богатите сопственици на латифундии почнале да го намалуваат бројот на робови и да најмуваат слободни луѓе за извршување на робовската работа.[57] По крајот на галските војни на Цезар во 52 година п.н.е., па сè до владеењето на царот Трајан (98-117), Рим не водел походни војни и со самото тоа запрело добавувањето на евтина робовска сила.
Правниот статус на робовите, исто така, претрпел промени. За време на владеењето на царот Клавдиј (41-54) законот бил променет, со што лишењето од живот на старите или ислужените робови се сметало за убиство, а робот кој бил пуштан од својот сопственик автоматски станувал слободен човек.[58]
За време на владеењето на Антонин Пиј (138-161) законските права на робовите биле проширени, а сопствениците одговарале пред законот доколку убивале робови, присилно ги продавале, ги злоставувале итн. Исто така, постоел и (неутрален) владин орган каде што робовите можеле да поднесуваат жалби.[59][60]
Иако овие промени се случиле многу подоцна за да би биле директна последица на спартаковото востание, тие претставуваат законска кодификација во промената на ставот на римјаните кон робовите кој бил непроменет со децении.
Тешко е да се утврди до кој степен ова востание имало влијание врз законските промени за правата на римските робови. Спартаковото востание се преклопило со крајот на периодот во кој робовите во Рим најмногу се користеле за тешки физички работи и почетокот на новиот период на сфаќање на робовите во размерите на римското општество и римското законодавство. Спартаковото востание било последно во низата од три робовски востанија во републиката која не смеела да си дозволи уште едно востание со ваков обем.
Seamless Wikipedia browsing. On steroids.
Every time you click a link to Wikipedia, Wiktionary or Wikiquote in your browser's search results, it will show the modern Wikiwand interface.
Wikiwand extension is a five stars, simple, with minimum permission required to keep your browsing private, safe and transparent.