Антифашистичко собрание на народното ослободување на Македонија
From Wikipedia, the free encyclopedia
Remove ads
Антифашистичкото собрание на народното ослободување на Македонија (АСНОМ) — врховно законодавно и извршно тело на Демократска Федерална Македонија во периодот од август 1944 година до април 1945 година, кога, согласно новите прилики, е реконституирано и преименувано во Народно собрание на Македонија.
Remove ads
Формирањето и дејноста на Иницијативниот одбор
Одлуката за формирање на посебно тело што ќе има задача свикување на АСНОМ е донесена на Преспанското советување одржано во август 1943 година. Активностите за негово формирање течат до првата половина на ноември 1943, кога е формиран Иницијативниот одбор (ИО) од страна на Главниот штаб на НОВ и ПО на Македонија. Во негов состав влегуваат: Методија Андонов - Ченто (претседател), Страхил Гигов (секретар), Цветко Узуновски, Венко Марковски и Михаило Апостолски.
Во својата работа ИО тесно соработува со Главниот штаб на НОВ и ПОМ, кој постапно ги префрла политичките ингеренции на ИО. Неговата основна задача била да ги изврши нужните организациско-политички подготовки, за да се избере и конституира највисокото претставничко и извршно тело на народната власт во Македонија.
Освен најважната задача, Иницијативниот одбор извршувал и други функции, како: политичко раководење, јакнење и поврзување на околиските и окружните народноослободителни одбори; одржувал комуникација и кореспонденција со Врховниот штаб на НОВ и ПО на Југославија и со останатите учесници во антифашистичката борба; испраќал писма и прогласи до македонското население и до емиграцијата, во кои ги запознавал со неговите активности и со текот на подготовките за одржување на антифашистичкото собрание итн. Според функциите што ги извршувал и одлуките што ги носел, до одржувањето на АСНОМ, ИО се легитимирал како највисок привремен орган на народна власт во Македонија.
Методија Андонов - Ченто (претседател)
Страхил Гигов (секретар)
Членовите на Иницијативниот одбор за свикување на АСНОМ.
Кога се зборува за подготовките и одржувањето на АСНОМ, потребно е да се спомене и значењето на Второто заседание на Антифашистичкото собрание на народното ослободување на Југославија (АВНОЈ), одржано во градот Јајце во БиХ (29-30.11.1943 год.), чии одлуки имале големо значење во создавање на политичка и правна основа за свикувањето на АСНОМ.
На 14 март 1944 година ИО заедно со Главниот штаб го објавува одговорот на приговарачите на Манифестот на Главниот штаб од октомври 1943 година.[1] Покрај тоа, ИО на 14 март 1944 година испраќа и писмо до сите народно-ослободителни одбори за избор на делегати за Првото заседание на АСНОМ.[2]

На состанокот на ИО одржан на 30 април во кумановското село Стајовце, меѓу другото, е одлучено ИО да се прошири со нови членови. Во проширениот состав на ИО влегуваат и членови од групата приговарачи на Манифестот на Главниот штаб. По проширувањето неговиот состав брои 22 члена:[3] Методија Андонов - Ченто (претседател), Емануел Чучков и Бане Андреев (потпретседатели), Киро Миљовски и Киро Глигоров (секретари), Михаило Апостолски, Цветко Узуновски, Кирил Петрушев, Епоминонда поп Андонов, Страхил Гигов, Никола Минчев, Петре Пирузе, Мара Нацева, Благој Хаџи Панзов, Владимир Полежиновски, Ристо Бајалски, Борко Темелковски, Тодор Циповски, Панко Брашнаров, Тодор Ѕвездин, Генадие Лешков и Милан Стефанов.
На почетокот од мај 1944 година Методија Андонов - Ченто, Емануел Чучков и Кирил Петрушев заминуваат за Вис на средба со Народниот комитет за ослободување на Југославија на чело со Јосип Броз Тито. Средбата се одржува на 24 јуни при што македонската делегација го поставува прашањето за обединување на Македонија по ослободувањето од окупацијата. Тито начелно се согласува, но не смета дека тоа треба да биде непосредна задача.
Во периодот јуни-јули ИО ги интензивира своите активности во подготовка на Првото заседание на АСНОМ. При тоа го подготвува текот на заседанието, го изготвува политичкиот реферат „Борба против окупаторот“, рефератот „Народно-демократската власт во Македонија – нејната саштина, организација и задачи“, како и извештајот за дотогашната работа на ИО.
Со успешното одржување на Првото заседание на АСНОМ, Иницијативниот одбор престанува со работа, а неговите членови главно преминуваат во состав на Президиумот на АСНОМ.
Remove ads
Прво заседание на АСНОМ




По објавувањето на одлуката за свикување на АСНОМ, се пристапи кон избирање на делегатите за Собранието. Самиот начин на кој се избирале делегатите за АСНОМ не е сосема јасен. Во „Зборникот на документи од АСНОМ", издаден од Институтот за национална историја, има еден спис на ЦК КПМ од кој се гледа дека „електорскиот процес" се опишува вака - обласните комитети треба да ги избираат пратениците за „Прохор Пчински“ на месни конференции од по 5 - 6 лица.

