Ќупќој
село во Зихненско, Егејска Македонија, Грција From Wikipedia, the free encyclopedia
Remove ads
Ќупќој или Ќуп Ќој (грчки: Πρώτη, Проти; до 1927 г. Κιούπκιοϊ, Ќупќој[2]; турски: Küpköy) — село во Зихненско, Егејска Македонија, денес во општината Ениќој на Серскиот округ во областа Централна Македонија, Грција. Населението брои 907 жители (2021).
Remove ads
Потекло и значење на името
Според Јордан Н. Иванов, името потекнува од два турски збора: ќуп (küp), со значење „грне“, и ќој (köy), со значење „село“, т.е. „село на ќупови“, што се однесувало на развиеното грнчарство.[3] Истото потекло го наведува и Тодор Симовски.[4]
Remove ads
Географија и местоположба
Селото е сместено во областа Зихна, југоисточно од Зелјахово, северозападно од Правишта и југозападно од Драма, во северозападните падини на Кушница, на надморска височина од 310 м.[4] Низ селото тече реката Ќој Дере (Бортан), на која се наоѓаат неколку стари мостови.
Историја
Среден век
На 4 км источно од селото, на возвишение на Кушница (915 м) се среќаваат остатоците на раносредновековната тврдина Шејтан-кале.[5]
Во Отоманското Царство
Постои мислење дека Грците од Ќупќој по етничко потекло всушност се Турци-христијани (Гагаузи), кои под влијанието на Цариградската патријаршија постепено се погрчиле. За оваа претпоставка сведочат самото име на селото, како и презимињата на голем број од месните жители, кои се од турско потекло.[4]
Во XIX век Ќупќој било мешано грчко-турско гратче во Зихненската Каза на Серскиот Санџак. Селото се наоѓало на самата македонско-грчка етничка граница.[4] Според грчка статистика од 1866 г. во Ќупќој живееле 1.750 Грци и 250 Турци.[6]
Во „Етнографија на Адријанопол, Монастир и Салоника“ се вели дека во 1873 г. Купќой (Kup keuï) имало 291 домаќинство со 100 жители муслимани и 750 жители Грци.[7] Според Стефан Верковиќ („Топографическо-этнографическій очеркъ Македоніи“) во 1889 г. во Ќуп-Ќој имало 20 македонски, 254 грчки и 45 турски домаќинства.[8][9]
Во 1891 година Георги Стрезов напишал:
„ | Зихненско има најплодна повча; селата по долината на Анџиска и покрај Прнар произведуваат најмногу и најквалитетен памук, кој исклучиво се одгледува во селата Локовик, Ќупќој, Витачишта и Кормишта.[10] | “ |
Селото било под влијание на Цариградската патријаршија. Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија. Етнографија и статистика“) во 1900 година, селото Ќуп Ќој имало 1.350 жители, од кои 1.000 Грци, 250 Турци и 100 Македонци.[8][11] Според податоците на секретарот на егзархијата Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во селото живееле 1.500 Грци.[12]
Во Грција
По Втората балканска војна во 1913 г. е припоено кон Грција согласно Букурешкиот договор. Таа година селото броело 2.363 жители, кои во 1920 г. се зголемиле на 2.796 лица.[4] Во 1916–1918 г. селото е окупирано од бугарски единици, кои во март 1918 г. го завеле селото со 2.501 жител.[13]
Во 1923 г. муслиманското население е иселено во Турција по сила на Лозанскиот договор. На нивно место се населиле 40 бегалски семејства (вкупно 151 бегалец), така што селото повторно станало бегалска населба.[4] На 7 ноември 1924 г., вооружени групи на мештани повредиле 17 од новодојдените бегалци, претежно жени, палејќи шатори, штали, амбари и ограбувајќи ги нивните багажи.[14] Овој инцидент брзо ескалирал, поради што многу селани биле повредени. Иако бегалците се повлекле и засолниле во соседното гратче Радулево, групите ја уништиле и запалиле бегалската населба.[15][16]
Во 1927 година, името на селото било променето во Проти (Πρώτη), во превод „прво“.[2]
Во 1941 г. Ќупќој е повторно окупиран од Бугарија, кога броел 3.843 жители.[4]
Remove ads
Стопанство
Населението произведува тутун, жито и други земјоделски производи, а внимание му се посветува и на сточарството.[4]
Население
Преглед на населението во сите пописни години, од 1940 г. до денес:
- Извор за 1940-1991 г.: Т. Симовски, Населените места во Егејска Македонија
Општествени установи
- Полициска станица
Културни и природни знаменитости
Археолошки наоѓалишта
- Шејтан-кале — тврдина од раниот среден век
Цркви
- Црква „Св. Петка“ од 1844 г.
- Ќупќојски манастир („Вознесение Христово“)
Мостови
- Солинарудски мост — стар камен мост на реката Ќој Дере
- Светиилиски мост — стар камен мост над селото
Личности
Родени во Ќупќој
- Ангелос Ангелусис (1914–2012) — грчки политичар
- Аргириос Псарис (1913–1985) — грчки политичар
- Ахилеас Караманлис (р. 1929) — грчки политичар од редовите на Нова демократија
- Георгиос Караманлис (1880–1932) — грчки учител и револуционер
- Константин Караманлис (1907–1998) — четирикратен премиер и двократен претседател на Грција
- Неофит VIII Цариградски (1832–1909) — Вселенски патријарх од 1891 до 1894 г.
- Фидијас Великис (р. 1940) — грчки политичар
Remove ads
Наводи
Wikiwand - on
Seamless Wikipedia browsing. On steroids.
Remove ads