Делта Лебед
ѕвезда во соѕвездието Лебед From Wikipedia, the free encyclopedia
Remove ads
Делта Лебед (δ Лебед, δ Cygni, Delta Cyg, δ Cyg) — двојна ѕвезда од збирна трета величина сместена во соѕвездието Лебед. Претставува дел и од астеризмот Северен Крст, чија најсјана ѕвезда е Денеб. Според паралаксните мерења направени со мисијата „Хипаркос“, Делта Лебед е на 165 светлосни години (51 парсеци) од Сонцето.[1]
Двете составници се наречени Делта Лебед A (офиц. Фаварис)[12] и B. Постои и оддалечена трета составница (ѕвезда) со 12-та величина која се движи заедно со другите. Заедно образуваат троен систем.[13]
Remove ads
Именување
Делта Лебед (δ Cygni, Delta Cygni) е ознаката под која ѕвездата се води во Бајерово означување. Ознаките за двете составници — Делта Лебед A и B доаѓаат од Вашингтонскиот каталог на повеќеѕвездени системи (WMC) и е усвоен од Меѓународниот астрономски сојуз (МАС).[14]
Традиционално ѕвездата нема свое име.[13] Арапските астрономи ја забелжале како дел од нивниот астеризам ел-Феварис (الفوارس), што значи „Јавачи“,[15] сместена заедно со Зета, Епсилон и Гама Лебед, спроти Северниот Крст. Во 2016 г. МАС приредил Работна група за ѕвездени имиња[16] со цел да ги каталогизира и стандардизира личните имиња на ѕвездите. Решено е да се даваат имиња само поединечни ѕвезди, а не на цели повеќекратни системи.[17] На 1 јуни 2018 г. е одобрено името Фаварис за делот Делта Лебед A и денес е официјално.[12]
На кинески во употреба е збирниот поим 天津 (Тјен ѓин), што значи Небесен Брод и се однесува на астеризмот кој ги опфаќа Гама Лебед, Делта Лебед, 30 Лебед, Алфа Лебед, Ни Лебед, Тау Лебед, Ипсилон Лебед, Зета Лебед и Епсилон Лебед.[18] Оттука, кинеското име на самата Делта Лебед е 天津二 (Тјен ѓин ер = „Втора ѕвезда на Небесниот Брод“).[19]
Remove ads
Особини
Главната составница Делта Лебед A е синобела џиновска ѕвезда од спектрална класа B9,[4] и температура од 10.500 K. Се приближува кон крајот на развојната фаза од главната низа со сјајност 155 пати поголема од онаа на Сонцето, 5,13 пати поголем полупречник и 2,93 Сончеви маси. Како и многу други врели ѕвезди, има брз вртеж, барем 135 км/с во екваторот, што е 60 пати побрзо од Сончевиот.[10]
Првиот придружник Делта Лебед B е жолтобела ѕвезда од класата F од шеста величина (6,33) со сјајност 6 пати поголема од онаа на Сонцето, и маса 1,5 пати поголема од неговата. Двете ѕвезди орбитираат една околу друга на просечно растојание од 157 ае и период од 780 години.[13]
Многу подалечниот трет придружник е портокалова ѕвезда (класа K) од дванаесетта величина, но има само една третина од масата.[13]
Двете главни ѕвезди заедно имаат спектрална класа A0 IV.[3] Гледајќи од Земјата, целиот троен систем на Делта Лебед сјае со збирна привидна величина од 2,87.[2]
Remove ads
Поларна ѕвезда
Делта Лебед е видлива ѕвезда сместена на 3° од прецесиска патека опишана преку небесната сфера од Северниот Пол на Земјата. Ова значи дека ќе биде поларна ѕвезда во текот на неколку века, почнувајќи од 11250 г, наместо денешната Северница (која е на само 0,5° од прецесиската патека).
Можна променливост
За δ Лебед A и B се претпоставува дека се колебаат во сјајност. Во 1951 г. за A е забележано колебање од 2,85 до 2,89, а B во 1837 г. се колебала помеѓу 6,3 и 8,5. Нивната променливост не е потврдена.[6]
Наводи
Надворешни врски
Wikiwand - on
Seamless Wikipedia browsing. On steroids.
Remove ads