Црква Света Софија (Истанбул)
From Wikipedia, the free encyclopedia
Света Софиja (турски: Ayasofya; грчки: Ἁγία Σοφία; латински: Sancta Sophia), официјално позната како Голема џамија „Света Софија“ (турски: Ayasofya-i Kebir Cami-i Şerifi, آياصوفيا كبير جامع شريف),[3] а порано како Црква „Света Софија“[4] (турски: Ayasofya Kilisesi; грчки: Ναός της Αγίας του Θεού Σοφίας; латински: Ecclesia Sanctae Sophiae) и како музеј (турски: Ayasofya Müzesi) — поранешна православна базилика, која во текот на својата историја била претворена во џамија, подоцна во музеј, а денес повторно се користи како џамија. Објектот се наоѓа во реонот Фатих во Истанбул, Турција. Во периодот кога била изградена, односно во 4 век, до 1453 година служела како византиска катедрала на Цариград, освен во периодот од 1204 до 1261 година, кога била претворена во римокатоличка катедрала по заземањето на градот од страна на крстоносците и основањето на Латинското Царство. Како џамија, објектот служел од 29 мај 1453 година до 1931 година, кога истата била затворена. Од 1 февруари 1935 до 2020 година претставувала музеј.[5] Во јули 2020 година повторно била претворена во џамија.[6]
Света Софија Αγία Σοφία (грчки) Ayasofya (турски) Sancta Sophia (латински) | |
---|---|
Џамијата Аја Софија, Истанбул. Света Софија е изградена во 537 година, за време на владеењето на Јустинијан. Минарињата биле додадени бидејќи била претворена во џамија во 15-16 век од Отоманското Царство.[1] | |
Координати | 41°0′30.48″N 28°58′48.93″E |
Место | Фатих, Истанбул, Турција |
Тип |
|
Материјал | бел камен, тула |
Должина | 82 м |
Ширина | 73 м |
Висина | 55 м |
Започнат | 360; пред 1663 години (360) |
Завршен | 537; пред 1486 години (537) |
Посветен на | Црквата е посветена на Логосот, второто лице на Света Троица[2] |
Црквата е посветена на Логосот, второто лице на Света Троица[7] и својот празник го има на 25 декември, на годишнината од раѓањето на Исус Христос.[7] И покрај тоа што понекогаш објектот се нарекува Санкта Софија, како што во времето се нарекувала, Софија е фонетски правопис на грчкиот збор кој во превод означува мудрост. Така, целосното име на објектот на грчки е: Ναός τῆς Ἁγίας τοῦ Θεοῦ Σοφίας или во превод Црква на светата божја мудрост[8][9]. Името „Софија“ не е поврзано со маченичката Софија[10][11].
Градбата е позната по својата голема купола, која се смета дека е олицетворение на византиската архитектура[12] и дека ја променила историјата на архитектурата[13]. Оваа катедрала била најголема во светот речиси илјада години, со изградбата на катедралата во Севиља во 1520 година. Сегашната зграда првично била изградена како црква во периодот од 532 до 537 година, по наредба на византискиот цар Јустинијан I, и тоа на местото на поранешни две цркви кои биле разрушени и уништени. Градбата била дизајнирана од страна на грчките научници Исидор Милетски и Антимиј Тралски[14], познати во тоа време теоретичари во архитектурата и математиката[15].
Црквата содржи голема збирка на свети мошти, како и 49 метри сребрен иконостас. Објектот бил седиште на патријархот на Цариград и главна катедрала во православниот свет речиси илјада години. Во неа се случил и т.н. Голем раскол на црквата или Големиот раскол, кога кардиналот Хамберт во 1054 година бил екскомунициран од Михаил Керулариј.
Во 1453 година градот Цариград бил освоен од страна на Отоманците на чело со султанот Мехмед II[16], кој наредил градбата да биде претворена во џамија[17], а седиштето на патријаршијата било префрлено во црквата „Свети Апостоли“. Иако некои делови од градот се распаднале, катедралата била одржувана со средства одвоени за оваа намена, а христијанската катедрала оставила силен впечаток кај новите отомански владетели кои ја замислиле нејзината пренамена[18][19]. Сите ѕвона, иконостасот, олтарот и жртвеникот биле отстранети. Мозаиците на кои се претставени Исус, неговата мајка Марија, христијанските светци и ангелите на крајот биле уништени или покриени со малтер[20]. Исламските одлики, како михраб, минбер и четирите минариња биле додадени во времето на Отоманското Царство. Речиси 500 години, таа служела како една од главните џамии во градот и послужила за модел на многу други отомански џамии[21], како на пример Ахмедовата џамија, Шехзаде, Руштем-пашината, Сулејмановата џамија и комплексот Килиџ Али-паша. Честопати, Света Софија се нарекува осмо светско чудо на античкиот свет.
Комплексот останал да се користи како џамија до 1931 година, кога бил затворен за јавноста четири години. Тој бил повторно отворен во 1935 година како музеј од страна на секуларната Република Турција[22] Според податоците објавени од Министерството за култура и туризам, Света Софија била најпосетувана туристичка атракција во Турција во 2015[23] и 2019 година[24][25].
На почетокот на јули 2020 година, Државниот совет ја поништил одлуката на Кабинетот од 1934 година за основање на музејот, укинувајќи го статусот на споменикот, а последователниот декрет на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган наредил преквалификација на Света Софија како џамија[26][27][28]. Декретот од 1934 година бил прогласен за незаконски и според отоманскиот и турскиот закон бидејќи вакафот на Света Софија, даден од султанот Мехмед, го назначил местото за џамија; предлагачите на одлуката тврделе дека Света Софија е лична сопственост на султанот[29][30][31]. Ова редизајнирање е контроверзно, предизвикувајќи осуда од турската опозиција, УНЕСКО, Светскиот совет на црквите, Меѓународната асоцијација за византиски студии и многу меѓународни лидери.