Антарес или Алфа Скорпија (α Scorpii / Alpha Scorpii) — црвен суперџин во галаксијата Млечен Пат и шеснаесетта најсјајна ѕвезда на ноќното небо (понекогаш се смета за петнаесетта, доколку двете сјајни ѕвезди од системот Капела се бројат како една ѕвезда). Заедно со Алдебаран, Спица, и Регул е една од четирите најсјајни ѕвезди блиску до еклиптиката.
Антарес е променлива ѕвезда, со привидна величина од +0,9 до +1,8.
Споредба меѓу црвениот суперџин Антарес и нашето Сонце, кое е претставено како мала точка горе десно. Црниот круг ја претставува орбитата на Марс. Ѕвездата Арктур е исто така вклучена на сликава заради споредба.
Најдобро време за да се види Антарес е околу 31 мај секоја година, кога ѕвездата е наспроти Сонцето. Тогаш, Антарес изгрева на самрак и заоѓа во зора, така што е видлива цела ноќ. Во време од две до три недели околу 30 ноември, Антарес воопшто не се гледа поради блесокот на Сонцето. Овој период на невидливост е подолг на северната полутопка отколку на јужната.