Понтско-касписка Степа — степско подрачје кое се протега од северните брегови на Црното Море до северните предели околу Каспиското Море. Се простира од Добруџа во североисточниот агол на Бугарија и југоисточна Романија, преку Молдавија и јужна и источна Украина, преку рускиот Северен Кавказ, јужното и долното Поволжје до западен Казахстан, веднаш до Казашката Степа на исток. Казашката и Потнско-касписката Степа се дел од поголемата Евроазиска Степа. Спаѓа во Палеарктикот и биомот на умерени тревници, савани и шикари.
На овој простор во антиката се наоѓале државите Кимерија, Скитија и Сармаија. Со текот на милениумите на степите живееле номадски коњаници; многу од нив подоцна се преселиле во Европа, Западна и Јужна Азија.
Поимот понтско-каписки регион во биогеографијата го означува растителниот и животинскиот свет на овие степи, вклучувајќи ги животните од Црното, Каспиското и Азовското Море. Според генетските истражувања, оваа област најверојатно е првото место кајшто се припитомени коњите.[1]
Степата зафаќа површина од 994.000км2 во Европа, протегајќи се од Добруџа во крајниот североисток на Бугарија и југоисточна Романија, преку јужна Молдавија, Украина, Русија, северозападен Казахстан до Уралските Планини. Се граничи со источноевропската лесостепа на север, преодно подрачје на мешани тревишта и умерени широколисни и мешани шуми.
На југ степата доаѓа до Црното Море, изземајќи ги Кримските Планини и западнокавкаската планинска граница со морето, каде кримскиот потсредоземен шумски комплекс го определува јужниот раб на степите. Степата се протега до западниот брег на Каспиското Море во Дагестан (Русија), но посувата прикасписката низинска пустина лежи помеѓу степата и северозападните и северни брегови на ова Каспиското Море. На исток е Казашката Степа.
На местото на степата во далечното минато се наоѓало Тургајското Море, продолжеток на внатрешното море Паратетис кое се простирало јужно и источно од Урал и опфаќало голем дел од денешната Западносибирска Низина во мезозоикот и кенозоикот.
David W. Anthony (2010). The Horse, the Wheel, and Language: How Bronze-Age Riders from the Eurasian Steppes Shaped the Modern World. Princeton University Press. ISBN978-1400831104.