Слободан Јовановиќ (политичар)
From Wikipedia, the free encyclopedia
Remove ads
Слободан Јовановиќ (српски: Слободан Јовановић; 3 декември 1869 – 12 декември 1958) ― српски и југословенски писател, историчар, правник, филозоф, книжевен критичар, дипломат, политичар и еден од најистакнатите интелектуалци на своето време. Бил професор на Правниот факултет во Белград (1897—1940), ректор на Универзитетот во Белград (1913–14 и 1920–21) и претседател на Српската кралска академија (1928–1931). Учествувал на Париската мировна конференција (1919) како стручњак на југословенската влада.[1]
За други значења на поимот, погл. Слободан Јовановиќ.
Јовановиќ бил заменик-премиер (март 1941 - јуни 1942) и премиер на кралската југословенска влада во егзил во Лондон помеѓу јануари 1942 и јуни 1943 година. По Втората светска војна, новите комунистички власти на Југославија го осудиле во отсуство на 20 години затвор. Јовановиќ останал на слобода до крајот на својот живот во Лондон.
Remove ads
Животопис

Слободан Јовановиќ е роден во Нови Сад, Австроунгарија (денес во Србија) на 3 декември 1869 година од политичарот Владимир Јовановиќ и неговата сопруга Јелена.[2] Тој, наводно, бил првиот Србин кој го добил името „Слободан“ (значејќи „слобода“), додека неговата сестра го добила името Правда.[3] Одлично образование добил во Белград, Минхен, Цирих и Женева, каде што дипломирал како правник. Од 1890 до 1892 година завршил последипломски студии по уставно право и политички науки во Париз пред да стапи во српската служба за надворешни работи. Во 1893 година бил назначен за политичко аташе во српската мисија во Константинопол, каде што останал неколку години.[4][5] Во тоа време тој почнал да пишува и да ги објавува неговите написи за книжевна критика во различни публикации низ целата земја.
Тој на крајот ја напуштил дипломатската служба во корист на академските и книжевните определби и станал автор и книжевен критичар за неколку значајни весници од тоа време.[6] Во 1897 година бил назначен за професор на Правниот факултет на Универзитетот во Белград.[7] За време на Балканските војни и Првата светска војна, бил началник на српското Бирото за печат при Канцеларијата за војна.[8] Во овој период Јовановиќ се запознал со Драгутин Димитријевиќ Апис и пишувал позитивно за него.[9][10] Набргу по основањето на Кралството на Србите, Хрватите и Словенците, во 1920 година, Стојан Протиќ, како премиер на Привременото национално претставништво, го назначил Јовановиќ за претседател на повеќе-етнички комитет за изготвување устав заедно со Коста Кумануди, Богумил Вошњак, Ладислав Полиќ и Лазар Марковиќ кои подоцна истата година го претставиле првиот нацрт на она што подоцна ќе стане Видовдански устав.[11]
Повеќе од четири децении Јовановиќ предавал на Правниот факултет стекнувајќи углед на авторитет на уставното право и српскиот јазик и книжевност. Бил ректор на Универзитетот во Белград во два одвоени прилики и декан на Правниот факултет.[12] Јовановиќ се приклучил на Српската кралска академија во 1908 година и бил нејзин претседател од 1928 до 1931 година.[13] Бил и дописен член на Југословенската академија на науките и уметностите во Загреб од 1927 година.
Слободан Јовановиќ бил критичар на Чистата теорија на правото на Ханс Келсен.[14] Неговите првични забелешки се однесуваат на односот на теоријата на Келсен со другите германски теоретичари во тоа време. Тој го сметал Келсен за иновативен „млад“ теоретичар, но сметал дека неговата рамка не е толку различна од класичните теории што Келсен, според мислењето на Јовановиќ, се обидел да ги нападне. Имено, Јовановиќ поставил дека посебната положба на Основната норма за Келсен може да се сведе на рамката на покласичните германски теории, во кои државата е правно лице од кое потекнува правниот систем, и обратно.[15] Јовановиќ сметал дека ова е маана на правниот позитивизам на Келсен што ја прави теорија која не се однесува вистински на потеклото на правото, бидејќи не успева вистински да го одвои во анализата правниот систем од државата како чинител. На овој начин Јовановиќ отфрла анализа која целосно би го развела човекот како правно суштество, од човекот како политичко.[16]
Јовановиќ имал одредено влијание врз политичкиот живот во Кралството Југославија поради неговиот добро воспоставен авторитет во областа на правото и историјата,[17] но директно навлегол во политичкиот живот дури во 1939 година кога бил основан Српскиот културен клуб и бил назначен како претседател на клубот.[18]

