Лавце
село во Општина Тетово From Wikipedia, the free encyclopedia
Remove ads
Лавце — село во Општина Тетово, во областа Долен Полог, во околината на градот Тетово.
Remove ads
Потекло и значење на името
За настанокот на името на селото Лавце е забележана следната легенда поврзана со овчарот Невен Пејо:[2]
- Еднаш одамна, многу одамна на Шар Планина бил познат овчарот Невен Пејо. Тој имал многубројно стадо, но постојано бил прогонуван од албанските арамии. Затоа барал посигурно место за засолниште, при што ја избрал месноста близу Тетовското кале. Стадото го затворил, а многубројните кучиња (шарпланинци) ги прогонувале неканетите гости. Дење и ноќе не можело да се пријде до стадото. Соседите кои бегале од албанските арамии почнале да се засолнуваат на истото место и полека настанало селото со многу стада и овчарски трла. Големиот број кучиња, чиј лавеж одѕвонувал низ планината им пречел на арамиите кои не можеле да грабаат. По силното лаење, селото кое настанало е наречено Лавце.
Remove ads
Географија и местоположба
Ова село се наоѓа во областа Долен Полог, во средишниот дел на подрачјето на Општина Тетово, недалеку од градот на неколку километри.[3] Селото е планинско, на надморска височина од 780 метри. Од централното место Тетово, селото е оддалечено 14 километри.[3]
До селото води локален асфалтен пат, кој започнува во градот Тетово.
Лавце е мало село на падините на Шар Планина, непосредно над Тетово. Во непосредна близина се наоѓаат руините на утврдувањето Балтепе. Во минатото водата за пиење се добивала од изворите Бела Вода, Јаор и Црна Вода. Атарот на селото се граничи со атарите на селата Селце, Ѓермо, Порој и градот Тетово.[4]
Месностите во атарот на селото ги носат следниве имиња: Ѓурлеи Падини, Глиништа, Лагој, Лазина, Дивјачка, Коловози, Брајкои Рупе, Самовилско Гумно, Сврачица, Милошев Рид, Попоа Рупа, Требенице, Дрено Брдо, Рудине, Планинице, Пиоравен, Габројца, Франа, Јазоечки Дупки, Сув Дол, Зидани Котари и Стрмол.[4]
Селото има збиен тип и е поделено на две маала.[4]
Remove ads
Историја

Во пишаните извори, Лавце се споменува околу 1321 година, кога српскиот крал Милутин сите имоти на властелинот Ѓорка кои се наоѓале во Лавце (запишано како Лахце) кај Тетово ги дал на манастирот „Св. Богородица“ во Грачаница.[4]
До почетокот на XVIII век, селото било слободно (раатско), но тогаш на атарот, на врвот на возвишението Балтепе, тетовскиот Абдураман-паша изградил утврдување и во тој момент селото станало чифлиг. Процесот течел така што Абдураман-паша повикал некои селани од другите села да извршат проценка на целиот атар на Лавце. Така, сето тоа вредело 300 кеси (една кеса имала 500 грошеви). На пашата оваа проценка му се видела преголема и поради тоа тој самоволно ја проценил на 30 кеси. Селаните од Лавце, кои не прифатиле да станат чифлигари, Абдураман-паша ги мачел и ги затворал. На крај, целото село добило 30 кеси и селаните станале чифлигари. Секоја куќа добила по 600 грошеви, а пашата на селаните им оставил само мали лозја. Од чифлигарство, Лавце излегло во 1912 година.[4]
Утврдувањето (Кале), кое го изградил Абдураман-паша, се наоѓало на врвот на возвишението Балтепе. Претходно на тоа место постоеле рушевините од црквата „Св. Атанасиј“. Абдураман-паша се обидел да ги тргне тие руини, но во тоа не успеал, бидејќи секој работник кој започнал да ги раскопува црковните руини, истиот час умирал. Затоа, црквиштето останало на самата тврдина и во 1917 година на местото каде што се наоѓала црквата бил изграден нов храм.[4]
Лавце во минатото често страдало од околните Албанци. Албанците од соседното Ѓермо три пати го палеле Лавце и целата стока ја ограбиле.[4]
Стопанство
Атарот на селото е мал и зафаќа површина од 6,5 км2. На него преовладуваат шумите на површина од 305 хектари, на обработливото земјиште отпаѓаат 169 хектари, а на пасиштата 54 хектари.[3]
Селото, во основа, има полјоделско-шумарска функција.[3]
Население
Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија, Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Лавце живееле 85 жители, сите Македонци.[5]
Според егзархискиот секретар Димитар Мишев, („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Лавце имало 72 Македонци, под врховенството на Бугарската егзархија.[6]
Според Афанасиј Селишчев во 1929 година селото било дел од Селечка општина со центар во Шипковица и имало 8 куќи со 65 жители, сите Македонци.[7]
Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралство Југославија во 1931 година, селото имало 100 Македонци.[8]
Селото е мало и во 1961 година броело 56 жители, но по доселувањето на Албанците во селото во 1994 година нараснало на 268 жители, од кои 263 биле Албанци и четири жители Македонци.[3]
Пописот од 1991 година не бил целосно одржан во селото Лавце, бидејќи дел од неговото население одбило да учествува, односно го бојкотирало неговото одржување, поради што за таа пописна година, за селото нема целосни податоци.[заб 1] На пописот од 2002 година, селото имало 298 жители, од кои 296 Албанци и 2 Македонци.[9]
Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 313 жители, од кои 311 Албанци и 2 лица без податоци.[10]
Низ годините ова било вкупното население и етничка припадност на населението во Лавце:
* Извор: Државен завод за статистика на Република Македонија (1948-2021), според податоци од официјалните пописи во соодветните години
Родови
Лавце некогаш било чисто македонско православно село,[4] но селото целосно ја променило својата етничка структура по 1970-тите години и сега е доминантно албанско село.
