Средноатлантски Гребен
подводен гребен во Атлантскиот Океан From Wikipedia, the free encyclopedia
Remove ads
Средноатлантски Гребен — среднокеански гребен сместен по дното на Атлантскиот Океан и дел од најдолгиот планински венец на светот. Во северниот Атлантик ја двои Евроазиската Плоча од Северноамериканската, а во јужниот — Африканската од Јужноамериканската. Се протега од спојот со Гакељовиот Гребен (Средноарктички Гребен) североисточно од Гренланд, па на југ сè до Бувеовата Тромеѓа во јужниот Атлатски Океан. Иако гребенот е претежно под водата, постојат исвесни места кои се издигаат над неа поради нивната висина. Потегот од гребенот во кој спаѓа Исланд е наречен Рејкјанески Гребен. Просечната стапка на ширење на гребенот изнесува околу 2,5 см годишно.[1]

Remove ads
Откривање

Постоењето на гребен под Атлантскиот Океан прв го претпоставил Метју Фонтен Мори во 1850 г. Гребенот е пронајден во експедицијата на „Челиџер“ во 1872 г.[2] Научната екипа на бродот, предводена од Чарлс Вајвил Томсон, открила големо возвишение во Атлантикот испитувајќи погодни места за поставање на прекуатлантски телеграфски кабел во иднина.[3] Местоположбата на таквиот гребен е потврдена со сонар во Германската атлантска експедиција од 1925 г.[4] и забележано е дека оди од ’Ртот на Добрата Надеж и минува низ Индискиот Океан .[5]
Во 1950-тите е направен голем картографски потфат за исцртување на океанските дна во светот. Во него учествувале научниците Брус Хизен, Морис Јуинг, Мери Тарп и други, кои утврдиле дека Средноатлантскиот Гребен има мошне чудна батиметрија на долини и сртови,[6] при што средишната долина е сеизмолошки активна и претставува епицентар на многу земјотреси.[7][8] Јуинг, Хизен и Тарп откриле дека гребенот е дел од систем на последователни океански гребени кој се протега по дната на сите океани и е долг 40.000 км.[9] Откривањето на овој светски систем довело до теоријата за ширење на морското дно и општоприфатеноста на теоријата на Алфред Вегенер за континенталното поместување и ширење во видоизменетиот облик на тектоника на плочите. Овој гребен одиграл суштинска улога во расцепот на претпоставениот суперконтинент Пангеја кој отпочнал пред 180 милиони години.
Remove ads
Забележителности
Средноатлантскиот Гребен има длабока раседна долина која се протега по неговата оска во речиси сета должина. Овој расед е вистинската граница меѓу тектонските плочи, каде магмата од плаштот го достигнува морското дно, избивајќи како лава и создавајќи нов корест материјал за плочите.
Близу екваторот се наоѓа ровот Романш кој го дели гребенот на Северноатлантски и Јужноатлантски, Овој ров е тесен и достигнува длабочина од 7.758 м — меѓу најдлабоките места во Атлантскиот Океан. Истиот ров сепак не се смета за граница помеѓу Северноамериканската и Јужноамериканската Плоча, ниту пак меѓу Евроазиската и Африканската.
Remove ads
Острови
Ова е список на островите кои лежат на или близу Средноатлантскиот Гребен, тука наведени со нивните највисоки врвови и местоположба:
Северна полутопка (Северноатлантски Гребен):
- Јан Мајен (Беренберг, 2.277 м (71°06′N 08°12′W), Северноледен Океан
- Исланд (Кванаталсхнукир кај Ватнајекидл, 2.109,6 м (64°01′N 16°41′W), низ кој поминува гребенот
- Азори (Пику, на островот Пику, 2.351 м, (38°28′0″N 28°24′0″W)
- Свети Петар и Павле (Југозападна Карпа, 22,5 м, 00°55′08″N 29°20′35″W)
Јужна полутопка (Јужноатлантски Гребен):
- Вознесение (Пик, Зелена Планина, 859 м, 07°59′S 14°25′W)
- Света Елена (Дијана, 818 м 15°57′S 5°41′W)
- Тристан да Куња (Кралица Мери, 2062 м, 37°05′S 12°17′W)
- Гоф (Единбург, 909 м, 40°20′S 10°00′W)
- Буве (Олавтопен, 780 м, 54°24′S 03°21′E)
Геологија

Гребенот седи врз највисокото место на големиот земјиштен облик наречен Средноатлантско Возвишение, кој претставува долгнавеста испакнатина по должината на целиот Атлантик. Се смета дека испакнатината е предизвикана од нагорни сили на истумбување во астеносферата кои ги притискаат океанска кора и литосферата. Раздвојувачката граница настанала за време на тријасот, кога нниза трикраки грабени се соедининиле во суперконтинентот Пангеја и го сочиниле гребенот. Обично само два од трите крака на еден трикрак стануваат дел од раздвојувачката граница на плочата. Неуспешните краци се наречени авлакогени и од нив подоцна настанале долините на големите реки во Америка и Африка како што се Мисисипи, Амазон и Нигер. Фандиевата Котлина на атлантскиот брег на Северна Америка помеѓу Њу Бранзвик и Нова Шкотска во Канада е остаток од првобитниот облик на Средноатлантскиот Гребен.[10][11]
Remove ads
Поврзано
- Геологија на Исланд
Наводи
Библиографија
Надворешни врски
Wikiwand - on
Seamless Wikipedia browsing. On steroids.
Remove ads