Сакулево
село во Леринско, Егејска Македонија From Wikipedia, the free encyclopedia
Remove ads
Сакулево (грчки: Μαρίνα, Марина; до 1928 г. Σακούλεβο, Сакулево[2]) — село во Леринско, Егејска Македонија, денес во општината Лерин на истоимениот округ во областа Западна Македонија, Грција. Населението брои 58 жители (2011), сочинето од Македонци.[3]
Remove ads
Географија
Селото е сместено на десниот брег на Сакулева Река, 16 км североисточно од Лерин и 10 км источно од Долно Клештино. Лежи во северниот крај на Леринското Поле, близу границата со Р Македонија.[4]
Историја
Во Отоманското Царство

Селото се јавува во османлиските дефтери на христијанското население од Леринскиот вилает за 1626-27 г. како Сакулова со 28 даночни домаќинства.[5] Во 1848 г. рускиот славист Виктор Григорович ( „Очерк путешествия по Европейской Турции“) го опишал Секулево како македонско село.[6][7]
Во 1861 г. Јохан фон Хан на етничката карта го завел Сакуленио (Sakuljenio) како мешано македонско-албанско село.[6][8] Во „Етнографија на вилаетите Адријанопол, Монастир и Салоника“ се вели дека во 1873 г. во Сакулево (Sakoulévo) имало 250 домаќинства со 500 жители Македонци.[9][10]
На почетокот на XX век Сакулево било мешано македонско-турско село во Леринската каза. Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија. Етнографија и статистика“) во 1900 г. Сакулево имало 380 жители Македонци христијани и 80 жители Турци.[9][11] По Илинденското востание на почетокот на 1904 г. целото село потпаднало под врховенството на Бугарската егзархија.[12] По податоци на егзархискиот секретар Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 г. во селото имало 336 Македонци под егзархијата.[9][13]
На Етнографската карта на Битолскиот Вилает од 1901 г. Сакулево се води како чисто македонско село во Леринската каза на Битолскиот санџак со 42 куќи.[14]
Според српскиот географ Боривое Милоевиќ, пред Балканските војни селото се состоело од 52 домаќинства, со 37 македонски и 15 турски куќи.[3] Поради успесите на сојузничките сили во Првата балканска војна, Турците од Сакулево пребегале во Лерин.[15]
Во Грција



По Балканските војни во 1913 г. селото е припоено кон Грција согласно Букурешкиот договор, кога броело 230 жители.[3]
При теренската работа во јужна Македонија во 1917-18 г. Боривое Милоевиќ го посетил Сакулево и ги проучил неговите родови, делејќи ги на староседели и доселеници.[16]
- Староседелци: Доневци — 4 куќи и Трајче Богое — 1 куќа, Линга — 1 куќа, Бешлиовци — 2 куќи, Бишкаровци — 3 куќи.
- Доселеници: Ѓулуковци — 2 куќи (дојдени од Совиќ ~ 1837 г.), Коте Азуро - 1 куќа (дојдена од Совиќ ~ 1852 г.), Пуфтевци - 6 куќи (дојдени од Сливица ~ 1857 г.), Таевци - 2 куќи (дојдени од Рамалија ~ 1862 г.), Ристо Неделко - 1 куќа (дојден од Паралово ~ 1867 г.), Параловци - 2 куќи (дојдени од паралово ~ 1882 г.), Кара Јоан - 1 куќа (дојден од Асаново ~ 1887 г.), Стојче Јарик - 1 куќа (дојден од Асаново ~ 1887 г.), Трајко Сербез - 1 куќа (дојден од Пополжани ~ 1892 г.), Васил Марко - 1 куќа (дојден од Асаново ок. 1897 г.), Неделко Рамалиец - 1 куќа (дојден од Рамалија ~ 1902 г.), Кривашија - 4 куќи (дојдени од Асаново ~ 1903 г.), Србин - 1 куќа (дојден од Рамалија ~ 1904 г.), Ричко - 1 куќа (дојден од Асаново ~ 1904 г.), Најдо Цуце - 1 куќа (дојден од Долно Каленик ~ 1914 г.)
Милоевиќ забележал дека селото имало неколку задруги, кои месно се нарекувале друштва. Тоа биле куќите на Кара Јоан, Неделко Рамалиец, Србиновци и една куќа на Ѓулуковци. Спомнува дека куќите во селото се изградени од ќерпич.[17]
Во 1920 г. Сакуелво е заведено со 263 жители кои во 1928 г. биле 329.[3] Истата 1928 г. властите го преименувале селото во Марина.[18] Во меѓувоениот период селото значително пораснало, па во 1940 г. во него се попишани 488 лица.[3]
Поради Граѓанската војна 20 семејства и неколку поединци од Сакулево пребегале во Р Македонија, па во 1951 г. селото се намалило на 370 лица. Намалувањето продолжило и во следниот период поради иселување во прекуокеанските земји.[3] По извесни десетлетија устојчивост, на почетокот на XXI век населението на Сакулево се смалило наполу.
Remove ads
Население
Преглед на населението во сите пописни години, од 1940 г. до денес:
- Извор за 1940-1991 г.: Т. Симовски, Населените места во Егејска Македонија
Стопанство
Селото важи за богато. Се произведува многу жито, компири, грав и бостан.[3]
Личности
- Илија Страхила — револуционер од МРО
- Ило Марчев — деец на МРО, војвода на селска чета во Леринско за време на Илинденското востание, дел од одредот на Алексо Џорлев кој дејствувал на Кајмакчалан[19]
- Никола Параловски (? – 1909) — деец на МРО, сакулевски селски војвода[20]
- Дељо Атанасов Бешлијев — македонски револуционер од ВМОРО.[21]
- Леонида Д. Белишевски — комунистички деец
- Ристо Л. Белишевски — комунистички деец
- Пандо Л. Дафовски — комунистички деец
- Улјан Л. Дафовски — комунистички деец
- Петре Т. Дафовски — комунистички деец
- Ламбо Г. Дафовски — комунистички деец
- Михали Д. Дафовски — комунистички деец
- Филко Кривошиевски — комунистички деец
- Менка Кривошиевска — комунистички деец
Remove ads
Поврзано
Наводи
Надворешни врски
Wikiwand - on
Seamless Wikipedia browsing. On steroids.
Remove ads