Првото заседание на АСНОМ е одржано на 2 август 1944 година во манастирот Св. Прохор Пчински. Заседанието започна со изведување на песната „Изгреј зора на слободата“. На заседанието, кое во 17.15 часот го отвори најстариот делегат, учителот Панко Брашнаров од Велес, со присуство на делегати од сите краишта на Македонија и на претставници на големите сили учесници во антифашистичката војна - САД и Велика Британија.
Панко Брашнаров го отвори заседанието со следните зборови:
...Другарки и другари народни претставители, Во овој момент, во ова историско место „Св. Отец Прохор Пчински“ и на овој историски ден - ИЛИНДЕН -, кога објавувам да е отворено Првото Антифашистичко собрание на народното ослободуење на Македонија, душата ми е преполнена со радост и пред премрежените очи гледам како се раздвижиле сите реки од Пчиња и Вардар до Места и Бистрица, заплускујат е целата македонска земја, сакајќи да измијат од македонскиот народ десетвековниот ропски срам од пропасти на Самуиловата држава, за да се роди денеска нова, светла и слободна македонска држава.
Во овој момент, земјата на нашите покојници - многубројни народни герои, паднали и посејали коските си по цела Македонија, им станује по лека и они во мир веќе го гледаат изгревот на нашата слобода, гледат идеална дружба на старите Илинденци - на Гоце Делчев и денешните Илинденци - младата македонска војска, и поставените темели за остварението на идеалот на две поколенија, на две епохи - слободна, обединена Македонија. Во знак на почитание спрема падналите јунаци, ја ве поканувам да им ја изразиме со еден минут молчание нашата вечна, бескрајна признателност (при помен на жертвите одава се минутно молчение). Вечна слава на падналите герои за слободата на Македонија! Другари народни претставители, жив сум свидетел на два Илиндена - 1903 и 1944 година. Во моите спомени се нижат безброј моменти за илиденската народна епопеја и Крушовската република. Бескрајни беа напорите на вооружениот македонски народ, огромна беше жаждата му за слобода, борбата го дари со слободна Крушовска република. Но разјарениот башибозук и турската регуларна војска се нафрлија и го затрупаја оазисот на слободна Македонија - Крушовската република го потушија востанието и го стегнаја искрвавениот македонски народ во ново ропство. Животворениот извор на слободата не секна. Македонија ја поделија, ропствата се менија, но борбата на македонскиот народ не престана. Кога сите поробени народи на Југославија се дигнаја против денешниот непријател на целото човечество фашизмот, и македонскиот народ се нареди во таја борба. Тој во неа виде возможност да ја помогне општата борба на сите поробени народи и целото слободољубиво човечанство и да го оствари својот вековен национален идеал. И ете како резултат на тригодишни крвави борби, македонскиот народ ја врза својата судбина со судбината на сите југословенски народи, помогна со крф и борба да се дојде до нова, братска, демократска и федеративна Југославија. Денеска на фториот, славен Илинден, последен Илинден на неослободена Македонија, се стават темелите на македонската држава во која да се обедини и заживее нашиот народ онаков среќен живот каков го заслужува по своите претрпени ропски маки и петвековни борби. Да е жива нашата мила македонска федерална држава! Да е жива федеративна, демократска Југославија, заеднички покров на братските јужнословенски народи!...
Решенија донесени на Првото заседание на АСНОМ

