Дрво — повеќегодишно цврсто растение со многу разграноци извишени над земјата што стојат на стебло.[1] Некои стручњаци определуваат минимална висина, која се движи од 3м[2] до 6м;[3], додека пак некои даваат минимален пречник на стеблото од 10см (обиколка од 30см).[4]Дрвнеестите растенија што не го задоволуваат критериумите бидејќи имаат повеќе стебла и/или низок раст се нарекуваат грмушки, иако постојат многу дрва што не ги задоволуваат тие критериуми. Во споредба со највеќето други растенија, дрвата живеат значително подолго - некои достигнуват старост од неколку илјади години и висина од 115м.[5]
Дрвјата се важен дел од природните предели бидејќи спречуваат одронна земјиштето и овозможуваат постоење на екосистеми кои се заштитени од временските прилики под нивните лисја. Играат важна улога и во производството на кислород, ја намалуваат содржината на јаглерод диоксид во атмосферата и ја регулираат температурата на почвата. Исто така претставуваат важни елементи во пределното уредување и земјоделството, како од естетски, така и од стопански причини (на пр. во овоштарството). Дрвниот материјал има големо значење во градежништвото и како извор на енергија (гориво). Дрвјата фигурираат во митологијата и народните преданија на најразлични култури.[6]
Дрвото како растителен облик се јавува во голем број на редови и фамилии. Највеќето денешни дрвја се цветни растенија (скриеносеменици) и четинари. Растат во најразлични облици, со разни видови листови, кори и органи за размножување.
Како облик, дрвјата еволуирале во посебни класи, независно едно од други, како реакција на слични промени во животната средина, и како такви се класичен пример на паралелна еволуција. На светот постојат околу 100.000 видови дрвја, што претставува 25% од сите видови растенија.[7] Најголем број на видови виреат во тропските региони и сè уште не ѝ се доволно познати на ботаниката.[8]
Првите дрволики организми биле дрвенестите папрати, пршликите и пречицовидните, кои растеле во шуми во периодот карбон, но овие растенија се прадрвја, а не вистински дрвја, бидејќи немале дрвенести ткива. Вистинските дрвја се развиле во периодот тријас, кога се јавиле класите со дрвенесто ткиво како четинарите, гинката, цикасовите и другите голосеменици. Во периодот креда се појавиле и цветните растенија во облик на дрвја.
Мала група дрвја се нарекува шумјак или забел, а поголемо подрачје густо обраснато со дрвја се нарекува шума. Неколку биотопи во природата зависат од дрвјата што виреат во тоа подрачје. Вакви примери се дождовната шума и тајгата. Пошироките предели каде дрвјата се поретки, а меѓу нив доминираат тревнати површини се нарекуваат савани. Шумата со голема старост се нарекува прашума.
Дрвото ги има следниве делови: корења, стебло, гранка, ластегарки и листови. Стеблото се состои главно од потпорно и преносно ткиво (ксилем и флоем). Дрвниот материјал има ксилемски клетки, а кората е сочинета од флоемски и други ткива кои не се поврзани со васкуларниот комбиум. Дрвјата можат да бидат егзогени и ендогени, зависно од начинот на кој се зголемува пречникот на стеблото. Егзогените дрвја, каде спаѓаат највеќето (сите четинари и речиси сите широколисни дрвја) растат со придодавање на нов слој, веднаш под кората. Ендогените пак, кои се главно монокотиледонски (на пр. алоето и дракената), растат со придодавање на материјалот во облик на засебни снопови во рамките на постоечкото стеблено ткиво.
Родовите и видовите на дрвјата се препознаваат по нивниот облик, особеностите на кората, листовите, цветовите и плодот. Листовите можат да бидат листопадни или зимзелени.[2][3]
При растот, егзогените дрвја образуваат годови, кои се прстени од дрвен материјал што нараснуваат на постоечкото ткиво. Видовите што растат во деловите од светот каде има разни годишни времиња имаат годови со разни нијанси и тврдини.[3] Во умерените појаси и тропските појаси со по една промена „суво-влажно“, годовите се создаваат во текот на една година (пар од посветол и потемен прстен). Во подрачјата со две суви и две влажни сезони, годината ја претставуваат два пара од светли и темни прстени. Во полупустинските региони со нередовни врнежи, годовите растат по секој дожд.[9] Во тропските дождовни шуми со рамномерни временски услови годовите не се видливи и дрвото има една боја. Годовите се показател за староста на дрвото, која се утврдува со нивно броење (дендрохронологија), но кај тропските дрвја ова е неизводливо поради отсуството на забележливи годови, а истото важи и за ендогените дрва.
Корењата на дрвото се главно под земја, закотвувајќи ја надземната биомаса и служат за впивање на вода и хранливи состојки од почвата. Иако корењата се од суштинска важност за растот на дрвото, над 90% од биомасата е производ на јаглерод диоксидот што дрвото го прима од атмосферата (вид. фотосинтеза).[10] Над земјата, стеблото ги извишува гранките со лисја, со што дрвото се натпреварува со околните растенија за што повеќе сончева светлина. Кај многу дрвја, гранките се така распоредени за да се добие најголема можна изложеност на сонце.
Најзнаменитите дрвја во светот се рекордери во извесна класа. Ова може да биде висина, пречник или обиколка на стеблото, севкупна големина и возраст.
Највисоко
Секвоја (Sequoia sempervirens): 115,56м, примерок: „Хиперион“ во националниот парк Редвуд, Калифорнија, САД[11]
Најдебело
Мексикански барски чемпрес (Taxodium mucronatum): 11,62 м, примерок: „Арбол дел Туле“ во Санта Марија дел Туле, Оахака, Мексико.[12] Тука се вклучени и потпорните делови при основата на дрвото; фактичкиот идеализиран пречник би изнесувал 9,38 м.[12]
Friis, Ib, and Henrik Balslev. 2005. Plant diversity and complexity patterns: local, regional, and global dimensions: proceedings of an international symposium held at the Royal Danish Academy of Sciences and Letters in Copenhagen, Denmark, 25–28 мај 2003. Biologiske skrifter, 55. Copenhagen: Royal Danish Academy of Sciences and Letters. стр 57-59.
Никола Гелевски и Владимир Мартиновски (приредувачи), Џинџуџе во земјата на афионите: Антологија на македонскиот краток расказ. Скопје: Темплум, 2022, стр. 36-37.
Никола Гелевски и Владимир Мартиновски (приредувачи), Џинџуџе во земјата на афионите: Антологија на македонскиот краток расказ. Скопје: Темплум, 2022, стр. 68.