Според истражувањата од 1946 година, родови во селото се: Чаушевци (8 к.), староседелци. Имаат иселеници во Тетово (десет семејства). Родовското име го добиле по некој предок кој бил чауш во турската војска; Здравковци (2 к.), доселени биле од соседното сега албанско село Шипковица. Од таму се доселил предокот Трпко. Тој дошол кога се градело Тетовското кале. Заедно со овој род се од Шипковица се иселиле уште два друга македонска рода, но нивното место на иселување не е познато. Имаат иселеници во Скопје (две семејства), кои се иселиле од Лавце по еден пожар; Апчеи или Новевци (1 к.), доселени биле од сега албанското село Желино во подножјето на Сува Планина. Во Лавце од зулум се доселил Нове, го знаат следното родословие: Цветан (жив, 40 години во 1946 г.)-Апостол или Апче-Цветан-Нове, основачот на родот. Имаат иселеници во Романија (три семејства), Тетово (две семејства) и во Белград (едно семејство); Никовци (8 к.), доселени биле од сега албанското село Бродец. Во Бродец биле тројца браќа Нико, Илија и Спасо. Во Лавце се доселил Нико со неговите синови (Ѓуро, Добре и Ристо), го знаат следното родословие: Симо (жив, 65 години во 1946 г.)-Ристо-Ќиро-Стојко-Добре-Нико, кој се доселил. Нико во Бродец имал многу стока, но еднаш кога се враќал од Цариград бил нападнат од качачките банди и се преселил најпрвин во Шемшево, но не можел да живее во рамнина, па дошол во Лавце. Во Бродец има многу топографски називи со негово име, како Ара Никос (Никова Нива), Мулајн Никос (Никова Воденица) и Шпија Никос (Никова Куќа). Имаат иселеници во Белград (шест семејства), Америка (три семејства), Романија (пет семејства), Бугарија (пет семејства), Скопје (едно семејство), Тетово (едно семејство) и во Сетоле (домазет) и Војневци (5 к.), доселени биле од соседното сега албанско село Шипковица, го знаат следното родословие: Спиро (жив, 60 години во 1946 г.)-Блаже-Војне-Анѓеле, основачот на родот. Имаат иселеници во Тетово (четири семејства).
Иселеништво
Во минатото во Лавце живеел родот Типицои, кои биле доселени од соседното албанско село Лисец. Членовите на родот пред крајот на турското владение преминале во Тетово.[4]
Во 1970-тите, од селото целосно се иселиле македонските родови.
Remove ads
Општествени установи
- ПУ „Рилиндија“ - подрачно основно училиште за ученици од прво до петто одделение во состав на ОУ „Рилиндија“ - Селце
Самоуправа и политика
Во XIX век, Лавце било село во Тетовската каза на Отоманското Царство.
Селото влегува во рамките на Општина Тетово, која била проширена по новата територијална поделба на Македонија во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото било дел од некогашната Општина Тетово.
Во периодот од 1965 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Тетово. Селото припаѓало на некогашната општина Тетово во периодот од 1955 до 1965 година.
Во периодот 1952-1955, селото било во рамките на тогашната Тетовска градска општина, во која покрај селото Лавце, се наоѓале градот Тетово и селото Фалише. Во периодот 1950-1952, селото се наоѓало во некогашната општина Селце, во која влегувале селата Вејце, Лавце и Селце.
Изборно местo
Во селото постои избирачкото место бр. 1998 според Државната изборна комисија, сместено во просториите на основното училиште.[11]
На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 297 гласачи.[12] На локалните избори во 2021 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 291 гласач.[13]
Remove ads
Културни и природни знаменитости
- Археолошки наоѓалишта[14]
- Тетовско кале — утврдена градска населба од доцноантичкото време и средниот век.
- Цркви[15]
- Црква „Св. Ѓорѓи“ — главна селска црква;[16]
- Црква „Св. Атанасиј“ — манастирска црква.[17]
- Џамии[15]
- Џамија — главна селска џамија
- Црквата „Св. Ѓорѓи“
- Џамијата
- Тетовското кале
- Црквата „Св. Атанасиј“
Редовни настани
- Слави[4]
- Атанасовден (31 јануари) — главна селска и црковна слава; и
- Одбележување на празникот Св. Ѓорѓи (9 декември) посветен на црквата „Св. Ѓорѓи“ (селска слава).
Поврзано
Наводи
Надворешни врски
Wikiwand - on
Seamless Wikipedia browsing. On steroids.
Remove ads


