Жужње
село во Општина Маврово и Ростуше From Wikipedia, the free encyclopedia
Remove ads
Жужње — село во Општина Маврово и Ростуше, во областа Горна Река.
Remove ads
Географија и местоположба

Селото се наоѓа во областа Горна Река, во северозападниот дел на територијата на Општина Маврово и Ростуше, на источната падина на Кораб, а во сливот на реката Радика, чиј атар се граничи со државната граница со Албанија. Селото е планинско, на надморска височина од 1.130 метри.[2] Од градот Гостивар, селото е оддалечено 36 километри.[2]
Жужње е мало село сместено под самиот врв на Мал Кораб, во долината на Длабока Река (Прој Фел), на нејзина лева страна, која извира од врутокот Извори. Планината изобилува со вода. Имено, над селото, во Корапско Поле се наоѓа циркусно езеро.[3]
До селото се стигнува пеш или со коњ, преку широка земјена патека од соседното Нистрово. Во минатото, до Жужње се стигнувало и преку патот која ја поврзувала Горна Река со Радомир и Пешкопеја во Дебарско, денес во Албанија.[3]
Месностите во атарот ги носат следниве имиња: Лонг, Прој Буковенит, Забел, Урда те Жабе, Клење, Алниште и други.[3]
Remove ads
Стопанство
Атарот на селото зафаќа простор од 19,4 километри квадратни. На него преовладуваат пасиштата на површина од 955,8 хектари, на шумите отпаѓаат 755,5 хектари, а на обработливите површини 85,4 хектари.[2]
Селото, во основа, има сточарско-шумарска функција.[2]
Населението главно се занимавало со сточарство. Христијаните и муслиманите имале заеднички ливади уште пред потурчувањето. Нивните пасишта се наоѓале над шумата, односно високо на Кораб.[3]
Remove ads
Население
Според „Етнографија на вилаетите Адријанопол, Монастир и Салоника“, во 1873 г. селото Жуже (Jujé) имало 40 домаќинства со 128 православни Албанци.[4]
Според податоците на Васил К’нчов („Македонија. Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Жужње живееле 310 жители, сите Албанци, од кои 150 христијани и 160 муслимани.[5]
На Етнографската карта на Битолскиот Вилает од 1901 г. Журне се води како чисто албанско село од мешана (муслиманска и православна) вероисповед во Реканската Каза на Дебарскиот Санџак со 58 куќи.[6]
Според цариградскот митрополит Поликарп Дебарски и Велешки во 1904 г. во Жужње имало 18 „српски“ куќи, иако ова несомнено е пропаганда.[7] По податоците на секретарот Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година христијанското население на Жуне се состои од 108 Албанци.[8]
Во следниот период врз христијанското население на селото успешно дејствувала српската пропаганда, и според статистиката на весникот „Дебарски глас“ во 1911 г. во Жужње има 53 албански домаќинства, припадници на српската црква (Пеќската патријаршија).[9]
Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 100 Албанци.[10]
Жужње е мало село, коешто во 1961 година броело 132 жители, од кои 89 биле Албанци и 41 Турци, додека во 1994 година селото имало само четири жители, албанско население.[2]
Според пописот на населението на Македонија од 2002 година, селото има 8 жители, сите Албанци.[11] Селото е комплетно напуштено, и покрај тоа што на пописот во 2002 има попишано 8 жители.
Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 6 жители, сите Албанци.
Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:
- Извор за 1900 г.: Македонија. Етнографија и статистика.[12]; за 1905 г.: La Macédoine et sa Population Chrétienne.[13]; за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[14]; за 2021 г.: Државен завод за статистика на РМ.[15]
Родови
Во селото живеело мешано население. Според записите на Томо Смилјаниќ - Брадина на почетокот на XX век во Жужње живееле следниве родови распоредени во маала:[3]
- Чкуле: Бухил или Срмовци (3 к.) доселени се од Призрен како терзии. Работеле со срма. Ќели (6 к.); Гоци (5 к.), Кица (8 к.) и Вешит (6 к.) се исламизирани христијани.
- Ќешер Ан: Пале (4 к.) исламизиран род; Беце (2 к.); Бите (4 к.) доселени пред околу 250 години од областа Малесија во северна Албанија.
Remove ads
Самоуправа и политика
Во XIX век, Жужње било село во Реканската Каза на Отоманското Царство.
Селото се наоѓа во рамките на новосоздадената Општина Маврово и Ростуше, која настанала со територијалната поделба на Македонија во 2004 година. Претходно селото припаѓало на поранешната Општина Маврови Анови, која со измените во Законот за територијална поделба на Македонија била припоена со Општина Ростуша, со што двете општини ја создале новата Општина Маврово и Ростуше, во која денес се наоѓа селото.
Во периодот од 1965 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Гостивар. Селото припаѓало на некогашната општина Маврово во периодот од 1955 до 1965 година.
Во периодот 1952-1955, селото било дел од тогашната Општина Трница, во која покрај селото Жужње, се наоѓале и селата Беличица, Бибање, Богдево, Бродец, Волковија, Врбен, Грекање, Кичиница, Кракорница, Нивиште, Нистрово, Ничпур, Рибница, Сенце и Тануше. Селото припаѓало на Општина Нистрово во периодот 1950-1952, во која влегувале селата Бибање, Жужње и Нистрово.
Remove ads
Културни и природни знаменитости
Цркви
- Црква „Св. Варвара“ — главна селска црква
Реки
- Длабока Река — река низ селото
Водопади
- Корапски Водопад — водопад кај селото, највисокиот во Македонија
Редовни настани
Слави[3]
- Свети Никола — главна селска слава
Поврзано
Наводи
Надворешни врски
Wikiwand - on
Seamless Wikipedia browsing. On steroids.
Remove ads