Јордан Хаџи Константинов-Џинот

македонски преродбеник From Wikipedia, the free encyclopedia

Јордан Хаџи Константинов-Џинот
Remove ads

Јордан Хаџи Константинов-Џинот — македонски просветител (еден од зачетниците на просветителството во Македонија), роден кон крајот на 1821 или на почетокот на 1822 година, во Велес на Прцорек (познато велешко маало), на левата страна на Вардар.

Оваа страница е заштитена од понатамошни измени на анонимни корисници, поради сомнителни придонеси на анонимни корисници што треба да се разгледуваат на разговорната страница.
За да ги видите претходните верзии, стиснете на врската историја.

Кратки факти Роден, Починал ...
Remove ads

Ран живот и образование

Од она што со сигурност се знае е дека Јордан Џинот е роден во Велес во семејството на Хаџи Костадин и Милка. Од раната биографија на Џинот се знае и дека татко му Хаџи Костадин бил клисар во велешката црква Св. Спас, дека имал браќа кои ги носеле имињата Петруш и Ѓорги, дека имал сестра Марија и дека првичното образование на црковнословенски јазик го добил во ќелијното училиште Св. Ѓорѓи што го раководел даскалот Митре.[1]

Она што не може да се потврди е датумот на неговото раѓање. Разни проучувачи кои се навраќале на Џинот наведуваат различни години што се движат во распон од дури една деценија.[б 1] Сепак, за најприближни до вистинската година на неговото раѓање се чинат 1820 или 1821 година.[1]

По завршувањето на ќелијните школи во родниот град, Јордан своето школување го продолжил во Самоков во 1835 година кај учителот Никола Тонџоров.[2] Потоа, го продолжил школувањето во Солун, каде што биле на глас грчките заемни учители и тука Џинот не само што се усовршил во знаењето на грчкиот јазик, туку и наполно jа запознал заемната метода. Од 1838/39 до 1841 г. Џинот патувал по Грција и извесно време престојувал во Солун, Света Гора, Хиос и Патмос. Во овие места тој се запознал со организацијата и работата на тогаш напредните грчки заемни училишта.[2]

Remove ads

Просветна дејност

Работата како учител во Велес ја започнува во 1838 година кога отпочнува со реализирање на идејата за воведување на народен македонски јазик во училиштата. Покрај воведувањето на народниот македонски јазик во училиштата Џинот е заслужен и за осовременувањето на наставата, бидејќи вовел нови предмети. Со тоа учениците покрај тоа што добивале знаења за свештени лица, со новите предмети внесени од Хаџи Константинов, учениците се здобивале и со знаења кои подоцна со успех ги применувале во трговијата и занаетчиството. Училиштето во Велес се наоѓало во црква во која клисар бил неговиот татко. По несогласувањата со гркоманско настроените градски големци околу употребата на народниот македонски јазик во наставата, тој бил протеран од Велес. По протерувањето од и затворањето на неговото училиште во Велес, Хаџи Константинов патувал во Солун, Света Гора, Србија и Влашко.

Првото световно училиште во Скопје

Thumb
Зградата на основното училиште при црквата Св. „Богородица" во Скопје (изградена во 1848 г.), во која учителствувал Џинот од 1848 до 1854 г.

По покана на градските првенци тој дошол за учител во Скопје и во 1848 година, во портата на црквата „Св. Богородица“, го отворил првото световно училиште со настава на народен јазик. Доаѓањето на Јордан Хаџи Константинов-Џинот во Скопje означува пресвртница за просветно-културниот и националниот живот на овој град. Ентузијаст во својата просветителска дејност — во ширењето на просветата на мајчин јазик, а над се голем патриот, Џинот уште во почетокот на своето учителствување во Скопje развива голема активност на унапредувањето на скопското училиште и неговото реформирање во духот на новата, световната образованост. Тој ги разделил учениците на одделенија, вовел во наставата световни предмета и новиот, заемниот систем на настава; вовел и клупи и современи наставни средства (заемни таблици, песочница, географска карта, глобус и др.) и современи наставни методи, ги исфрлил и физичките казни.[3] Дотогаш ќелијно, училиштето при црквата „Св. Богородица“ добило современа, модерна физиономија. За намената што сега ja добило училиштето била подигната и нова училишна зграда во дворот на црквата. Таа била изградена на иницијатива и со материјална помош на градските првенци браќата Хаџи Ѓорѓи и Хаџи Ристо Поповиќи, со кои Џинот бил во многу добри односи, а и со паричните прилози на други скопски граѓани. Најголеми прилози дале: браќата Поповиќи — 5.000 гроша, браќата Хаџи Кочови — 5.000 гроша, Зафир Малев — 5.000 гроша и Васил Икономов — 15.000 гроша и својата библиотека со 500 книги. Значајни средства за своето издржување училиштето примало и од црквата.

