род на четинари From Wikipedia, the free encyclopedia
Ариш (науч. Larix) — род на четинари од семејството на боровите (Pinaceae). Расте во висина од 20 до 45 м[1] и природно вирее во подрачјата со посвежа континентална клима на северната полутопка — во ниски предели на север и на планините во појужните краишта. Ова дрво е меѓу најзастапените видови во пространите тајги на Русија и Канада.
Во Македонија аришот е доведен во 1950-тите и e застапен со два вида: европски ариш (L. decidua) и јапонски ариш (L. kaempferi).[2]
Иако е четинар (иглолисно дрво), аришот е листопаден. Има два вида изданоци (наречени „леторасти“): долгорасти, со големина од 10–50 см и неколку пупки и краткорасти, долги само 1–2 мм со по една пупка. Листовите се иглести, тенки (помалку од 1 см) и долги 2–5 см. Се развиваат единечно, со наизменична распореденост кај долгорастите, и во густи снопови од 20–50 иглички на краткорастите. Кон крајот на есента, игличките пожолтуваат и паѓаат, со што дрвото презимува голо.
Шишарките се мали и исправени, со должина од 1–9 см, по боја зелени или виолетови, и узреваат 5–8 месеци по опрашувањето. Околу половина од видовите, шишарките имаат плодни лушпи кои се долги и забележливи, а кај другата половина истите се скриени меѓу покривните. Оние од северните краишта имаат мали шишарки (1–3 см) со мали лушпички, додека појужните видови имаат подолги (3–9 см), со издадени плодни лушпи.
Постојат 10–15 вида; означените со ѕвездичка (*) не се насекаде прифатени како посебни видови. Видовите генетски се делат на евроазиски и северноамерикански, а должината на плодните лушпи не е изворна разлика, туку само приспособување на различните климатски услови. Евроазиските пак, се делат на северни видови, кои имаат кратки плодни лушпи и јужни видови, со долги плодни лушпи;[3] Сибирскиот ариш останува спорен, бидејќи некои стручњаци сметаат дека треба да се стави во долголушпената група иако има кратки плодни лушпи.
Видовите можат да се вкрстуваат при одгледувањето. Најпознат хибрид е данкелдскиот ариш (Larix × marschlinsii), создаден истовремено во Швајцарија и Шкотска со заедничко заседување на европскиот и јапонскиот ариш.
Аришот е подложен на габичната болест аришов рак (Lachnellula willkommii). Ова особено се случува во услови на мраз во доцна пролет, кога дрвата претрпуваат мали оштетувања, кои прават доволни отвори за навлегувањето на спорите на габата.
Друго позначајно заболување од кое страда аришот е оомицетниот патоген нагол дабов помор (Phytophthora ramorum). Откриен е во 2009 г. кај јапонскиот ариш во грофовиите Девон, Корнвол и Сомерсет во Англија.[5] Во август 2010 г. заболувањето е забележано кај истиот вид во Вотерфорд и Типерери во Ирска.[6]
Дрвената граѓа на аришот се цени заради нејзината жилавост, водоотпорност и трајност. Граѓата со највисок квалитет и без јазли е на цена во изградбата на пловила, надворешност на куќи и за ламперија и дрвени плочи. Ова дрво не гние во земја, па затоа е погодно за огради и диреци. Хибридот данкелдски ариш е мошне застапен во стопанските насади во северна Европа, и брзиот раст и отпорноста на болести.
Во минатото се користел и во билкарството.
Во средна Европа, аришот важи за еден од најдобрите материјали во изградбата на куќи. Се садел на меѓи заедно со брезата, и обата вида се користеле во кремирање на покојниците.
Аришот е застапен во одгледувањето на бонсаи подари привлечноста на јазлестата кора, малите иглички и есенската боја. За оваа цел се користат европскиот, јапонскиот и американскиот ариш.
Seamless Wikipedia browsing. On steroids.
Every time you click a link to Wikipedia, Wiktionary or Wikiquote in your browser's search results, it will show the modern Wikiwand interface.
Wikiwand extension is a five stars, simple, with minimum permission required to keep your browsing private, safe and transparent.