Коњско (Охридско)
село во Општина Охрид From Wikipedia, the free encyclopedia
Remove ads
Коњско (во поново време нарекувано Горно Коњско) — село во Општина Охрид, во околината на градот Охрид.
За други истоимени места, погледајте Коњско.
Remove ads
Потекло на името
Селото Коњско според народните преданија го заселиле сточари кои чувале коњи и дека заради тоа на селото му било дадено името Коњско.[2] Некои пак, сметаат дека името на селото води потекло од страна: дека некој овчар од прекупланинското село Коњско (Преспа) се заселил на тој простор и така поради тоа село и ова го нарекле Коњско.
Потеклото на името Коњско може да се бара и во апелативот на именката од турскиот збор „којин“ што значи овца и „којинлар“ – овци. Можно е селото да го добило по името Коњско, бидеќи основната дејност со која се занимавале жителите било сточарството: овци и коњи.
И научните толкувања кај Пјанка се засноваат на ваква поставка. Тој вели дека името потекнува од името на животното коњ и дека името има придавна форма. Исто така забележал дека месното население името на своето село го изговара како Коњско, Концко или Којнско. Жител на селото се вика коштанец (м), коштанка (ж) и коштанци (м.пл.). Придавката е коштански. Во овие форми консонатската група ншт, тешка за изговор, е упростена со опаѓањето на н, на што можеби влијаело и присуството на н во наредниот слог.
Remove ads
Географија и местоположба

Ова село се наоѓа во Охридско, во средишниот дел на територијата на Општина Охрид, недалеку од источниот брег на Охридското Езеро, чиј атар се издига до сртот на планината Галичица каде што се допира со подрачјето на Општина Ресен.[3] Селото е планинско, на надморска височина од 1.100 метри. Од градот Охрид, селото е оддалечено 11 километри.[3]
Селото се наоѓа на мала висорамнина на планината Галичица. Жителите се снабдувале со вода за пиење од селската чешма наречена Клаенец.[2]
Месностите во атарот ги носат следниве имиња: Старо Село, Гумниште, Чоља, Горно Воје, Киселица, Гоедарица, Трнов Арен, Стар Извор, Готманово, Горно и Долно Студено, Бојазон, Широка Присојница, Елен Врв, Лелута, Мачелишта, Високи Врв, Трлишта, Длага Јама, Лески, Подушје, Мачука, Скала, Обори-бог, Чашкине, Мртви Ливаѓе, Бозје, Црквана, Св. Петка, Јамана, Гаранчео, Високо Церје, Папраѓе, Јасичиња, Куруглаеш, Красје, Горна Ледина, Турски Нивје, Јоној Нивишта, Св. Никола, Башково, Марконо, Ормансоно, Пот, Гургуњ, Чорбансконо, Синов Дол, Крастине и Дувалица.[2]
Коњско на север се граничи со атарот на селото Шипокно, а на југ со атарот на селото Елшани. На источната страна се издига гребенот на планината Галичица, додека од западната страна се наоѓа Охридското Езеро.[4]
Веднаш под селото на планинската падина сѐ до самиот брег на Охридското Езеро и патот кој води кон Пештани и манастирот „Свети Наум“ е изградена туристичката населба Долно Коњско со голем број на хотели, одморалишта, сместувачки капацитети, приватни викенд-куќи, вили и угостителски објекти. Во минатото, Долно Коњско претставувало составен дел на тогашното големо село Коњско, сместено високо на падините на планината Галичица.
Remove ads
Историја
За основањето на селото Коњско тешко може да се даде конкретен одговор заради оскудните податоци.
Постои предание дека некогаш селото се наоѓало на месноста Старо Село, каде денес се наоѓаат ниви, додека на денешната местоположба на селото тогашните мештани на ливадите ги напасувале своите коњи. Месноста се викала Коњско, поради што и денешното село го добило своето име.[2]
Обработливата земја во Коњско припаѓала на охридскиот род Топаловци (3 браќа) и Спиро Зиман од Пештани.[2]
Во XIX век, Коњско било село во Охридската каза на Отоманското Царство.
Стопанство