Thumb
Споменик на Јордан Хаџи Константинов-Џинот на Мостот на уметноста

Училиштето имало три одделенија. Во првото одделение, кое се викало детевоспитное, малите деца учеле да читаат и пишуваат на таблиците и песочницата. Во второто — гимназијално одделение, големите деца учеле граматака, географија, астрономија, општа и црковна историја, числителница и алгебра. Третото одделение било црковное и во него децата учеле за црковниот ред. Освен овие предмети, во училиштето учениците добивале и знаења потребни за трговијата (посланија, облигации, векили, конта, тестаменти, атестати, пословици и дневник чаршиски).[3] Со содржината на наставата и насоката училиштето било наполно приспособено за потребите и изискувањата на трговците и занаетчиите, кои материјално и го издржувале училиштето. Во 1851 година во прво одделение имало 120 ученици, во второ 24 и во трето 35, вкупно 179 ученици.[3]

Интензивно работел на организирање приредби и училишни претстави, соработувал со „Цариградски весник“, ги интензивирал врските и преписките со разни културни установи, а особено во Русија.

Дејноста му донела на Џинот голема популарност кај народот. Но таа не останала незабележана од страна на грчкиот владика Јоаким и однародените скопски чорбации — неговите најогорчени непријатели. Додека ја имал заштитата на влијателните градски првенци — браќата Поповиќи, особено на постариот брат Ѓорѓи, кој бил носител на црковно-просветната борба против грчкото духовно ропство, Џинот спокојно работел во своето училиште. Но кога браќата Поповиќи паднале во немилост кај Турците поради своите врски со Русиja, а особено поради тоа што Хаџи Ѓорѓи од 1851 година бил почесен руски конзул во Скопje и во почетокот на Кримската војна (1853 г.) биле уапсени и интернирани во Серес, се влошила положбата и на Џинот. Владиката Јоаким интригирал против него кај Турците дека е руски шпион и овие почнале да гледаат на Џинот како опасен човек. Кон крајот на 1853 година владиката Јоаким и приврзаниот на него Никче X. Трајков пак го наклеветиле Џинот пред власта и тој бил отстранет од училиштето.[3]

Принуден да го напушти Скопje, Џинот се вратил во родниот град Велес. Но и тука не нашол мир. Неговиот огорчен непријател — владиката Авксентиј го изгонил од Велес и тој отишол во Цариград, за да бара заштита од рускиот конзул. Бидејќи овој во тоа време не се наоѓал во Цариград, Џинот се обрнал за помош кај српскиот капу-ќехаја Николаевиќ, кој се застапил за него кај турската управа и му издејствувал дозвола да се врати во Скопje.[3]

Kora Џинот дошол во Скопje, во почетокот на 1854 година, неговото место во општинското училиште при црквата „Св. Богородица“ било веќе зафатено и затоа тој отворил приватно училиште во куќата на скопскиот граѓанин Божидар Ботуш. Но и како приватен учител тој имал големи пречки и тешкотии во работата. Владиката продолжил да интригира против него и неговото училиште, а Џинот јавно ги изнесувал неговите злоупотреби. При крајот на 1856 година положбата на Џинот во Скопје сосема се влошила. Неговите противници — владиката и чорбаџиите го наклеветиле пред власта дека го бунтувал народот да не плаќа даноци. Тој бил уапсен и протеран од Скопје. Свечено испратен од скопското население — мажи, жени и неговите ученици, на 23 јануари 1857 година Џинот заминал за Белград, за да бара заштита.[3]

По краткиот престој во Белград, Џинот се вратил во Скопје со препорака до призренскиот паша и владиката Јоаким. Меѓутоа, ситуацијата ни малку не се подобрила за него. Напротив, судирите со владиката и чорбаџиите продолжиле и биле се поостри. Џинот останал во Скопje уште неколку месеци како приватен учител, потоа бил уапсен од Турците и интерниран во Битола. Така завршила десетгодишната учителска дејност на J. X. Константинов-Џинот во Скопје, која била многустрано значајна. Тој извонредно придонесол за развитокот на преродбенското движење и за националното осознавање на скопското население, ги поставил основите на световната настава и на народната писменост и јазик и го отстранил духовното влијание на грцизмот од градот.

