Усташи
хрватска фашистичка, ултранационалистичка и терористичка организација / From Wikipedia, the free encyclopedia
Усташи – Хрватско револуционерно движење (на хрватски: Ustaša – Hrvatski revolucionarni pokret) — хрватска ултранационалистичка, фашистичка и терористичка организација, изворно активна од 1930 до 1945 година.[1] Пред Втората светска војна, движењето дејствувало како националистичка и терористичка организација за создавање независна хрватска држава, но по инвазијата на Југославија од Силите на Оската и прогласувањето на Независна Држава Хрватска (НДХ), протекторат на нацистичка Германија и фашистичка Италија, военото крило на организацијата било распоредено во Хрватското домобранство и усташката милиција (хрватски: Ustaška vojnica).[2]
Идеолошки, движењето е мешавина од хрватски национализам, римокатолицизам и фашизам.[2] Било приврзаник на иредентистичкиот концепт Голема Хрватска, според кој хрватската држава треба да се протега до реката Дрина и да граничи со Белград.[3] Движењето се борело за расно „чиста“ Хрватска, промовирајќи геноцид на српскиот, еврејскиот и ромскиот народ и прогон на антифашисти и хрватски и босански дисиденти. Усташите ги сметале Бошњаците за „Хрвати муслимани“, кои заедно со Хрватите католици се главни етнорелигиозни култури во Хрватска.[4]
Припадниците на движењето се нарекувале усташи. Името потекнува од хрватскиот збор устати (ustati, востане), термин користен уште од 19 век како воен чин во хрватската кралска војска, но и како име за хрватски пешадиски полкови во Првата светска војна. Сличниот збор устаник (ustanik), изведен од устати, значи бунтовник, востаник. Првобитното име на движењето било Усташи – Хрватска револуционерна организација, скратеница УХРО (Ustaša – Hrvatska revolucionarna organizacija, UHRO), но по 1933 година зборот организација е заменет од зборот движење.