Селото зафаќа простор од 20 км2. На него преовладуваат пасиштата на површина од 780 хектари, на шумите отпаѓаат 574 хектари, а на обработливото земјиште 355 хектари.[3]
Селото, во основа, има мешовита земјоделска функција.[3]
До Втората светска војна, мештаните се занимавале главно со сточарство и најмногу се одгледувале овци. Стоката била напасувана на планината Галичица, во месноста Асан Џура (порано Шербојца), која ја зазел некој Албанец со тоа име пред крајот на турското владение. Исто така, мештаните оделе на работа и во соседното преспанско село Отешево.[2]
Со иселувањето на населението, дошло до замирање на стопанската дејност. Преостанатите жители се занимаваат со сточарство.
Remove ads
Население
Во книгата „Етнографија на вилаетите Адријанопол, Монастир и Салоника“ се вели дека во 1873 г. селото Коњско имало 40 домаќинства и 116 жители.[5]
Според податоците на Васил К’нчов („Македонија. Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Коњско живееле 360 жители, сите Македонци.[6] Според егзархискиот секретар Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“), во 1905 година во Коњско имало 320 жители, под врховенството на Бугарската егзархија.[7]
На Етнографската карта на Битолскиот Вилает од 1901 г. Конско е претставено како чисто македонско село во Охридската каза на Битолскиот санџак со 45 куќи.[8]
Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 500 Македонци.[9]
Коњско било средно по големина село, кое што во 1961 година броело 660 жители, а во 1994 година 590 жители, македонско население. Сепак, во овие бројки влегувале и податоците за населените места Долно Коњско и населба Исток.[3][10]
Според пописот од 2002 година, во селото Коњско живееле 22 жители, сите Македонци.[11]
Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 115 жители, од кои 101 Македонец и 14 лица без податоци.[12]
Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:
- Извор за 1900 г.: Македонија. Етнографија и статистика.[13]; за 1905 г.: La Macédoine et sa Population Chrétienne.[14]; за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[15]; за 2021 г.: Државен завод за статистика на РМ.[16]
Родови
Коњско е македонско православно село, родовите во селото се староседелски (поголемиот број) и многу малку доселеници.[2]
Родови во Коњско се:
- Староседелци: Ничевци (40 к.), Иљовци (30 к.), Димовци (20 к.), Ламбевци (10 к.), Ристевци (10 к.), Степановци (8 к.) и Крстановци (7 к.), сите овие родови се староседелски.
- Доселенички род: Тодоровци (15 к.), потекнуваат од предок Влав, кој на планината Галичица пасел стока. Потоа се населил во селото и основал род. Како место на старина се наведува селото Утово во долината на реката Вардар, Тиквеш.
Remove ads
Општествени установи
- Поранешно основно училиште
Самоуправа и политика
Селото влегува во рамките на Општина Охрид, која била проширена при новата територијална поделба на Македонија во 2004 година.
Во периодот од 1996 до 2004 година, селото било дел од некогашната Општина Охрид.
Во периодот од 1965 до 1996 година, селото било сместено во големата општина Охрид.
Во периодот од 1955 до 1965 година, селото било дел од тогашната општина Охрид.
Во периодот 1952-1955, селото било дел од тогашната Општина Галичица, во која покрај селото Коњско, се наоѓале и селата Велгошти, Велестово, Елшани, Лескоец, Љубаништа, Пештани, Рамне, Скребатно, Трпејца и Шипокно. Во периодот 1950-1952, селото било дел од некогашната општина Шипокно, во која влегувале селата Велестово, Коњско и Шипокно.
Избирачко место
Селото е опфатено во избирачкото место бр. 1294 според Државната изборна комисија, сместено во просториите на основното училиште во Долно Коњско. Во избирачкото место се опфатени населените места: Коњско, Долно Коњско, Лагадин, населба Здравје и населба Исток.[17]
На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 647 гласачи.[18]
Remove ads
Културни и природни знаменитости

- Археолошки наоѓалишта[19]
- Градиште — утврдена населба од хеленистичко време; и
- Мало Коњско — средновековна населба.
- Цркви[20]
- Црква „Св. Мина“ — главна селска црква
Редовни настани
- Слави[2]
- Свети Мина — црковна и селска слава
Личности
- Родени во Коњско
- Секула Алексов (1874-?) — револуционер
- Лазар Стевов Нически — македонски револуционер од ВМОРО.[21]
- Димко Ивчески — македонски партизан, учесник во НОБ.
- Васил Тренески — македонски партизан, учесник во НОБ.
- Василка Ангелоска — учесник во НОВ на Македонија.
- Менка Ацевска — учесник во НОВ на Македонија.
- Починати во Коњско
- Христо Трпев (1872-1903) — револуционер
Иселеништво
Постари иселеници од Коњско има во градот Охрид (Апостоловци) и во низинското село Орман (Трајчески, 3 к., Младеноски, 2 к. и Ничевски, 1 к.).[2] Во поново време, горниот дел на селото е скоро целосно иселен.
Наводи
Поврзано
Надворешни врски
Wikiwand - on
Seamless Wikipedia browsing. On steroids.
Remove ads