На Првото заседание на АСНОМ се донесени неколку важни решенија:
- Решението за прогласување на АСНОМ за врховно законодавно и извршно народно претставничко тело и највисок орган на државната власт на демократска Македонија
- Декларација на АСНОМ за основните права на граѓаните на демократска Македонија
- Решение на АСНОМ за воведување на македонскиот јазик како службен јазик во македонската држава
- Решение на АСНОМ за прогласување на Илинден – 2 август за народен и државен празник на македонската држава.
Покрај овие одлуки на ова заседание се прифатени решенијата од Второто заседание на АВНОЈ, одобрена е работата на Главниот штаб и Иницијативниот одбор за свикување на АСНОМ, формирана е Комисија за испитување на воените злосторства направени од окупаторите и нивните слуги, како и друга комисија задолжена за изработување на законски проекти. Избрани се и 40 претставници на македонскиот народ во АВНОЈ и во неговиот Президиум. За претставници во Президиумот на АВНОЈ се избрани: Димитар Влахов, Методија Андонов - Ченто, Михаило Апостолски, Лазар Колишевски, Бане Андреев, Венко Марковски и Мара Нацева.
Од заседанието до македонскиот народ е упатен Манифестот на Првото заседание на АСНОМ до македонскиот народ, како и Прогласот од Првото заседание на АСНОМ до македонскиот народ за одржаното заседание на АСНОМ.
Првото заседание на АСНОМ формира свој Президиум, кој фактички претставува прва македонска влада. Покрај претседател, Президиумот имал двајца потпретседатели, двајца секретари и 17 члена. За претседател е избран Методија Андонов - Ченто, за потпретседатели Панко Брашнаров и Емануел Чучков, а за секретари: Љупчо Арсов и Владимир Полежиновски.
По завршување на заседанието
Во конаците на „Св. Прохор Пчински“ Президиумот на АСНОМ престојуваше до 10 септември, потоа го напушти манастирот. Движејќи се на југ кај селото Довезенце ја минува Крива Река. На 14 септември попладне, Президиумот на АСНОМ, заедно со 11. Македонска бригада влегува во ослободено Свети Николе. Во градот се задржува три дена. На 16 септември беше одржан митинг. На митингот говори одржаа Методија Андонов Ченто, генерал Михајло Апостолски и Бане Андреев.[4]
По тридневен престој во градот Президиумот на АСНОМ, заедно со 11. Македонска бригада (без еден баталјон) вечерта на 17 ноември ја минува реката Вардар кај селото Новачани, северно од Велес и на 18 септември, преку селото Баљица, се упатува за Горно Врановци. Во селото Горно Врановци, каде беше седиштето на военото и политичкото раководство на НОБ на Македонија, Президиумот на АСНОМ беше и на 13 ноември, кога беше ослободено Скопје, главниот град на Федерална Република Македонија.[4]
На 17 ноември 1944 година Президиумот на АСНОМ, срдечно пречекан од многубројните ослободољубиви граѓани на Скопје, свечено пристигна во ослободено Скопје и ја продолжува својата државотворна работа.[4]
Remove ads
Второ заседание на АСНОМ


По ослободувањето на Македонија од 28 до 30 декември 1944 година во Скопје се одржува Второто заседание на АСНОМ, или поточно, Првото вонредно заседание на АСНОМ. Покрај делегатите на заседанието присуствуваат и: потпретседателот на Националниот комитет за ослободување на Југославија Едвард Кардељ, Димитар Влахов, Светозар Вукмановиќ – Темпо, претседателот на Отечествениот фронт на Бугарија Добри Терпешев и претставници на советската и англо-американската воена мисија.
Трето заседание на АСНОМ
Трето заседание на АСНОМ (односно, Второто вонредно собрание) се одржува од 14 до 16 април 1945 година. На ова заседание се извршени измени во надлежностите на Президиумот на АСНОМ, кому му се одземени извршните функции. Тие и се предадени на Владата на НР Македонија, која е избрана на 16 април, на чело со Лазар Колишевски. Во склоп на Собранието се формирани неколку одбори, а согласно новите прилики, АСНОМ продолжува да работи како Народно Собрание на Македонија.
Remove ads
Галерија
Документи на АСНОМ
- Манифестот на АСНОМ
- Манифестот на АСНОМ
- Манифестот на АСНОМ
- Резолуција на Комисијата за македонскиот книжевен јазик и азбуката.
- Список на делегати испратени од АСНОМ во АВНОЈ, прва страница
- Список на делегати испратени од АСНОМ во АВНОЈ, втора страница
- Записник од 11.Седница на Президиумот на АСНОМ со предлог за формирање Народна влада на Македонија и давање мандат на Лазар Колишевски (14 април 1945)
- Поздравни телеграми од конференции на општински претставници, од митингот на работниците од рудникот во Пробиштип, на граѓаните од Охрид и од членовите на Работничкиот спортски клуб во Скопје.
- Предлог - привремен план за установување на најважните служби во ослободеното Скопје.
- Свечениот дел од отворањето на Првото заседание на АСНОМ со поздравна реч на Панко Брашнаров (2 август 1944)
- Решение за поделба на Македонија по области, односно на: Скопска, Битолска и Штипска област. Шеста седница на Президиумот на АСНОМ (21.10.1944)
- Списоци на: членови на Президиумот на АСНОМ избрани на Второто вонредно заседание на 30 декември 1944 година, како и на сите членови на АСНОМ (по азбучен ред)
- Решение за стандардизирање на македонската азбука.
Научни трудови посветени на АСНОМ
- „Местото и значењето на АСНОМ во националната и државноправната историја на македонскиот народ“ од Александар Христов (1997)
- „Уставотворниот карактер на првото заседание на АСНОМ“ од Ѓорѓи Цаца (1995)
Спомен обележја
- Меморијалниот центар на АСНОМ во Пелинце
- Манастирот „Св. Прохор Пчински “
Remove ads
Поврзано
![]() |
„Антифашистичко собрание на народното ослободување на Македонија“ на Ризницата ? |
Наводи
Надворешни врски
Wikiwand - on
Seamless Wikipedia browsing. On steroids.
Remove ads