Тој бил прозападен политичар и кога се случил прозападниот воен удар во Белград на 27 март 1941 година, била поставена прозападна, во суштина пробританска влада на чело со генералот Душан Симовиќ. Јовановиќ бил вицепремиер во таа влада.[19] Германија ги нападнала кралствата Југославија и Грција на 6 април и набрзо ги поразил југословенските и грчките сили. Јовановиќ се преселил во средината на април заедно со кралот Петар II и другите министри во кабинетот во Ерусалим и во јули стигнал до Лондон. Тој станал премиер на југословенската влада во егзил за време на Втората светска војна на 11 јануари 1942 година и остана на таа функција до 26 јуни 1943 година.[20]
Суден во отсуство во комунистичката Југославија на Јосип Броз Тито, заедно со генералот Дража Михаиловиќ, тој бил осуден на 20 години затвор која никогаш не ги одлежал, како и губење на политичките и граѓанските права во период од десет години и конфискација на целиот имот и губење на државјанството.[21] Подоцнежните години ги поминал во егзил во Лондон (1945–1958).[22] Спомен плоча во чест на може да биде најдена во Лондон во ул. „Квинс Гејт Гарденс“ 39б, Кенсингтон. Текстот на плочата гласи: „Професор Слободан Јовановиќ, српски историчар, книжевен критичар, правен изучувач, премиер на Југославија“ (изворно на англиски: Professor Slobodan Yovanovitch, Serbian historian, literary critic, legal scholar, Prime Minister of Yugoslavia).[23]
По неслужбената рехабилитација во 1989 година, неговите собрани дела биле објавени во 1991 година.
Remove ads
Наследство


Јовановиќ бил одликуван со Орденот „Османие“ и Орден на Свети Сава.[24]
Во Србија, тој е сметан за еден од највлијателните либерали[25] и политички мислители на почетокот на векот.[26] Голем број негови дела за голем број идеи како што се Макијавеловите и Платоновите идеи за државата се тековни и денес.[27]
Водечкото српско списание „Политика“ по повод неговиот 70-ти роденден заклучило дека „неговото име е врежано како највисок врв на нашата култура досега“.[28]
Remove ads
Дела
Неговите собрани дела биле објавени во 17 тома во 1939–1940 година. Тие ги содржат резултатите од неговиот незапирлив труд како писател, професор и политичар шеесет години и фрлаат значителна светлина врз балканската историја од првата половина на 20 век, како и врз самиот автор. Иако неговите дела не биле службено забранети, секое ново издание на неговите книги не било дозволувано во СФРЈ до крајот на 1980-тите. Конечно, новото издание на неговите собрани дела било објавено во Белград во 12 тома во 1991 година.
Од 2003 година, неговиот портрет се појавува на банкнотата од 5000 динари, а неговата биста стои на Правниот факултет во Белград. Неговата службена рехабилитација била сторена на 26 октомври 2007 година од страна на судот во Белград.[29][30] Од 10 декември 2011 година, платото пред Правниот факултет во Белград го носи неговото име.[31]
- О суверености [За сувереноста], Белград, 1897.
- О дводомном систему [За дводомниот систем], Белград, 1899.
- Велика народна скупштина [Големо народно собрание], Белград, 1900.
- Српско-бугарски рат. Расправа из дипломатске историје. [Српско-бугарска војна. Расправа од дипломатската историја], Белград, 1901.
- Светозар Марковић [[[Светозар Марковиќ]]], Белград, 1903.
- Основи правне теорије о држави [Основа на правната теорија за државата], Белград, 1906.
- Основи јавног права Краљевине Србије [Основа на јавното право на Кралството Србија] (во 2 тома), Белград 1907–1909.
- Макијавели, Белград, 1907.
- Политичке и правне расправе [Политички и правни расправии] (во 2 тома), Белград, 1908–1910.
- Уставобранитељи и њихова влада [Уставобранителите и нивната влада] Белград: Српска кралска академија, 1912.
- Универзитетско питање [Универзитетско прашање], Белград, 1914.
- Вођи француске револуције [Водачи на француската револуција], Белград, 1920.
- О држави [За државата] (неговото најважно дело), Белград, 1922.[32]
- Друга влада Милоша и Михаила [Втората власт на Милош и Михаило], Белград, 1923.
- Уставно право Краљевине Срба, Хрвата и Словенаца [Установното право на Кралството на Србите, Хрватите и Словенците], Белград, 1924.
- Влада Милана Обреновића [Власта на Милан Обреновиќ] (во 2 тома), Белград: Геца Кон, 1926–1927.
- Влада Александра Обреновића. [Власта на Александар Обреновиќ] (во 2 тома), Белград: Геца Кон, 1929–1931
- Из историје политичких доктрина [Од историјата на политичката доктрина], Белград, 1935.
- Гледстон [Гледстоун, Белград: Југо-исток, 1938.
- Амерички федерализам [Американски федерализам], Белград, 1939.
- Примери политичке социологије, Енглеска, Француска, Немачка 1815–1914 [Примери на политичка социологија, Англија, Франција, Германија 1815–1914], Белград, 1940.
- О тоталитаризму [За тоталитаризмот], Париз, 1952.
- Један прилог за проучавање српског националног карактера [Еден прилог за проучување на српскиот национален карактер], Винздор, Канада, 1964.
- Записи о проблемима и људима [Записи за проблемите и луѓето], Лондон, 1941–1944, 1976 (објавено).
- Tito and the Western World [Тито и Западниот свет], Лондон (препечатено од The Eastern Quarterly), 1952, стр. 6.
- On the New Machiavellism [За новиот макијавелизам], Лондон (препечатено од The Eastern Quarterly), 1952, стр. 5.
Remove ads
Наводи
Извори
Дополнителна книжевност
Надворешни врски
Wikiwand - on
Seamless Wikipedia browsing. On steroids.
Remove ads