Црква „Св. Атанасиј“ - Лавце
црква во селото Лавце, Македонија From Wikipedia, the free encyclopedia
Remove ads
Свети Атанасиј — манастирска црква во тетовското село Лавце, Македонија.[1]
Црквата се наоѓа на самото Тетовско кале, на врвот на ридот Балтепе, сместена над самиот град Тетово.
Главниот патрон се празнува на денот на Св. Атанасиј Зимски на 31 јануари.[2]
Remove ads
Местоположба
Црквата се наоѓа јужно од селото Лавце, каде припаѓа и катастарски, но бидејќи е сместена на познатиот рид Балтепе над самиот град Тетово и во рамки на Тетовското кале, многумина ја сметаат за црква која припаѓа на градот Тетово.
Историја
Црквата е подигната на темелите од постара манастирска црква, која заедно со целиот манастирски комплекс потекнува од крајот на 13 век, од истиот период кога бил подигнат и манастирот „Успение на Пресвета Богородица“ во месноста Плоча на Шар Планина. Манастирската црква во Лавце е поврзана со истоимената црква во Џепчиште и познатиот манастир во селото Лешок, бидејќи сите се изградени во сличен период (околу 1240 г.).[3]
Црквата ја изградиле жителите на селото Лавце со помош на феудалните господари од Тетово, кои учествувале со парични средства и со градежен материјал. Во пишаните извори, селото со манастирот „Св. Атанасиј“ се споменува во 1321 година.[3]
Црквата на Балтепе имала многу богата и бурна историја. Во своето постоење три пати била разурнувана. Првото рушење се случило во 1512 година од страна на Великиот везир Синан-паша, кога биле разурнати голем број цркви и манастири во Западна Македонија. Вторпат била срушена по австриското повлекување од Македонија, во периодот меѓу 1689 и 1692 година, кога турските власти почнале да се одмаздуваат на македонското население, кое било ангажирано на страната на Австријците и Карпошовите востаници. По второто рушење, манастирот останал во руини до 1737 година кога мештаните на Лавце добиле право да го обноват манастирот. По нешто помалку од четири години била подигната новата манастирска црква на старите темели, а околу нејзе биле подигнати и конаци и голема трпезарија. Третото рушење се случило во 1838 година, кога Абдурахман-паша почнал да го обновува разурнатото Тетовско кале. Целта му било да изгради тврдина, а бидејќи црквата се наоѓала во комплексот на калето, пашата решил црквата да биде отстранета. За таа цел ги собрал најзлогласните Арнаути-разбојници од Река (денес Љума), Северна Албанија, кои ја срушила црквата до темел. Меѓутоа, темелите никогаш не биле откопани, бидејќи секој што пробувал да ги откопа, паѓал истиот миг мртов на земјата. Поради тоа, пашата наредил никој повеќе да не се доближува до црквата. Благодарение на тоа, остатоците од разорената манастирска црква останала внатре во комплексот на тврдината.[3][4]
Црквиштето останало до крајот на 1912 година, кога Турците се повлекле од Македонија. Тогаш, поради стравот на разбојничките банди, на местото на старата црква била подигната мала импровизирана црквичка. Таа била подигната од селаните на Лавце, кои го откупиле просторот на калето од наследниците на тетовските паши, а ктитор бил Томо Геровски. Во 1917 година, на местото на стариот храм била подигната нова поголема црква. Во изградбата учествувале христијани од сите полошки села, но и пошироко.[3][4]
Денешната црква била доизградена во 1922 година.[3]
Во денешно време имотот на црквата е оспоруван, но во 1923 година била добиена катастарска тапија за „сопственост на црквата со авлијата“ под број 366 од 28 февруари 1923 година, заверена од тогашниот Првостепен суд во Тетово под број 3853 од мај 1923 година. Музејот на тетовскиот крај со свој документ број 0301/79/1 од 6 април 1988 година потврдува дека наведениот простор „е предаден во трајно владение и користење на Тетовското архијерејско намесништво на МПЦ“.[3]
Црквата за време на двете светски војни повеќепати била уривана и обновувана за да во поново време биде осветена од митрополитот Кирил.[3]
Контроверзии и 2001
Во чест на 2000 години од христијанството се дошло до идеја да се постави крст на камбанаријата со нешто поголеми димензии од стариот, поради што започнала и целосна реконструкција на манастирската црква. За да се заштитат фреските и иконите била извршена реконструкција на кровната конструкција на црквата, а поради дотраеност камбанаријата сосема била урната и на истите габарити била подигната нова. Нејзината висина од дното е 9,20 метри, на која според сите православни обичаи треба да се постави крст висок 6 метри.[3]
Против реконструкцијата на црквата најнапред со свое реагирање се огласиле некои политички албански партии од Тетово, со тврдење дека сето ова се прави на месност која духовно припаѓа на исламската култура. Тие сметале дека со поставувањето на крст се вршело директен атак врз чувствата на граѓаните од исламска вероисповед, како и притисок врз верските слободи на граѓаните. Тие предупредувале на „несакани последици“.[3]
Во своето соопштение на конференцијата за печат, ПДП ја предупредила актуелната влада да ги сопре активностите поврзани со изградбата на православни објекти и симболи во муслимански населени региони. Сметале дека тендецијата за поставување крст, на Тетовското кале е класична провокација за да го прикаже Полог како православна регија. На истата конференција секретарот на ПДП изјавил дека ако е потребно целото население да протестира против поставувањето крст, ако остане во опозиција, а ако биде во власта, крстот ќе го урне.[3]
На овие изјави реагирал митрополитот Полошко-кумановски г. Кирил, кој истакнал дека светилиштето постоело и ќе постои, и дека се вршат мерки за заштита и реставрација. Истакнал дека крст на камбанаријата мора да има, зашто тоа е симбол и знаме на нашата вера.[3]
Во одбрана на исламскиот фундаментализам се јавила и Исламската заедница, на која не ѝ пречел крстот, туку неговата големина. Според нив на Калето се градел нов гигантски објект, чија висина заедно со крстот ќе изнесувал повеќе од 30 метри, што создавало немир кај муслиманите.[3]
Но, на 14 март 2001 година Тетово било нападнато од албанските терористи кои најпрвин го зазеле Тетовското кале, од каде што го напаѓале градот Тетово. На 25 март 2001 година била извршена силна офанзива врз терористичките упоришта на Кале и при овие борби настрадала манастирската црква, поради што биле стопирани сите активности во врска со реконструкцијата на црквата. Од разрушувањето до почетокот на санацијата во 2010 година, црквата била цел на вандализми и кражби околу 5 пати.[5]
Remove ads
Архитектура
Објектот е еднокорабна градба со димензии 5,25 х 11,10 метри и висина од 4,75 х 1,60 метри. Градена е од кршен камен во продолжен малтер, со полуцилиндричен свод од внатре, со дрвена кровна конструкција со метален лим како покривач. Прозорците се дрвени, со профилирани украсни решетки.
Галерија
- Поглед на црквата (2007 г.)
- Поглед на црквата (2013 г.)
- Камбанаријата
- Влезот
- Насликан Свети Атанасиј
- Апсидата
- Трпезаријата
- Воздушен поглед на црквата
- Поглед на црквата
Поврзано
Наводи
Надворешни врски
Wikiwand - on
Seamless Wikipedia browsing. On steroids.
Remove ads