Remove ads

Прогонство и враќање во Велес

Неговата развиена просветителска дејност предизвикала прогони од власта и губење на работата. Учителствувал и во Прилеп од каде исто така бил протеран поради жестоките судири со фанариотите, а од Западна Македонија собирал стари книжевно-историски документи. По прогонот од Прилеп, кратко време учителствувал и во селото Ваташа во ќелијните училишта во Моклишиот и Полошкиот манастир. Од 1860 до 1866 година бил прогонет на 101 година робија во Мала Азија, која со помош на негови пријатели се смалила до 3 години и каде го изгубил едното око. Сите години по враќањето ги поминал во родниот Велес. Умрел на 29 август 1882 година. Неговиот гроб се наоѓа во дворот на црквата „Св. Спас“.

Дела

Thumb
Страница од „Таблица перваја“

Јордан Хаџи-Константинов-Џинот четири децении работел на воведување на просвета на народен јазик како писател и сестран творец од областа на културата. Прво дело му е „Таблица перваја“ внесена во употреба во 1845 година, кое служело како учебно помагало при основното описменување на учениците. Составил две збирки на афоризми. Во првата збирка сите афоризми почнуваат со зборот „човек“, а втората содржи 34 мисли за човекот, животот и светот. Џинот две децении пишувал стихови за одредени поводи и потреби. Во нив ги воспевал образованието, просветата, убавината, слободата, патриотските чувства и сопствената биографија. Негови дела се: „Плач на скопското училиште многотрудное” (објавена во „Цариградски весник“ во 1851 година) во која се зборува за неговите напори за отворање на училишта и борбата со гркоманските свештеници и чорбаџии; „Дионис Вакхо ; „Труд ми е името”, која е вистинска апотеоза на трудот; „Рај божји”; „Аврора” во која се воспеваат патриотските чувства и патриотската функција на просветата; „Крај реката Вардар” и „Горка чаша кнеза Лазара последна тајна вечера”, која е една од најдолгите песни во Македонија од овој книжевен период. Драмските обиди на Џинот се првите од овој вид во македонската книжевност. Нив ги изведувале неговите ученици од Скопското училиште во дворот на црквата Света Богородица. Тоа се „Миневра и девет музи”, „Разговор или прави человек”, „Училиште и учение”, „Басна”, „Сербија шетаетсја в земел своих”. Првите четири од наведените драмски обиди отпечатени се во „Цариградски весник”, а во драмите „Минерва и девет музи“ и „Сербија шетаетсја в земел своих“ ја изразуваат неговата идеја дека ослободувањето од долговековното турско ропство и од духовното туторство на грчката црква лежи во македонското национално единство и слободната соработка на словенските земји. Џинот исто така се занимавал и со преведувачка дејност, со собирање на народни умотворби и лексички материјал. Намерата да издаде повеќе јазичен речник не успеал да ја реализира. Џинот е првиот македонски драмски писател и просветител заедно со Кирил Пејчиновиќ и Јоаким Крчовски.

Remove ads

Објавени книги

  • Iордан Хаџи Констандинов, О основанию Блъгарског Патрияршества, „Гласник Друштва србске словестности“, VII, Београд (1855)
  • Iордан Хаџи Констандинов, Слово Кирила славенца солунскаго филозофа бугарскаго, „Гласник Друштва србске словестности“, VIII, Београд (1856)
  • "Бог", Јордан Хаџи Константинов-Џинот, "Цариградски весник", Цариград, 21 јули 1851 година
  • "Болгарска писменост", Јордан Хаџи Константинов-Џинот, "Цариградски весник", Цариград, 19 јули 1852 година
Remove ads

Белешки

  1. Меѓу првите што дале свои датирања се Натанаил Кучевишки, Христо Чочков и Васил К’нчов (1810, 1818 и 1819 година), кои видливо отскокнуваат од подоцнежните претпоставки на Харалампие Поленаковиќ, Блаже Конески, Гане Тодоровски, Тодор Димитровски и Ванчо Тушевски (1820 и/или 1821 година).

Наводи

Библиографија

Loading related searches...

Wikiwand - on

Seamless Wikipedia browsing. On steroids.

Remove ads