Михајло Апостолски
македонски партизан, генерал, командант на НОВ и ПОМ From Wikipedia, the free encyclopedia
Remove ads
Михајло Апостолски (Ново Село, 8 ноември 1906 - Дојран, 7 август 1987) — македонски партизан, генерал, командант на НОВ и ПОМ, воен теоретичар, политичар, историчар и народен херој.[1][2][3]
Remove ads
Животопис
Рани години

Основното училиште ги завршил во Штип. По завршувањето на седми клас гимназија во 1924 година, на 1 октомври истата година стапил во Нижата школа на Воената академија во Белград. Школата ја завршил на 1 април 1927 година и тогаш бил произведен во чинот пешадиски потпоручник, а потоа бил одреден за водник во Дваесет и третиот пешадиски полк во Штип. На оваа должност се наоѓа до 28 септември 1931 година, иако од 1 март до 1 септември истата година бил слушател на курсот за врска во Земун. Во меѓувреме, стекнувајќи се со чинот пешадиски поручник на 3 април 1931 година, од 11 јуни оваа година е одреден за в.д. командир на Првата чета на Четириесет и третиот пешадиски полк.[4]
Судејќи по сè, таа должност не ја прифатил со оглед на тоа што на 22 септември 1931 година бил примен за слушател на Вишата школа на Воената академија. На Вишата школа стапил на 1 октомври 1931 година и ја завршил на 7 ноември 1933 година. Претходно, од 9 октомври 1933 година бил одреден за в. д. командир на Првата чета на Тринаесеттиот планински баталјон, за што од 11 јануари до 1 февруари 1934 година завршил зимски планински курс. На оваа должност, на 3 април 1935 година е унапреден во чинот капетан II класа. Во октомври 1935 година бил примен за приправник за генералштабна струка, а приправничкиот период успешно го завршил во март 1938 година. Потоа е распореден на служба во Генералштабот на Дравската дивизиска област во Љубљана. На оваа должност се задржал до почетокот на Априлската војна (1941).[4]
Во текот на НОБ
Втората светска војна го затекнала во чинот генералштабен мајор на служба во Љубљана, на должноста началник на штаб на дивизија.[5]
Во текот на кратката Априлска војна во 1941 година командувал со планинските единици на Алпите. Кога Германците ја нападнале Југославија, тој наредил да се урнат сите мостови за да се забави нивното напредување.[6] По капитулацијата на Југославија заробен е од италијанската војска и одведен е во логорот Вестоне. На 23 јуни 1941 година неговиот татко испраќа молба до бугарскиот министер за одбрана за негово ослободување и таа е одобрена.[7][8] Тој потоа бил префрлен во Риека, каде што бил ослободен со група Македонци.[1]
По враќањето во Македонија окупирана од бугарска фашистичка чизма,[9], во септември 1941 година се поврзува со народноослободителното движење во Македонија. Во септември истата година бил назначен за член на Покраинскиот воен штаб на Македонија, а од јуни 1942 година за командант на Главниот штаб на народноослободителната војска и партизанските одреди на Македонија. Во мај 1943 година бил назначен за генерал мајор. На Второто заседание на АВНОЈ бил избран за член на Претседателството на АВНОЈ.
Од февруари 1944 година покрај 33 македонски оперативни бригади, под команда на Апостолски се наоѓаат и бригади од Косово и од јужна Србија. Член е на Иницијативниот одбор за свикување на АСНОМ. Учествува на Првото заседание на АСНОМ и е избран во неговиот Президиум.
По војната

Во февруари 1945 година бил назначен за началник на Врховниот штаб на НОВ (односно на Генералштабoт на Југословенската армија). Извршувал и други одговорни функции во ЈНА. Помеѓу 1946 и 1952 година бил командант на сараевската воена област и началник на високата воената академија на ЈНА. Се пензионирал со чин генералполковник.
По престанувањето на неговата активна воена служба, започнал интензивно да се занимава со историја. Во периодот од 1965 до 1970 година бил директор на Институтот за национална историја. Во својата научна работа напишал повеќе библиографски едници, а ја објавил и првата Историја на ослободителната војна на македонскиот народ 1941-1945 (издадена во Скопје, 1967 година).[3]
При основањето на Македонската академија на науките и уметностите (на 18 август 1967 година) е избран за нејзин прв редовен член. Во 1968 година е избран за дописен член на Српската академија на науките и уметностите. Подоцна е избран и за член на Југословенската (денес: Хрватска академија на науките и уметностите), Словенечката, на Академијата за науки и уметности на Босна и Херцеговина и на Академијата на Косово.[2]
Од 1976 година до 1983 година бил претседател на МАНУ. Во периодот од 1978 до 1981 година бил претседател на Советот на академиите на науки и уметности на СФРЈ. Бил и член на и Советот на федерацијата.
На 11 октомври 1953 година бил одликуван со орденот Народен херој.[10] Добитник е и на наградата АВНОЈ во 1978 година - највисоката награда која ја доделувала СФРЈ, како и многу други награди и општествени признанија.[3]
Remove ads
Укажани почести во независна Македонија
Денес Воената академија „Генерал Михајло Апостолски“ во Скопје и орденот „Михајло Апостолски“ го носат неговото име.
Одликувања
Носител е на следниве одликувања:
Публикации на Михајло Апостолски
- Михајло Апостолски, Благоја Симоновски, Пет години слободно Скопје, Градски одбор на народен фронт, 1949, Скопје.
- Михајло Апостолски, 40 години од формирањето на крупните воени единици во Македонија, ИСТОРИЈА, 19, 1 (1983), стр. 43-51.
- Михајло Апостолски, Митко Панов, Радовиш и Радовишко, Општински одбор на здружението на борците од НОБ, 1984.
- Mihajlo Apostolski, Dančo Zografski, Александар Стојановски, Gligor Todorovski, Graham W. Reid (eds.), A history of the Macedonian people Macedonian Review, Skopje, 1979.
- Михајло Апостолски, Ацо Алексиевски (уредници), Из прошлости македонского народа, Радио-телевизија, Skopje, 1969.
- Михајло Апостолски, Кочанско и Виничко во Февруарскиот поход, статија од монографијата: Кочани и Кочанско во НОВ 1941-1945, Ванчо Андонов (уредник,), Општински одбор на Сојузот на здруженијата на борците од НОВ, 1985. стр. 347-357.
Remove ads
Поврзано
Наводи
Белешки
Надворешни врски
Wikiwand - on
Seamless Wikipedia browsing. On steroids.
Remove ads